• сабота, 16 ноември 2024

Заврши денешната комисиска расправа за избор на уставни судии, пратениците дискутираа за професорката Родна Живковска

Заврши денешната комисиска расправа за избор на уставни судии, пратениците дискутираа за професорката Родна Живковска
Скопје, 3 јуни 2022 (МИА) - По неколкучасовна расправа, прекината е седницата на собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Ова е втор ден како пратениците расправаат за избор на уставни судии. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои денеска дискутираа за биографијата на професорката Родна Живковска, сметаат оти таа заслужува да биде уставен судија, бидејќи нејзината биографија покажува дека таа целиот свој живот го има посветено на правото. На расправата не присуствуваа мнозинството пратеници од власта, а тоа го осудија дел од пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека за вака важно прашање не би требало да дебатираат во празна сала. Пратениците од опозицијата сметаат дека име како Љубомир Јовески не треба да биде уставен судија, бидејќи, како што велат, „неговата неработа има голем удел во довербата во судството која е 8 проценти“. Наспроти тоа, според нив Родна Живковска е истакнат правник чие искуство се убедени дека ќе биде од полза за унапредување на имиџот на Уставниот суд. Според пратеничката Ели Панова од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, изборот на кандидатите за уставни судии предложени од страна на пратениците од СДСМ нема да ја подобри работата на Уставниот суд. Таа потенцира дека биографиите на лицата предложени од власта се катастрофални и скандалозни. Според пратеникот Бране Петрушевски, СДСМ и ДУИ сакаат да си обезбедат понатамошен комодитет на два начина. - Првично, со тоа што сè она што го имаат направено противуставно да им биде заштитено со тоа што ќе извршат упад во Уставниот суд и второ исто така непомалку важно е тоа што имајќи го предвид мандатот на уставните судии кој е девет години, а знаејќи дека за многу скоро време како се топи рејтингот на Владата ќе одат во опозиција, ова ќе им биде алатка за опструкција на работата на идната влада и предизвикување вештачки кризи, вели Петрушевски. Јадранка Поцкова, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ смета дека кога ќе се спомне дека некој е кандидат за уставен судија, тоа значи дека треба да е познат и докажан правник. Љупчо Пренџов, пратеник од ГРОМ нагласи дека нема волја кај владеачкото мноизнство да направат еден систем на избор на судии како што беше ДКСК. - Зошто мора по секоја цена да биде партиски, да се ставаат послушници со цел да контролираме што ќе излегува од Собранието. За СДСМ контролата на Уставниот суд секогаш се зема целосно во свои раце. Со судии како Добрила Кацарска и Љубомир Јовески ќе се соочиме со пет посто доверба во судството, рече Пренџов. Пратеникот Диме Велков од СДСМ нагласи дека никогаш нема да навредува кандидати кои се предложени од опозицијата, и изрази надеж дека тројцата кандидати кои ќе се изберат ќе дадат придонес во делот на унапредување на работата на Уставниот суд. Комисијата треба да се произнесе уште за осум предлог-судии. Освен предлогот Фатмир Скендер да биде избран за уставен судија, пратениците треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии, и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ. Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски. мс/дма/      

Остани поврзан