• недела, 22 декември 2024

Нацрт-заклучоци на ЕУ Советот: Потребни изборни ревизии и следење на препораките на Антикорупциска комисија

Нацрт-заклучоци на ЕУ Советот: Потребни изборни ревизии и следење на препораките на Антикорупциска комисија

Брисел, 3 ноември 2022 (МИА) – МИА дојде до нацрт-заклучоците на земјите-членки на ЕУ по објавувањето на извештајот за напредокот на Северна Македонија, во коишто е поздравен прогресот, но потребни се дополнителни напори, јави дописничката на МИА од Брисел.

Советот на ЕУ се очекува да го поздрави отпочнувањето на преговарачкиот процес со ЕУ како „признание за напредокот“ на Северна Македонија на реформскиот пат кон ЕУ, и ќе го поздрави напредокот во процесот на скрининг на законодавството од страна на Европската комисија.

Се очекува да се потсети дека по локалните избори во октомври 2021 Северна Македонија треба да изврши „сеопфатна ревизија на изборното законодавство“ и да продолжи да ги следи препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија во оваа област.

Во делот на судството нацрт-заклучоците го поздравуваат досегашниот напредок, но се бараат издржани напори за независност, непристрасност, и професионализам на судскиот систем во земјата. Потребни се поголеми напори за систематска имплементација на акцискиот план за судски реформи како и на стратегиите за човечки ресурси во судството и обвинителството.

Советот ја истакнува и важноста институциите на државата да ги следат препораките на Државната комисија за спречување на корупција која „проактивно продолжи со работа и отвори повеќе случаи, вклучително и против високи функционери“, порачуваат земјите-членки на ЕУ. Северна Македонија треба исто така да ги зајакне темелните права, слободата на медиумите и слободата на изразување, оценува ЕУ.

Реформата на јавната администрација се смета за ограничена и се бара обезбедување на принципите на транспарентност, заслуга и еднакво застапување.

Се поздравува напредокот во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и ветувањето на владата дека ќе ги забрза реформите во оваа област. Тука се потсетува дека за овој напредок е потребен ангажман и од власта и од опозицијата во конструктивен дух.

Добро е оценета реформата на безбедносните и разузнавачките служби, но се потсетува дека е суштински потребно зајакнување на капацитетот на собранискиот надзор.

Во делот на добрососедските односи, нацрт-заклучоците за сега се однесуваат на потребата за опипливи резултати и имплементација на билатералните договори во дух на доверба.

Северна Македонија е одлично оценета во делот на усогласувањето на својата надворешна политика со таа на ЕУ.

Овие нацрт заклучоци ќе претрпат уште измени во наредните недели и служат за подготвување на крајните заклучоци што Советот на ЕУ ќе ги објави во декември за сите земји од проширувањето, врз основа на наодите на Европската Комисија и нејзиниот годишен извештај. тм/нд/

Остани поврзан