• понеделник, 23 декември 2024

Можно олабавување на рестриктивните мерки, пад на новозаразени за четири проценти, достапна трета доза вакцина

Можно олабавување на рестриктивните мерки, пад на новозаразени за четири проценти, достапна трета доза вакцина
Скопје, 28 септември 2021 (МИА) - Вчерашната ковид-статистика покажа пад на бројот на новозаразени за три до четири процентни поени. Ако претходните денови бројот на нови случаи од вкупниот број на тестирани се движеше околу девет и 10, вчера тој процент беше 6,5. Од направени 1726 тестирања, вчера беа регистрирани 112 позитивни на коронавирусот или 6,49 отсто. Во претходното деноноќие беа регистрирани и 12 починати и оздравени 419. Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави можно олабавување на мерките ако граѓаните и угостителските објекти ги почитуваат протоколите. Тој рече дека очекува олабавување на рестриктивните мерки во претстојниот, зимски период, доколку граѓаните и угостителските објекти ги почитуваат протоколите. - Ако сите ги почитуваме мерките, бројките ќе паднат и ќе има можност за олабавување. Убеден сум дека ќе има олеснувања во зимскиот период ако вака се почитуваат мерките како сега, и од страна на угостителските објекти и од страна на граѓаните, но не можам да кажам дали ќе се укинат, истакна Бектеши. Вчера внимание предизвика веста дека моноклонална „коктел терапија“ со антитела, која лани ја прими поранешниот претседател на САД Доналд Трамп, ја има и кај нас и досега неа ја примиле 20 заболени од Ковид-19 со коморбидитети и хронични болести. - Моноклонална „коктел терапија“ со антитела се дава кај пациенти кои имаат повеќе коморбидитети и хронични болести, во претходна консултација со специјалистите и супспецијалистите кои ги третирале пациентите од почеток на појавата на инфекцијата со Ковид-19. Вкупно се набавени 1200 дози од лекот, а досега се искористени околу 20-тина дози, истакнуваат од Министерството за здравство. Станува збор за најсовремен метод на терапија за пациенти заболени од Ковид-19. Терапијата е коктел од две моноклонални антитела и се дизајнирани специјално за да ја блокираат инфективноста од САРС-КоВ-2 вирусот што го предизвикува заболувањето со Ковид-19. Во борбата против Ковид-19, од вчера кај нас достапна е трета доза вакцина за здравствените работници, граѓаните над 60 години и лицата кои имаат имунокомпромитирана здравствена состојба, а кај кои има поминато шест месеци од примената ревакцина. Во текот на минатата седмица, како што се посочува, јавните здравствени организации беа информирани дека здравствените работници независно од возраста, може да примаат трета доза вакцина, во кој било од вакциналните пунктови во земјава. Трета доза вакцина може да примат и граѓаните кои се вакцинирале во странство. Тие, задолжително на вакциналните пунктови, претходно ќе мора да приложат валиден документ од примените две дози вакцина, како би биле евидентирани во националниот систем „Мој Термин“. Трета доза вакцина може да се прими без да се закажува термин, како што е и за првите две дози. Вакцинацијата со трета доза се спроведува на сите вакцинални пунктови во државата, каде во тек е вакцинација и ревакцинација, информираат од Министерството за здравство. Досега се имаат вакцинирано над 780 илјади граѓани, а ревакцинирани се околу 715 илјади. Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 55 отсто од населението над 40 години и 31 отсто од населението од 18 до 39 години. Деновиве во државата пристигнаа и 100 илјади вакцини од компанијата „Фајзер“ преку системот Ковакс, а вкупно од овој производител има околу 250 илјади, 50 000 вакцини на „Синовак“ и околу 100 илјади вакцини од производителот „Астра Зенека“. Од Министерството за здравство очекуваат наскоро Данска да ја објави донацијата од 250 илјади вакцини од производителот „Џонсон“, кои имаат рок до 2023 година.
Според епидемиолошки анализи во моментов има 12.017 активни случаи од кои, во Скопје се 5629, Куманово - 941, Тетово - 932, Охрид - 515, Гостивар - 482, Кичево - 408, Струга - 365, Велес - 318, Струмица - 304, Прилеп - 294, Битола - 277, Штип - 227, Кавадарци - 211. Дојран и натаму со по еден активен случај.
Досега во земјата се направени вкупно 1.279.154 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 189.999 бројката на оздравени пациенти е 171.375, на починати е 6.607.
Според светската статистика, во светот досега се инфицирале со САРС-КоВ-2 околу 233 милиони луѓе, починале над 4,7 милиони, а оздравеле повеќе од 209 милиони лица. Во САД до вчера дадени се 390,1 милиони дози вакцини против Ковид-19, додека низ земјата се дистрибуирани 417,8 милиони дози, соопшти американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) на својата веб-страница. Целосно се вакцинирани 183,7 милиони граѓани (55,3 проценти), а 213,4 милиони луѓе примиле барем една доза (64,3 проценти), се наведува на сајтот на ЦДЦ. Дополнителна, трета доза на вакцината против коронавирус примиле 2,66 милиони луѓе од 13 август, кога ЦДЦ одобри употреба на трета доза за лица со ослабен имунитет. Директорката на Американските центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), Рошел Валенски, изјави дека во САД има одредена конфузија околу тоа кој треба да ја прими третата засилувачка доза на вакцината против Ковид-19. Досега е одобрена само засилувачката доза на Фајзер. Минатата недела, Валенски се согласи со повеќето препораки на советникот на ЦДЦ за давање засилувачка доза шест месеци по втората доза за одредени групи луѓе. Овие групи вклучуваат луѓе на возраст над 65 години, лицата во старските домови, како и луѓето на возраст од 50 до 64 години, кои имаат хронични здравствени проблеми, како што е дијабетес. Мала клиничка студија за комбинирана употреба на вакцината на Астра Зенека и доза Спутник Лајт против Ковид-19 покажа силен раст на антитела кај повеќето тестирани лица, објави вчера Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ). Податоците се собрани од 20 луѓе кои учествувале во студијата од 100 лица во Азербејџан, која почнала во февруари оваа година. Учесниците во истражувањето прво примиле вакцина на Астра Зенека, а 29 дена подоцна доза од Спутник лајт, соопшти РДИФ. - Според резултатите од привремената анализа, четирикратно зголемување на неутрализирачките антитела на протеинот САРС-КоВ беше откриено кај 85 проценти од доброволците на 57-от ден од студијата, се наведува во соопштението. Генералната секретарка на Амнести Интернешнл Агнес Каламар, во интервју за белгискиот весник Ле Соар, ги обвини фармацевтските компании дека намерно создале недостаток на вакцини продавајќи ги дозите по недостапни цени за сиромашните земји.

Извештајот кој го објави АИ минатата недела детално ги анализира процесите на производство и дистрибуција на шесте наголеми компании. Заклучокот е дека овие фирми не ги почитувале своите обврски пред меѓународното право и човековите права.

Каламар вели дека нема сомнеж дека овие фирми имаат капацитет и ресурси да одговорат на проблемите што ги имаат сиромашните земји да стигнат до вакцини и нагласува дека компаниите се во ситуација на монопол, што значи дека имаат контрола.

Освен АстраЗенека која одредено време ги продаваше дозите поевтино, генералната секретарка смета дека посебно Фајзер и Модерна ги направија вакцините достапни само за богатите земји.

Таа додаде дека во 2021 нема оправдување за фактот што нема излез од кризата за целиот свет. Тој излез, вели таа е вакцината, а механизмот за редистрибуција е Ковакс. Таа посочи дека му се дава предност на профитот на фармацевтските компании и дека е крајно време за вакцинална правда за целиот свет. ир/сп/

Остани поврзан