• петок, 22 ноември 2024

Нуредини: Градиме партнерство со ОБСЕ и соседните земји за справување со ризиците од климатските промени 

Нуредини: Градиме партнерство со ОБСЕ и соседните земји за справување со ризиците од климатските промени 

Скопје, 12 октомври 2022 (МИА) - Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини учествуваше на тркалезната маса „Регионална отпорност: Примери за климатско-безбедносна соработка од Југоисточна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија“, во рамки на Берлинската конференција за климатска безбедност.

- Шар Планина и масивот Кораб како област е еден од седумте заеднички идентификувани жаришта каде влијанието на климатските промени претставува ризик за безбедноста на населението и природата. Во моментов, во рамките на Проектот на ОБСЕ, заедно со нашите соседи Албанија и Косово, работиме на изнаоѓање заеднички мерки за справување со идентификуваните ризици во овој природен резерват, истакна Нуредини во своето обраќање на форумот преку видео-конференциска врска. Тој нагласи дека токму иницијативата на ОБСЕ претставува голем чекор напред за зближување на агендите за зачувувањето на природата и безбедноста, притоа поставувајќи го како еден од првите примери на ваква меѓусекторска соработка и перспектива за нашиот регион.

Како што информира Министерството, Северна Македонија во ноември ќе биде домаќин на регионална работилница на ОБСЕ во Маврово, на која ќе се разговара за можностите за соработка како дел од овие програмски активности. Во ова прилика Нуредини се осврна и на претстојната Конференција на страните на Рамковна конвенција на Обединетите нации за климатски промени (УНФЦЦЦ) - КОП27 која, како што посочи, ќе овозможи да се зајакне духот на соработка и да се овозможи напредок во адаптацијата, ублажувањето и финансирањето на климата како клучни за справување со широкиот спектар на ризици генерирани од климатските промени. - Одлуката на Министерскиот совет на ОБСЕ за климатските промени која беше усвоена минатата година во декември во Стокхолм обезбедува одлична политичка рамка за зајакнување на таквата соработка. Следната година, мојата земја ќе претседава со ОБСЕ и климатските промени и нивните влијанија врз безбедноста ќе бидат дел од нашите приоритети, заклучи министерот Нуредини. Од МЖСПП информираат дека Северна Македонија е дел од регионалниот проект на ОБСЕ за климатски промени и безбедност од почетокот на 2020 година со што се иницираа разговори меѓу различни сектори од земјите учесници и соседите за начините за заедничко справување со климатските промени. ки/сп/ 

Остани поврзан