• петок, 22 ноември 2024

Ковачевски: СДСМ 31 година е на вистинската страна на државноста, денес тоа е европската иднина

Ковачевски: СДСМ 31 година е на вистинската страна на државноста, денес тоа е европската иднина
Скопје, 8 септември 2022 (МИА) - Ако погледнеме наназад во изминатите 31 година, заклучокот е тој. Секогаш кога и било тешко на Македонија СДСМ била тука, водела напред и секогаш била на вистинската страна, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на традиционалниот народен пикник на Пеленица по повод 8 Септември – Денот на независноста. - Од процесот на создавање независна држава, меѓународно признавање, преку кандидатски статус, решавање на споровите со соседите и реализирање на стратешката цел, членство во НАТО, па се до почетокот на преговори со ЕУ оваа година. И затоа денеска после 31 година со гордост можам да кажам: Како што нашите предци во НОБ биле на вистинската страна, СДСМ била и се уште е на вистинската страна на македонската современа историја, изјави Ковачевски. Вели дека после 17 години во „чекална“, успеале и го направиле клучниот чекор од последната етапа во евро-интеграциите, а тоа се преговорите со Европската Унија за полноправно членство, со чист македонски јазик и сочуван македонски идентитет и посебност. - СДСМ го имаше товарот да се носи со едни од најтешките глобални предизвици.  Прво со надминување на последиците од пандемијата со коронавирусот а потоа и со решавање на најголемата економска и енергетска криза што последните неколку месеци ја тресе цела Европа и светот, додаде тој. Во своето обраќање премиерот Ковачевски истакна дека се подготвени и за претстојниот тежок период. - Со одговорен и ефикасен пристап, го зголемуваме домашното производство на струја со цел таа да биде постојано достапна за домаќинствата, стопанството и за јавните установи. Цената на електричната енергија за домаќинствата и ја субвенционираме во висина од 80 отсто и така ќе продолжиме.  Обезбедуваме струја, но и храна, во кризниот период да има доволно и постојано и за граѓаните и за стопанството, појасни тој. Додаде дека со септемвриската плата Владата предводена од СДСМ и Коалицијата обезбедиле повисоки месечни примања за вработените во образованието, детската заштита, одбраната, полицијата. Најави дека следува и рекордно зголемување на пензиите на над 320.000 пензионери согласно новата методологија договорена со здруженијата на пензионерите. -Ова се само дел од мерките кои имаат за цел заштита на животниот стандард на граѓаните во време на криза. Тоа е новиот влог на СДСМ за граѓаните и стабилноста на земјата во услови на најтешка економска и енергетска криза по Втората светска војна, вели премиерот и додаде дека СДСМ ја донесе државата во нова ера и ново европско поглавје. -Го реализиравме концептот „Едно општество за сите“, создадовме граѓанска држава со еднакви услови за сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници, потсети Ковачевски. Порача дека СДСМ е државничка партија, која како што вели „води напред и го гледа државниот интерес“, а според него ВМРО-ДПМНЕ е парија која само ги гледа своите тесно партиски интереси. Додека СДСМ води кон реформи во судството и борба против корупцијата преку европеизација, ВМРО-ДПМНЕ ги бара назад времиња во кои се чувствуваат удобно во нивните криминални методи. Единствена причина зошто ВМРО-ДПМНЕ сака да го блокира нашиот пат кон ЕУ е затоа што таму каде што се движи земјата, таму нема место за ретроградни политичари, појасни Ковачевски. Иницијативата за референдум на опозицијата ја оцени како „последна потврда за хипокризијата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“ и порача дека лажниот патриотизам не поминува повеќе. -Затоа Мицкоски и неговите пратеници не гласаа против предлогот во Собрание. Затоа најавуваше поништување на територијалната поделба а не го направија тоа. Затоа избегаа од референдумот за Преспанскиот договор. Затоа и поставија прашање за Договор за кој јавно кажаа дека го поддржуваат, вели Ковачевски. Порача дека заедно со граѓаните продолжуваат по европскиот пат, без никакви пречи. Северна Македонија до 2030 ќе биде членка на ЕУ а до тогаш ќе се развива, реформира и унапредува во секоја пора од општеството. Европеизација значи подобри закони, праведна држава, посилна економија и развој. Нема да дозволиме да запреме сега кога сме на чекор од реализација на стратешките цели, изјави премиерот и додаде дека СДСМ останува на своите принципи и државнички постулати. -Да живее Денот на независноста! Да живее Европска Македонија! Да живеат граѓаните!, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во своето обраќање. ки/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан