• петок, 22 ноември 2024

Совет на амбасадори: Посетата на Петков позитивен чекор за унапредување на односите

Совет на амбасадори: Посетата на Петков позитивен чекор за унапредување на односите
Скопје, 21 јануари 2022 (МИА) - Здружението за меѓународна политика „Совет на амбасадори“ ја оценува неодамнешната посета на Северна Македонија од страна на бугарскиот премиер, Кирил Петков како позитивен чекор во насока на унапредување на односите меѓу двете соседни земји и давање нов импулс на продолжување на разговорите околу спроведувањето на Договорот за добрососедство и обврските кои произлегуваат од него за двете страни. - Советот на амбасадори забележува дека во разговорите на премиерот Петков, водени со премиерот Димитар Ковачевски, со претседателот Стево Пендаровски и со останати функционери, претставници на Парламентот и на политички партии од позицијата и опозицијата се направени одредени отстапки, што говори за подготвеноста на двете држави да најдат соодветни одговори на предизвиците содржани во Договорот, кои би придонеле кон приближување на моментот во догледно време да отпочнат преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, соопшти Советот на Амбасадори. Советот ја цени добрата волја и определбата на двајцата премиери одредените недоразбирања меѓу двете земји да се надминуваат преку засилен дијалог, соработка и компромисни решенија во рамките на Договорот за добрососедство. - Советот на амбасадори смета дека препораката на бугарскиот премиер, испратена преку медиумите, до највисоките македонски политички раководители за именување на „млад, бизнис ориентиран и прагматичен амбасадор“ на Северна Македонија во Бугарија не соодветствува со практиките за спроведување на Виенската конвенција за дипломатски односи, бидејќи предлогот за амбасадор, вклучувајќи ги сите негови одлики е во надлежност на земјата испраќач, а не е во надлежност на земјата на приемот, се вели во соопштението. мс/са/    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан