• понеделник, 23 декември 2024

МП: Немаме издадено одобрение за употреба на името „Иван Михајлов“

МП: Немаме издадено одобрение за употреба на името „Иван Михајлов“
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Министерството за правда вели дека нема издадено одобрение за употреба на името „Иван Михајлов“ во името на здружението што беше отворено во април оваа година во Битола. Реакцијата на Министерството следи по денешниот заклучок на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација дека основањето на здружението Културен центар „Иван Михајлов“ – Битола е дискриминациски, а дека е извршена и индиректна дискриминација од страна на Министерството за правда. -Со оглед на тоа дека во називот на здружението – Културен центар „Иван Михајлов“, кое било во постапка и регистрирање во Централниот регистар на Република Северна Македонија, содржано е името на историска личност, а земен e предвид фактот дека не постои регистар на историски личности или кој било друг документ со кој може да се утврди статусот на историската личност, Министерството за правда не издаде одобрение за употреба на името „Иван Михајлов“ во името на здружението, се вели во реакцијата од Министерството. Појаснуваат дека „Известувањето дека не може да се даде согласност, значи дека нема одобрение од страна на Министерството за правда“. Од Министерството за правда велат дека немаат никаква надлежност да вршат надзор над работата на здруженијата, единствено се надлежни за надзор на законитоста на примената на одредбите од Законот. -Согласно член 58 од Законот за здруженија и фондации, Министерството за правда единствено е надлежно да врши надзор на законитоста на примената на одредбите од законот. Министерството за правда нема дадено согласност за употреба на името „Иван Михајлов“, пишува во соопштението. Во однос на постапката за регистрацијата на здружението, од Министерството велат дека до нив на 27 февруари 2019 година е доставено барање за давање на согласност за регистрација во Централен регистар. - Министерството за правда со допис од 5 март 2019 година година достави одговор на барањето со кое се известува подносителот дека согласно член 9 став (1) од Законот за здруженија и фондации Министерството за правда издава одобрение за употреба на зборот „Македонија“, зборовите изведени од него, како и неговите кратенки, за употреба во името на организацијата, посочуваат од Министерството. ки/ац/

Остани поврзан