• петок, 05 декември 2025

Македонските ракометарки ги очекува нов настап

Македонските ракометарки ги очекува нов настап

Скопје, 12. септември 2025 (МИА) – Македонската женска ракометна репрезентација од понеделник ќе биде на собир бидејќи ја очекуваат три контролни натпревари. Селекторот Кристијан Грчевски повика 20 ракометарки, кои ќе се подготвуваат за настапот на „Трофеј Македонија“ што ќе се игра во СЦ „Билјанини извори“ во Охрид.

На турнирот покрај нашата репрезентација ќе настапат уште: Египет, Тунис и Грција. Натпреварите ќе се играат од четврток до сабота.

-  Овој турнир е ново поглавје и голема можност за унапредување и промоција на женскиот ракомет во Македонија, а воедно и важен чекор кон меѓународна афирмација. Дополнително, ова претставува силна потврда за афирмацијата на македонскиот ракомет и неговата улога на европската и светската ракометна сцена. Ракометната федерација на Македонија Ве поканува сите љубители на спортот да бидете дел од „Трофеј Македонија 2025“. Очекуваме три дена исполнети со врвен ракомет, спортски предизвици и силна поддршка за нашите ракометарки, се вели во објавата на федерацијата.

Според распоредот во четврток ќе играат: Грција – Египет (почеток 18:15 часот), Македонија – Тунис (почеток 20:30 часот), во петок на програма се натпреварите Тунис – Грција и Македонија – Египет и се играат во истите термини. Во сабота во терминот од 14 часот е дуелот меѓу Египет и Тунис, а од 16:30 часот ќе играат Македонија и Грција.

Собирот на репрезентацијата е в понеделник (15. септември) во 9 часот. мн/

Фото: РФМ

Остани поврзан