Папата Лав XIV му одговори на Трамп: Не се плашам, мојата мисија е мирот
- Папата Лав XIV денеска ги отфрли острите критики што американскиот претседател Доналд Трамп ги упати на негова адреса по изјавите за војната на САД и Израел во Иран, порачувајќи дека повиците на Ватикан за мир и помирување се длабоко вкоренети во Евангелието и дека тој не се плаши
Ватикан, 13 април 2026 (МИА) – Папата Лав XIV денеска ги отфрли острите критики што американскиот претседател Доналд Трамп ги упати на негова адреса по изјавите за војната на САД и Израел во Иран, порачувајќи дека повиците на Ватикан за мир и помирување се длабоко вкоренети во Евангелието и дека тој не се плаши од администрацијата на Трамп.
„Да се стави мојата порака на исто ниво со она што претседателот се обиде да го направи овде, мислам дека не покажува разбирање за пораката на Евангелието“, изјави папата, додавајќи дека му е жал за таквите коментари, но дека ќе продолжи со она што го смета за мисија на Црквата во денешниот свет.
In response to a personal attack by President Donald Trump the night before, Pope Leo told journalists on the papal plane to Algeria:
— Courtney Mares (@catholicourtney) April 13, 2026
“I have no fear of the Trump administration or speaking out loudly of the message of the Gospel, which is what I believe I am here to do, what… pic.twitter.com/zV6FuacGSM
Првиот папа роден во САД нагласи дека неговите општи апели за мир и критиките за „илузијата на семоќност“ не се директен напад врз Трамп, туку укажување на факторите што го поттикнуваат конфликтот во Иран и другите судири ширум светот.
Трамп претходно упати исклучително остар напад преку социјалните мрежи и пред новинарите, велејќи дека поглаварот на Католичката црква „не си ја врши добро работата“, дека е „многу либерална личност“ и дека треба „да престане да ѝ се додворува на радикалната левица“.
Трамп дополнително објави слика генерирана со вештачка интелигенција на која е прикажан со светителски ореол во библиска облека. Оваа ескалација се случува во моменти на кревок прекин на огнот, додека папата, кој денеска пристигна во Алжир, порача дека Бог „не ги слуша молитвите на оние што водат војна, туку ги одбива бидејќи нивните раце се полни со крв“. ссм/
фото: ЕПА