• вторник, 24 декември 2024

Пуштен во употреба новиот стерилизатор за медицински отпад во ЈП Дрисла

Пуштен во употреба новиот стерилизатор за медицински отпад во ЈП Дрисла
Скопје, 21 февруари 2022 (МИА) - Во Јавното претпријатие Дрисла - Скопје денеска е пуштен во употреба новиот Автоклав, односно стерилизатор за медицински отпад. Системот, како што појасни директорот на претпријатието Јане Мицевски, е опремен со шредер кој го дроби отпадот на мали тенки парчиња и го намалува за 80 посто волуменот на медицинскиот отпад. Машината, додаде тој, е дизајнирана за дробење и стерилизација на отпад како што се игли, шприцеви, завои, гази, сечила, стакло, катетри и друг отпад од работењето на клиниките, болничките центри, болници, ветеринарни болници и лаборатории. - Со новопристигнатиот стерилизатор, односно автоклав за медицински отпад кој е иновативен систем, целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет, од познатата италијанска марка ЦИСА, Дрисла станува современа депонија. Сувата вакуум пумпа, придонесува за заштеда на потрошувачка на вода за дури 98 проценти, а системот за заштеда на енергија обезбедува еколошка безбедност и не дозволува инфективниот воздух да ја загадува околината, рече Мицевски. Машината, додаде, користи еколошка технологија, која ги намалува трошоците за отстранување на медицински отпад, притоа минимизирајќи го ризикот од вкрстена контаминација бидејќи целиот процес се врши во еден сад. Старата печка, пак, рече дека е планирано да се реновира оваа година и да служи како резервна варијанта. Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, истакна дека овој тип на обработка на медицинскиот отпад е по најсовремените стандарди со кои се штитат животната средина и здравјето на граѓаните. - Конечно Дрисла почнува со процесот на модернизација односно со осовременување на третирањето на медицинскиот отпад. Повеќе нема да има несоодветно, односно несовесно согорување на медицински отпад  којшто досега беше третиран практично како обичен отпад. Ќе се потрудиме целосно да ги модернизираме сите процеси во рамки на ЈП Дрисла. Со оваа инвестиција, исполнети се сите стандарди кои се неопходни за третирање на медицински отпад и Дрисла се трансформира официјално во една модерна депонија која ќе продолжи да применува современи технологии за управување со отпадот, а целиот свој капацитет и потенцијал ќе биде ставен исклучиво во служба на граѓаните, нагласи градоначалничката Арсовска. мс/са/      

Остани поврзан