• петок, 22 ноември 2024

Нанев: Сè уште нема институција исклучиво за девојчиња, ВПД во Волковија е само за момчиња

Нанев: Сè уште нема институција исклучиво за девојчиња, ВПД во Волковија е само за момчиња
Скопје, 15 септември 2022 (МИА) - Во моментов во Воспитно-поправниот дом Идризово, каде се сместуваат женски деца, кои дошле во судир со законот, а на кои им е изречена казна упатување во воспитно-поправен дом, нема штитенички, бидејќи на трите девојчиња кои биле таму им е истечена мерката. Во ВПД-Идризово, девојчињата се сместуваат во посебен простор, кој сепак е дел од затворот и кој не е приспособен за издржување на оваа мерка, така што штитеничките кои пристигнуваат таму всушност се изложени на влијанија од полнолетните женски лица кои издржуваат мерка затвор. Судијата Лазар Нанев денеска на прашање на МИА за условите на девојчињата во ВПД информира дека од минатата недела сите деца, женски, коишто се наоѓале во одвоениот дел во Идризово, се отпуштени и нагласи дека државата, односно правосудниот систем успеал да креира нови алатки. - Тоа е уште еден показател дека сме заеднички посветени, правосудниот систем и државните органи да создаваме услови во средините, односно во семејството каде што доаѓаат децата. И ова е еден показател, односно една стратегија каде што центрите за социјална работа ќе ја имаат клучната улога во благосостојбата и најдобриот интерес на децата, истакна Нанев на маргините на денешната промоција на Националната стратегија за превенција и правда за децата 2022 – 2026 година и Акциски план 2022 - 2023 година. На прашањето што доколку има потреба од упатување други девојчиња во ВПД, Нанев рече дека сè уште нема институција исклучиво за девојчињата, бидејќи ВПД во Волковија е само за момчиња, така што тие би биле сместени повторно во Идризово. - Не можат да бидат сместени и девојчињата и момчињата во иста градежна целина. Исто ќе бидат сместени. Ние сè уште немаме посебна институција исклучиво за женски лица и нормално најголемиот дел од критиките доаѓа токму од меѓународната заедница во која насока треба да се движи државата. Една од нашите активности е токму во делот дека државата мора во наредниот временски период да изнајде решение, односно да создаде институција којашто според своите архитектонски градежни решенија ќе биде издвоена од КПД Идризово каде што казната ја издржуваат полнолетни машки и женски лица, додаде Нанев. МИА ја отвори оваа тема при посетата на ВПД - Волковија, каде забележавме одлични просторни услови за издржување на оваа мерка, меѓутоа објектот е наменет само за момчиња. Девојчињата на кои им е определена ова мерка се упатуваат во Идризово. Во сторијата на МИА за условите во импровизираниот ВПД за девојчиња во Идризово, која беше дел од серијалот стории за децата во судир со законот и воопшто за условите во кои ја издржуваа мерката упатување во ВПД, беше објавено дека кога имаат потреба од нешто, малолетничките, сместени во адаптирана соба во ходник во рамките на Казнено-поправната установа Идризово, се принудени да викаат преку прозорецот од тоалетот, бидејќи немаат уред за повик до службите. Овие штитенички, спротивно на законот, беа сместени во просторија која не обезбедува целосна изолација, односно оневозможување контакт со осуденичките со кои се во допир при добивање на храната и при користење слободно време за прошетка на отворено. Малолетничките беа сместени во една трошна и студена просторија за која во разговор со екипата на МИА изјавија дека понекогаш нема и вода. Единствена активност таму им е цртањето и прошетката во дворот, кој го делат со останатите возрасни затворенички и за кој мора да чекаат слободен термин. За разлика од нив, штитениците во Воспитно-поправниот дом - Тетово, каде лани беа сместени 21 момче, имаат уредни, опремени соби, тоалети, училници, вежбалница, игралишта на отворено, менза, работилници и многу други алтернативи со кои на креативни начини го исполнуваат нивното слободно време. Со штитениците во Волковија работи тим од воспитувачи, како и психолог, педагог и социолог, додека, во Идризово, малолетничките имаа само една воспитувачка која ја делат со сите останати затворенички. По сторијата на МИА, за нееднаквиот третман на девојчињата, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на 17 март 2022 година донесе одлука да поведе постапка по службена должност заради постоечки индиции за дискриминација врз основа на пол, род. Народниот правобранител на Република Северна Македонија, исто така, по сторијата на МИА оствари вонредна посета на КПУ Идризово, адаптираната просторија наменета за издржување на мерка „упатување во воспитно-поправен дом“, при што констатираше дека условите се несоодветни и образованието изостанува и повика на решавање на проблемот. Штитеничките потоа ги посети и министерот за правда Никола Тупанчевски и директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, а Тупанчевски во мај во изјава за МИА истакна дека двојчињата што издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, во несоодветни услови во КПУ Идризово, ќе бидат префрлени во ВПД-Тетово по обезбедувањето на кадровските услови.

Тој тогаш информира дека како резултат на забелешките на Народниот правобранител, Министерството за правда заедно со директорот на Управата за извршување на санкции, оствариле најавена посета на Казнено-поправната установа Идризово, а главниот повод, како што рече, бил во врска со девојчињата и забелешките кои се однесуваат на нивниот третман.

- Разговаравме и со директорот на затворот, меѓутоа разговаравме и со штитеничките. Во таа насока се обидовме уште еднаш на самото место да констатираме каква е состојбата. Во однос на тоа каква била претходно, има подобрување. Дали е соодветна, морам да ви кажам дека треба уште да работиме на таа проблематика. И она кое што беше како заклучок или како предлог, се движиме во насока, претпоставувам дека знаете дека ќе има префрлување, да, со тоа што има една работа што прво мора да се реши. Значи, потребни се службени лица од женски пол кои што ќе се грижат за девојчињата таму. Просторни услови има. Нема вработени во моментов, меѓутоа, дефинитивно се обидуваме или да вработиме нови или да прераспределиме од оние кои што во моментов се вработени, рече тој.

Во врска со крајниот рок, Тупанчески тогаш рече дека би требало да се реализира колку што е можно поскоро и дека не сакаат проблемот да биде решен само за трите малолетнички кои ја издржуваат мерката, туку системски.

- Знаеме дека работата не дозволува многу толерирање, не дозволува многу одлагање. Разговарав со директорот и рече дека прво ќе се обиде со изнаоѓање лица од КПУ Идризово да можат да бидат преместени во Тетово, во Волковија, потоа ќе видиме како ќе се движиме во таа насока. Со тоа што, знаете што, не го решаваме проблемот и не сакаме да го решиме само за овие тројца малолетници, туку напротив, воопшто, системски, затоа што имаме ние и други лица кои што исто така се под 18 години, а се на издржување на казната и исто би сакал и тие лица да бидат составен дел кај што ние како држава сме вложиле многу. Значи, просторни услови имаме, сега останува кадровските услови да ги обезбедиме. Знаете дека не е лесно, меѓутоа, дефинитивно работиме на таа проблематика и мислам дека ќе имаме резултати, изјави тогаш Тупанчевски. бк/ац/

Остани поврзан