• вторник, 24 декември 2024

Филипче: Индискиот сој на вирусот потврден кај уште еден пациент

Филипче: Индискиот сој на вирусот потврден кај уште еден пациент
Скопје, 19 јуни 2021 (МИА) - Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека индискиот сој на Ковид-19 е потврден кај уште еден пациент во државата. Пациентот се лекувал во приватна болница, а неговата состојба е под контрола. -Станува збор за колега на првооткриениот случај со овој мутиран сој кај нас кој беше регистриран на 7 јуни. И двајцата биле на работа во Ирак. Со истиот лет се вратиле во земјава, но кај вториот пациент симптоми се појавиле подоцна. Состојбата е под контрола и овој пациент не е ризик, изјави денеска Филипче по посетата на Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“ во Битола, одговарајќи на новинарско прашање. Тој посочи дека засега епидемиолошките анкети кои се правени покажале дека не постои ризик, а со тоа и некаква потреба од некакви дополнителни мерки. Според министерот Филипче, сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот. -Стравување од индискиот сој или таква некоја евентуална нова форма на мутација која што може да биде позаразна од сегашните постои насекаде. Но, битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот. Кон крајот на месецов во Македонија ќе пристигнат поголеми количини на вакцини, рече Филипче.   Како што информира, на 28 јуни се очекуваат 100 илјади вакцини на „Фајзер“ преку КОВАКС-механизмот, а на 27 и 30 јуни треба да пристигнат 500 илјади вакцини на „Синовак“. -Останува само уште една недела до доаѓањето на значајно големи количини на вакцини. Секако нашите проценки беа дека во текот на летните месеци ќе заврши вакцинацијата на оној процент на граѓани којшто треба да се вакцинира за да се постигне колективен имунитет за да спремни ја дочекаме есента, додаде Филипче.  Министерот ги повика граѓаните од повозрасна категорија кои се пријавени а уште не се вакцинирани, да аплицираат повторно преку матичните лекари во системот „Мој термин“ за да се коригираат овие пропусти.бт/дма/

Остани поврзан