• вторник, 05 ноември 2024

Јаневски: Бројот на туристи зголемен за 30,1 отсто

Јаневски: Бројот на туристи зголемен за 30,1 отсто

Скопје, 24 август 2023 ( МИА) -  Бројките за првите шест месеци од годинава се оптимистички и значат опоравување на туристичката индустрија во државава. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во првите шест месеци од годинава, во однос на претходната, бројот на туристи е зголемен за 30,1 отсто. Кај домашните туристи има зголемување за 2,8, а кај странските за 46,8 отсто, изјави  денеска  директорот на Агенција за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.

Во првите шест месеци од годинава, се бележи зголемување на бројот на ноќевања за 18,8 отсто во однос на истиот период лани, при што кај домашните туристи има намалување за 1,2 отсто, а кај странските зголемување за 32,9 отсто.

Развојот, како што истакна на денешниот настан на кој ги презентираше програмските активности, согласно Стратешкиот план на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2024 година,  ќе биде насочен, како кон зголемување за бројот на туристи и развојот на нови продукти, така и кон нови туристички капацитети.

-Предизвиците на туризмот значат мотивација за постигнување позитивни резултати кои не можат да се постигнат без заедничка работа на сите работници во туристичката индустрија. Доколку го компарираме учеството на туризмот во бруто домашниот производ  - БДП каде што во 2011 година изнесувал 0,4 отсто, во 2018 година е 2,4 отсто, додека во 2022 година изнесува 3,6 отсто, достигнувајќи 481 милион долари. Доколку ги споредиме првите квартали на приливот од туризмот, во последните пет години, и покрај пандемијата која започна во 2020 година, нема забележано пад, што не може да се случи, доколку изостанува планирање, мерливост и евалуација на стратешките планови во АППТ, рече Јаневски.

За првпат годинава, посочи во првиот квартал туризмот во  македонската економија влеал 93 милиони долари, што е за 19 отсто повеќе од истиот период од минатата година, односно за 41 отсто повеќе од 2019 година.

-Тоа со право не охрабрува да констатираме дека сме на вистински пат да ги зацртаме целите и да продолжиме кон целта, за да можеме да ја надминеме најуспешната 1988 година во македонскиот туризам со над 3,7 милиони ноќевања, вели Јаневски.

Тој напомена дека главниот фокус е претставен, и  на туристичките сегменти, како што се: културен туризам, еко – туризам, рурален туризам, како и ено – гастро туризмот, нудејќи ја македонската кујна позната по нејзината разновидност и автентичност. Според него, визијата на АППТ е насочена кон реорганизација на институцијата, со поголеми ингеренции, со професионален тим, партнер и сервис на стопанството со влијание во туристичката дејност, кој е главен промотор на туристичката понуда на РСМ и двигател на клучните процеси во туризмот.

-Реархитектуриањето на македонскиот туристички сектор мора да се случи во наредниот пет годишен период, а дотогаш да се постигнат целите за 2025 година од 3,7 милиони ноќевања, 600 милиони долари од туризмот или повеќе од 4 отсто од БДП, како и повеќе од 45.000 вработени во туристичко-угостителската дејност.

Последните две години, како што оцени, го рангираа македонскиот туристички сектор на многу високи места според Светската туристичка организација (СТО). Во 2019 година земјава со раст од повеќе од 25 проценти на бројот на ноќевањата беше втора во Европа, во 2021 година и покрај пандемијата бевме петти во светот според растот на странските туристи, а во 2022 година во првите 10 според девизниот прилив и туристичкиот промет во туристичката индустрија.

-Тековнава 2023 година го покажа своето дијаметрално различно лице во туризмот, односни имаме пазари во кои бевме во минус и се уште сме во минус поради субјективни и објективни причини и пазари кои дадоа дополнителен скок и веќе се надминати резултатите од 2019 година. Сега по многу нешта 2019 година веќе не е референтна во туристичката индустрија, бидејќи туристичките текови и случувањата во туризмот веќе ги надминуваат очекувањата на најоптимистичките стручњаци и експерти на ова поле, порача Јаневски.

АППТ  според стратешкото планирање за 2023 година, додаде, очекува да има девизен прилив од туризмот во износ од 530 милиони долари. За годинава најмногу ноќевања, околу 200 илјади се планира да се остварат од туристите од Турција.

Најмногу туристи во земјава доаѓаат од Турција, Србија, Грција, Германија и Бугарија. Токму кај туриститите од Бугарија има пад од 60 проценти што се должи на моменталните политички односи и попречувањето на нашите евроинтеграциски процеси. Најголем дел од туристите, пак, учествуваат во таканаречените кружни тури во земјите од регионов. љм/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан