• среда, 25 декември 2024

Советничка на ОН: Негативно влијание на кризата во Украина врз Западен Балкан

Советничка на ОН: Негативно влијание на кризата во Украина врз Западен Балкан
Њујорк, 6 април 2022 (МИА) - Специјалната советничка на ОН за спречување на геноцид, Алис Ваириму Ндериту, предупреди на негативното влијание на кризата во Украина врз другите делови на Европа и повика на „превенција во регионот на Западен Балкан“, објави вечерва Гласот на Америка. За време на нејзините посети на регионот, специјалната советничка истакна дека многу соговорници алудирале на сериозен недостиг на доверба, недоволна посветеност на политичарите за оздраување и градење доверба, динамика на поделбите што се користи за политички цели, како и недоволен простор за работа на локалните застапници за мир. - Во изминатите шест недели, конфликтот во Украина ја влоши оваа динамика, со говор на омраза - вклучувајќи отворено оправдување на насилството врз членовите на една национална група, повикување на религијата како оправдување за насилство или усогласување на националните аспирации со целите на завојуваните страни во украинскиот конфликт, истакна Ндериту. Таа истакна дека „Западен Балкан останува критичен за клучните играчи чии геостратешки интереси се среќаваат во регионот и не е изненадувачки што се зголемува вознемиреноста кога споровите околу геостратешките интереси создаваат непремостливи страдања во Украина“. Ндериту смета дека главниот извор на поделби во Западен Балкан продолжува да доаѓа одвнатре, а не однадвор, и затоа најсилните напори за намалување на ризикот ќе треба да дојдат и од самиот регион, а приоритет треба да бидат иницијативите за зближување на луѓето во регионот. Специјалната советничка на ОН за спречување на геноцид, исто така, рече дека ги осудува „вознемирувачките случувања во Буча“, каде е извршен масакр на цивили во тој украински град, додавајќи дека е „ужасната од сцените што укажуваат на многу сериозни знаци за можни воени злосторства“. Ндериту ги повтори повиците на генералниот секретар на ОН, високиот комесар на ОН за човекови права и постојаниот координатор на ОН во Украина за итен прекин на огнот и ефикасна и независна истрага што ќе доведе до кривична одговорност за убиството на цивили во Буча. гт/

Остани поврзан