• среда, 25 декември 2024

Концепцијата за основното образование е добра основа, но потребно е многу работа за спроведување во пракса

Концепцијата за основното образование е добра основа, но потребно е многу работа за спроведување во пракса
Скопје, 12 октомври 2022 (МИА) – Концепцијата за основно образование е добра основа што дава рамка како треба да биде спроведуван и како да се развива образовниот процес во нашата земја. Свесни сме дека треба многу да работиме за да можеме истата целосно да ја спроведеме во пракса, вели Виктор Митевски од Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ), кои денеска заедно со Фондацијата Отворено општество – Македонија ги презентираа наодите од последното истражување во областа на образованието „Подготвеноста на основните училишта за спроведувањето и ефектите од реализацијата на наставните програми од Концепцијата за основно образование“. Единаесетте општини во коишто е спроведено истражувањето, според Митевски, се специфични од аспект на тоа што во сите тие општини се спроведува настава и на јазиците на помалите етнички заедници. - Нашата земја е уникатен пример каде малите етнички заедници имаат можност да следат настава во целиот образовен процес. Предизвиците со кои се соочуваат овие заедници се навистина големи и мораме да напомниме дека не е потребно само законски да се предвиди, туку имаме и соодветни услови за тоа, истакна Митевски. Истражувањето, како што информираше се спроведе преку анкета на наставници и родители на ученици од прво и четврто одделение. - Интересни се заклучоците од нивното мислење особено во делот на тоа дека ги поддржуваат иновативните методи што се вклучени во наставата, а родителите велат и дека поминуваат помалку време со учениците дома, затоа што поголем дел од наставата била покриена во рамки на училишниот ден, посочи Митевски. Тој додаде дека едногласно е мислењето оти дигитализацијата е процес што треба да биде поттикнат и поддржан. - Живееме во дигитално време, но сепак треба да бидеме свесни дека треба да имаме транзициски период во кој ќе треба да ги имаме и хартиените учебници што треба да го премостат тој процес на приспособување. Сепак живееме во дигитално време и треба да бидеме во чекор со времето ако сакаме да имаме модерно образование, заклучи Митевски. Наташа Ангелевска од Фондацијата Отворено општество истакна дека самото имплементирање на Концепцијата предизвикало одредени предизвици и од таа причина се одлучиле да помогнат во печатење материјал за учење за учениците од прво одделение, на сите јазици. - Особено на јазиците на помалку бројните етнички заедници, бидејќи образованието е загарантирано уставно право за секое дете, но поради немање ресурси секогаш се соочуваме со предизвик како да го овозможиме тоа. Дополнително, Ангелевска информираше дека Фондацијата изминатите четири години работела на проект директно во овие општини и во десет училишта во кои доминантно учениците се од етничка припадност што е од помалку бројните етнички заедници во земјава и следат настава на српски, турски, босански јазик. - Тоа што ние го видовме во праска е дека сепак постојат нееднаквости, особено за училиштата во поруралните средини. Имаат помалку можности за учество и активен придонес за да ги постигнуваат резултатите бидејќи недостигаат учебници и материјал за библиотеки за настава на овие јазици, вели таа. Додаде дека Фондацијата обезбедила компјутерска техничка опрема, ЛЦД проектори, Смарт табли, литература и ги збогатиле нивните библиотеки на јазиците на коишто ја изведуваат наставата бидејќи, како што истакна тоа биле првите слабости со коишто се соочиле. Директорот на Бирото за образование, Зеќирија Хасипи, во своето обраќање се фокусираше на улогата на Бирото во носењето на концепциите и наставните планови. - Поради важноста на концепцијата, а со цел успешно спроведување, Бирото за развој на образованието, се фокусираше на изработка на материјали, програми и обуки за наставниците и децата коишто се дел од концепцијата за основно образование. Минатата учебна година тоа беа учениците од прво и четврто одделение, а годинава учениците од второ и петто одделение. Концепцијата, минатата учебна година овозможи бирање на активности за учениците од прво одделение и предмети кои ќе ги изучуваат, во четврто одделение, истакна Хасипи. Додаде дека од голема важност за Бирото, како и за помалите етнички заедници е реформата да биде спроведена на сите јазици и да се изучува јазикот и културата на заедниците. ки/аа/  

Остани поврзан