• петок, 05 јули 2024

Трет повик за поддршка на млади претприемачи за развој на идеи за социјални и зелени бизниси

Трет повик за поддршка на млади претприемачи за развој на идеи за социјални и зелени бизниси
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Во рами на проектот „RISE“ е отворен третиот повик за поддршка на млади претприемачи од регионот на Западен Балкан за развој на идеи за социјални претпријатија, преку кој им се нуди на младите едукативна и финансиска поддршка со цел да ги трансформираат идеите во бизниси кои им помагаат на заедниците и ја заштитуваат животната средина. Тимот на АРНО ги повикува македонските млади да формираат тимови и да аплицираат на повикот преку пополнување на формуларот до 31-ви октомври. Претставниците на АРНО, денеска на брифинг информираа дека учесниците кои ќе бидат избрани во идеациската фаза ќе имат можност да учат од искусни ментори и експерти за зелено буџетирање, видови на бизнис модели (покрај класичното продај-купи), ефективни и креативни комуникации со јавноста и слично.  Исто така, победничките тимови од првата фаза ќе добијат и финансиска поддршка (без обврска да регистираат ново правно лице, иако би биле силно охрабрени за таков чекор), и дополнително, на победниците ќе им следува и мини грант за регионална мобилност со кој ќе бидат во можност да посетат друга идеја/институција од регионот корисна за нивниот развој. - Во Европската Унија се зголемуваат фондовите за социјалните претпријатија, и одлично е што и кај нас ќе се носи закон за социјално претприемништво и оваа тема ќе биде се повисоко на агендата. АРНО ги охрабрува младите, но и колегите од здруженијата, медиумите, општините, приватниот сектор да се вклучат во програмите во каков формат, особено кога светот го „тресат“ енергетски, безбедносни и економски кризи. Ние преку друг натпревар во АРНО видовме како млади од соседна Грција уште пред седум години формираа енергетски задруги и зајакнаа цели села благодарение на социјален бизнис. Сведочиме за успеси и на наши млади и очекуваме тие и сега да покажат иновативност, оптимизам и амбиција, изјави Марјан Ицоски, координатор на проектот во АРНО. Во првите две изданија на RISE на регионално ниво поддржани се вкупно 274 млади и 88 идеи од Западен Балкан, од кои денес дел прераснаа во функционални социјални бизниси, освоија и други регионални награди, грантови и го привлекоа вниманието на донаторите и медиумите. Преку оваа програма млади луѓе од регионот основаа социјални бизниси кои преку изработка на облека и модни додатоци интегрираат жени-бегалки во Србија, овозможија планинарски тури за промоција на локален алтернативен туризам и поддршка на локалното население во Валона, Албанија  воведоа нов концепт на градинка на отворено, камп,  во Штип и многу други успешни приказни. Поради успехот и препознаениот потенцијал на социјалната економија за развој на регионот, проектот RISE покрај изминатите три, ќе работи со младите и во наредните три години преку јакнење на нивните капацитети и вмрежување на сите чинители. Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group), Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ). Го спроведуваат шест локални инкубатори, АРНО (Северна Македонија) Балканска Зелена Фондација (Косово)*, Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија).  RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија.см/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан