• понеделник, 13 април 2026

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 13 април 2026 (МИА) - На 12/13.04.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Ф.П.(22), Т.Ј.(19), С.С.(31), А.Т.(37), М.П.(26), О.В.(18), Г.А.(24) и А.Б.(41), сите од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана, бела прашкаста материја, бела грутчеста материја и седум куршуми. По целосно документирање на случаите, против нив ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 12.04.2026 во 23:25 часот во СВР Куманово е пријавено дека на улицата „Тоде Мендол" во Куманово  настанал пожар во паркирано возило „смарт брабус" со швајцарски регистарски ознаки. Неколку лица кои вдишале дим биле пренесени во Ургентен центар-Куманово за укажување на лекарска помош. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Куманово. Увид извршила екипа од СВР Куманово.

СВР Велес поднесе кривична пријава против А.И.(74) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 07.12.2025 во с.Подлес, велешко, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „сузуки“, кое било управувано од пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пушка ИЖ 27 Е и муниција.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против И.Б.(40) од село Ростуше, општина Маврово и Ростуше, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 24.10.2025 на паркинг простор во близина на село Долно Косоврасти, дебарско, полициски службеници извршиле преглед на паркирано патничко возило „опел тигра“, при што бил затекнат пријавениот како користи дрога, а при преглед во возилото биле пронајдени и одземени шише со метадон и кокаин.

На 12.04.2026 во 12:35 часот во СВР Тетово е пријавено дека на регионалниот пат Тетово- с. Јажинце, во с. Одри, четирицикл со тетовски регистарски ознаки, управуван од М.Ќ. (19) од с. Теарце, излетал од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот А.А. (20) од с. Слатино, кој бил пренесен за укажување лекарска помош во Комплекс клиники „Мајка Тереза" во Скопје. Со тешки телесни повреди се здобил и возачот М.Ќ., констатирани во Ургентниот центар во Тетово. Увид на лице место извршила екипа од СВР Тетово.

На 12.04.2026 во 20:10 часот, во ОВР Гостивар е пријавено дека во Медицинскиот центар- Гостивар бил донесен малолетник од с. Балиндол со тешки телесни повреди. Според пријавеното, околу 16:00 часот во близина на училиштето во селото, малолетникот бил удрен од возило кое го напуштило местото на настанот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот и расчистување на случајот. 

На 12.04.2026 околу 20:00 часот, во СВР Тетово е пријавено дека во Клиничка болница Тетово бил примен С.М. (35) од с. Порој, кој имал тешки телесни повреди. Според пријавеното, тој додека управувал скутер во нива во близина на Тетово, изгубил контрола и паднал. Увид на лице место извршила екипа од СВР Тетово.

На 12.04.2026 во 16:45 и 18:40 часот, полициски службеници од ОВР Неготино ги лишија од слобода Б.М.(37) и Ќ.С.(30), двајцата од село Корешница, демиркаписко, постапувајќи по претходна пријава дека тие со патничко возило „мерцедес“ со демиркаписки регистарски ознаки, противправно лишиле од слобода 21-годишник од Неготино, му се заканувале со пиштол и остар предмет, по што го однеле на непозната локација и физички го нападнале. Пиштолот и останати предмети биле пронајдени и одземени, а за настанот бил известен јавен обвинител.  Б.М. и Ќ.С се задржани во полициска станица и по целосно документирање на настанот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

На 12.04.2026 во 07:22 часот во СВР Скопје Ј.Ј. пријави дека на ул.„Апостол Гусларот" во двор од верски објект во Скопје забележал канистер за гориво и траги од горење. Веднаш по добиената пријава од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 12.04.2026 во 18:28 часот. во ОВР Кичево е пријавено дека на ул. „Влашки пат“ во Кичево Т.М. (33) од Кичево бил физички нападнат од А.Р. (19) од Кичево. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 12.04.2026 во 23:39 часот во СВР Охрид Е.Д. (50) од Кичево пријави дека во угостителски објект во Кичево била физички нападната од С.С. од Кичево. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 12.04.2026 во 23:00 часот во Струмица, на локален пат од село Миравци кон село Петрово, гевгелиско, патничко возило „ауди“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од К.Д.(28) од Богданци, излетало надвор од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката С.Д.(27) од Богданци, а со телесни повреди се здобил сопатникот М.С.(25) од Гевгелија. Повредите биле констатирани во Медицински центар Гевгелија, а увид на местото изврши екипа на ОВР Гевгелија.

На 12.04.2026 во 12:57 часот во СВР Скопје Е.Џ.(42) од Скопје, пријави дека на подрачјето на Бит Пазар на подот од терасата во домот пронашла заталкано зрно од огнено оружје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 12.04.2026 во 22:05 часот во СВР Скопје А.И.(18) од с.Палиград, скопско, пријави дека на подрачјето на Центар, бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 12.04.2026 во 12:45 часот во СВР Штип од КПУ Затвор Штип е пријавено дека во полуотвореното одделение Д.С.(45) од Виница физички го нападнал Т.Ј.(21) од Штип, двајцата осуденици во установата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 11.04.2026 околу 20:00 часот во ОВР Берово е пријавено дека пред угостителски објект во с.Двориште, беровско, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка меѓу В.П. и Д.Т.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. рп/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

 

Остани поврзан