• недела, 12 април 2026

Избори во Унгарија, МИА во Будимпешта: Орбан потсети на своите достигнувања и најави победа за „нормалната Унгарија“

Избори во Унгарија, МИА во Будимпешта: Орбан потсети на своите достигнувања и најави победа за „нормалната Унгарија“

Будимпешта. 11 април 2026 (МИА) 

Цветин ЧИЛИМАНОВ, специјален известувач на МИА

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ја заврши предизборната кампања со голем собир во замокот на Будимпешта. Илјадници поддржувачи на партијата Фидес се собраа пред црквата Свети Матеј, јави специјалниот известувач на МИА.

Собирот помина во позитивна атмосфера, со доста хумор од страна на водителите и самиот Орбан, што делуваше несвојствено за тензичната изборна кампања.

Во својот настап, Орбан посочи на воведувањето на 14та пензија, големите даночни олеснувања, искоренувањето на невработеноста во земјата, социјалните програми за младите и многудетните семејства, како и поддршката за ранливите групи и Ромите.

„Го пративме ММФ дома, ги оданочивме банките и странските компании, ги намаливме режиските трошоци и ги заштитивме унгарските семејства од скокот на цените на енергенсите“, рече Орбан.

Унгарскиот премиер ги повика поддржувачите да излезат, да одат на средби со своите пријатели и соседи, во таканаречена „кампања на ракувања“, и да помогнат Фидес да дојде до бројката од три милиони гласови, кои смета дека ќе му бидат доволни за нова победа.

Ние сме народ на љубовта и солидарноста, и горди сме на тоа. Ние сме за христијанско, национално единство и градење на иднината врз заедништвото, а не врз гневот и омразата. Никогаш нема да им дозволиме да не поделат, и да не свртат едни против други, изјави Орбан.

Премиерот како да сакаше да направи контраст со про-опозицискиот концерт на Плоштадот на Хероите во петокот вечер, на кој учесниците кинеа плакати на Фидес, поканетите музичари го навредуваа него и членови на Владата, а еден рапер дури и се соблече на бината.

„Нормалната Унгарија е мнозинството во оваа земја, и ние ќе победиме“, порача Филип Ракај, водителот на собирот на Фидес. Секако, говорниците на митингот не пропуштија да се пошегуваат со инцидентот на про-опозицискиот концерт во петокот, и ветија дека на нивниот собир никој нема да се соблекува.

Сепак, собирот содржеше и по-мрачни тонови, особено по прашањето на Украина, со која Унгарија има сериозно нарушени односи откако Украина почна да мобилизира етнички Унгарци во војната против Русија и остави голем дел од средна Европа без снабдување со руска нафта, а наводно се обиде да го нападне и гасоводот Турски Поток.

Се додека оваа земја има национална Влада, нема да им даваме пари на Украинците, и Украина нема да стане членка на европската Унија, порача министерот за надворешни работи Петар Сијарто, додека насобраните граѓани скандираа „нема да им помине“.

Орбан повика на мир во Украина, велејќи дека не сака да гледа како два словенски народи се убиваат меѓусебе. Тој ја обвини Украина и поврзаните разузнавачки служби дека се мешаат во унгарската политика, и користат валкани трикови - пред се големиот број снимени разговори на владини претставници кои беа објавени во текот на кампањата.

„Петар Сијарто не може да се слушне со мајка си без да го снимаат“, рече Орбан.

Премиерот најави дека се додека Украина ја држи Унгарија под енергетско ембарго, тој ќе ја држи Украина под кредитно ембарго - односно ќе го блокира обидот на ЕУ да испрати сериозна финансиска помош за Владата на Зеленски. Според Орбан, ова е дел од стратегијата на неговата Влада да спречи проширување на војната кон Унгарија.

На Унгарија и е потребен сигурен избор. Ние сме тој избор, рече премиерот.
Дел од учесниците на собирот потврдија дека војната во Украина и опасноста од нејзиното прелевање кон Унгарија се важна причина зошто го поддржуваат Орбан. „Не сакаме да одиме во војна. Имаме син и не сакаме да мораме да го пратиме во војна“, изјави Золтан, кој на митингот беше дојден со неговата сопруга.

„Исто така, не ни се допаѓаат многу работи кои ги има во Западна Европа. Не ни се допаѓа миграцијата, не ни се допаѓаат родовите работи. Немаме ништо против разните луѓе, правете дома што сакате, не не интересира, но не се наметнувајте. Немаме проблем со странци, ако сакате да дојдете тука, да работите, да плаќате даноци, ако ја почитувате нашата култура, тогаш сте добредојдени. Но, мора да не почитувате, и тогаш и ние ќе ве почитуваме вас. Понатаму, кај Орбан ни се допаѓаат неговите социјални програми. Владата обезбеди мајки со најмалку две деца да не мора да плаќаат даноци. Младите под 25 години не плаќаат даноци. Жените кои работеле 40 години можат да се пензионираат, не мора да чекаат до 63 години старост, има многу такви нешта“.

Додека поддржувачите на опозицијата собрани во петокот вечер беа претежно млади, па дури и малолетни, на собирот на Орбан доминираа луѓе во средните години - дел од нив дојдени со своите деца. Учесниците носеа унгарски знамиња, кокарди, а пред обраќањето на Орбан на публиката и беа поделени факели кои направија силен ефект на платото пред историската црква и споменикот на светецот крал Иштван.

Марк од Будимпешта беше еден од младите поддржувачи на Фидес кои дојдоа на завршниот митинг на партијата. Тој ни изјави дека очекува резултатите да бидат многу тесни, но дека е горд на позитивната кампања на неговата партија, за разлика од агресивното однесување на опозицијата.

„Најважно е што Виктор Орбан не користи говор на омраза, туку зборува за своите постигнувања. Тоа е најдобриот дел во неговата кампања. Во изминатите три години немаше толку говор на омраза, но сега гледаме дека се засилува“.

Собирот се одржа блиску до плоштадот Батањи, каде во недела е предвиден собир на опозицијата. На прашањето дали очекува инциденти - зависно од исходот на изборите - Марк вели дека нема да има инциденти ако победи опозицијата. „Ако Фидес победи, секако ќе има луѓе на кои тоа нема да им се допадне. Ако победи другата страна, ќе има помалку опасност од инциденти“.

Фото: Фидес фб

 

Остани поврзан