• петок, 05 декември 2025

Милан Ѓорѓевиќ за МИА: Историското постоење на Црквата и животот на секој христијанин претставуваат одраз на животот на Богородица

Милан Ѓорѓевиќ за МИА: Историското постоење на Црквата и животот на секој христијанин претставуваат одраз на животот на Богородица

Скопје, 28 август 2025 (МИА)

Ана ЦВЕТКОВСКА

Животот на Пресвета Богородица од Христовото Вознесение, па сè до нејзиното Успение е едно големо исчекување – исчекување на повторната средба со нејзиниот возљубен Син и Господ. И историското постоење на Црквата, и животот на секој христијанин – всушност претставуваат одраз на животот на Богомајката, порачува во интервју за МИА, Милан Ѓорѓевиќ, редовен професор на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје и свештенослужител во параклисот Свети Стефан во скопската населба Аеродром.

Со професорот Ѓорѓевиќ разговаравме по повод Успение на Пресвета Богородица или познат како Голема Богородица, кој е еден од 12-те големи христијански празници. Празникот е посветен на упокојувањето на Марија, мајката на Исус Христос. Според христијанското учење Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото, како со душата така и со телото. Оттаму и називот успение, што значи „заспивање“.

-Почитувајќи ја Богородица, ние го почитуваме самиот Христос. Всушност, во сите православни празници, ние го прославуваме Христа, Кому светителите до тој степен Му се уподобиле, што – согласно зборовите на светиот апостол Павле – тие повеќе не живееле, туку самиот Христос живеел во нив, вели Ѓорѓевиќ за МИА, појаснувајќи го значењето  на овој празник.

Смислата на овој празник, посочува, е во тоа да ни укаже на крајната цел и смисла на нашето постоење во светот, а тоа е, имено, заедницата со Бога. 

-Таа цел траба да биде мотив за сите нешта што ги правиме во животот, а најдобриот образец за таквата насоченост на животот кон Христа е токму Пресвета Богородица, додава тој.

Професорот Ѓорѓевиќ нагласува дека сите останати Богородични празници на некој начин водат кон Успение и во таа смисла може да се каже дека тој е навистина најголемиот меѓу нив.

За она што денес може практично да се примени во секојдневието од животот на Богородица пред над две илјади години, Ѓорѓевиќ нагласува дека сите настани од животот на Пресветата Богомајка што Црквата ги сочувала во своето помнење служат како надвременски обрасци за христијаните од сите поколенија.

-Притоа, нивното теолошко значење е исклучително длабоко и сеопфатно. Во оваа смисла, особено впечатлива е аналогијата што Светото предание ја прави меѓу Пресвета Богородица и прамајката Ева. Имено, како што преку непослушанието на Ева целото човештво паѓа во грев, така и преку послушанието на „Новата Ева“ – како што преносно се именува пресветата Дева – доаѓа избавувањето од гревот за целото човештво. Темата за оттуѓувањето што ја спомнавте во прашањето е блиска со прашањето за човечката гревовност, разбрана како отфрлање на заедништвото со Бога и со ближните. Токму животот на Пресвета Богородица претставува образец и патоказ на нашиот пат кон возобновеното единство и целовитост на човечката личност во Христа, додава Ѓорѓевиќ.

Со професорот и свештеникот Ѓорѓевиќ разговаравме и за начинот на кој се одбележува овој празник, за препораките, што треба, а што не треба да се прави и дали некои од нив се граничат со суеверие, но и за различните теории за тоа каде се наоѓа гробот на Богородица. 

Денеска се празнува празникот Успение на Пресвета Богородица, кое е значењето на овој празник за православното христијанство?

-Православното почитување на Пресвета Богородица е неразделно од почитувањето Исус Христос како Божји Син. Токму во последното се состои темелот на христијанската вера: Христос е вистински Бог и вистински човек, истовремено. Исповедаме дека предвечно, т.е. пред создавањето на светот и времето, Тој се раѓа од Бога Отецот. Преку телесното раѓање од пресветата Дева, пак, Тој ја зема на Себе човечката природа. Без тоа, човекот би останал засекогаш разделен од Бога. „Тогаш Бог би бил само Бог, а човекот – само човек“, вели свети Никола Кавасила, византиски теолог и философ од XIV век. Христос, Кој во Себе ги обединува божествената и човечката природа е Посредникот, без Кого е невозможно за човека да заедничари со Бога и да Го спознае. Тогаш, зошто ја почитуваме Пресветата Богородица? Токму затоа што на тој начин Го исповедаме Христа како вистинскиот Бог Кој се раѓа како вистински човек. Почитувајќи ја Богородица, ние го почитуваме самиот Христос. Всушност, во сите православни празници, ние го прославуваме Христа, Кому светителите до тој степен Му се уподобиле, што – согласно зборовите на светиот апостол Павле – тие повеќе не живееле, туку самиот Христос живеел во нив. Првообразот за ваквиот свет живот е, имено, Пресветата Богомајка, која од Христовата смрт и Воскресение па сѐ до нејзиното блажено Успение живеела во исчекување на повторната средба со нејзиниот Син и Господ. И токму на денешниот празник го празнуваме исполнувањето на таа нејзина желба, воедно и исконска желба на целото човештво да се сретне лице в лице со Господа Кој бескрајно го љуби.

Во текот на годината се одбележуваат повеќе празници посветени на Богородица, дали овој можеме да сметаме дека е најважниот?

-Би се надоврзал на последната мисла: смислата на овој празник е во тоа да ни укаже на крајната цел и смисла на нашето постоење во светот е, имено, заедницата со Бога. Таа цел траба да биде мотив за сите нешта што ги правиме во животот, а најдобриот образец за таквата насоченост на животот кон Христа е токму Пресвета Богородица. Повторно, ние не ја почитуваме Богородица заради неа самата, туку заради нејзината совршена љубов и предаденост кон Бога и кон божествената волја за светот и човекот. Овој мотив е присутен во сите празници во кои си спомнуваме за животот на Богомајката. Токму затоа, на богородичните празници се чита Евангелскиот текст за сестрите Марта и Марија, од кои едната се грижела премногу за земните нешта, додека другата едноставно седела до Исусовите нозе и се насладувала на Неговото присуство и на зборовите што Тој им ги упатувал. Токму исполнувањето на таа желба повторно да се седне крај Господовите нозе е настанот што се прославува денес. Кон овој миг приведуваат сите останати Богородични празници и во таа смисла можеме да речеме дека тој е навистина најголемиот меѓу нив.

Како се одбележува овој празник низ црквите и манастирите во Македонија?

-Пред да Ви одговорам, би поставил едно дополнително, но појдовно прашање: што значи да се „одбележи“ еден црковен празник? Ова прашање е многу важно, бидејќи црковното празнување е нешто многу повеќе од „свеченостите“ и „обичаите“ што го проследуваат. Центарот од кој празнувањето го црпи своето значење и смисла е Светата Литургија, која ни оддалеку не е само уште еден „религиозен обред“ со кој го одбележуваме настанот што се празнува. Напротив, Литургијата е претвкусување на Царството Божјо и на заедништвото со Христа во него. Всушност, преку Литургијата ние уште во овој живот ја искусуваме долго очекуваната радост на Богомајката, во која таа конечно влегла на денот на нејзиното Успение. Во Литургијата, ние ја оставаме на страна секоја животна грижа, седнуваме покрај нозете Исусови и ѝ се насладуваме на заедницата со Него. Во Литургијата, ние се причестуваме со Телото и Крвта на воскреснатиот Господ, Неговиот Лик се врежува во нашите души како печат и ние спознаваме дека сѐ што сме посакувале било имено тоа – да бидеме со Христа и во Христа, да го имаме Него во себеси и тоа заедништво да продолжи засекогаш. Тоа е желбата на Богомајката и светителите – а ние, празнувајќи, стануваме слични на нив. Во тоа се состои целта и смислата на православното празнување. Сите прекрасни обичаи, сето украсување и свечените одбележувања само го проследуваат литургиското празнување и сведочат за радоста што ја искусиваме заедничарејќи со Христа Господа.

Има ли посебни насоки што треба или не треба да се прави, како што многупати слушаме и читаме на пример на „тешки“ празници не се работи, чисти, пере... или овие совети се во сферата на суеверието?

-Постојат бројни благочестиви практики и обичаи што сме ги наследиле од претходните генерации. Сепак, понекогаш се јавуваат извесни недоследности, што, пак, се случува тогаш кога ќе се заборави нивната изворна смисла, или кога истата ќе се замени со некое друго толкување. На пример, празничниот одмор произлегува од начинот на кој ги одбележуваме празниците и неделите во Православната Црква. Централното место тука го зазема богослужението. Празничниот ден започнува уште попладнето претходниот ден, кога се служи празничната вечерна служба. После неа, верните се враќаат во своите домови и ја поминуваат вечерта во подготовка за празничната лутургија која се служи изутрина на денот на празникот. По Литургијата, верните често не си заминуваат дома, секој по својата работа, туку остануваат заедно, и тоа што е можно подолго. За ручек, се собираат во своите домови и на празничната трпеза го продолжуваат литургиското празнување. Така, целиот ден сосема спонтано поминува во знакот на празникот, па во еден таков ден едноставно не останува време за секојдневните обврски и работи. Но, кога во центарот на празнувањето веќе нема да стои Светата литургија, се нарушува органската логика на сите други нешта поврзани со него. Ниту семејниот ручек, ниту поминувањето време со пријателите, ниту одморот од работата не се цели самите за себе. Причината и основата за нив треба да се бара исклучиво во активното практикување на молитвениот и литургиски живот на Црквата.

Што е она во животот на Богородица кое може да се примени денеска практично како патоказ, имајќи ги предвид разликите на тоа време пред над две илјади години и денешницата, во која човекот се повеќе се оттуѓува од сам себе, па и од другите луѓе?

-Сите настани од животот на Пресветата Богомајка што Црквата ги сочувала во своето помнење служат како надвременски обрасци за христијаните од сите поколенија. Притоа, нивното теолошко значење е исклучително длабоко и сеопфатно. Во оваа смисла, особено впечатлива е аналогијата што Светото предание ја прави меѓу Пресвета Богородица и прамајката Ева. Имено, како што преку непослушанието на Ева целото човештво паѓа во грев, така и преку послушанието на „Новата Ева“ – како што преносно се именува пресветата Дева – доаѓа избавувањето од гревот за целото човештво. Темата за оттуѓувањето што ја спомнавте во прашањето е блиска со прашањето за човечката гревовност, разбрана како отфрлање на заедништвото со Бога и со ближните. Токму животот на Пресвета Богородица претставува образец и патоказ на нашиот пат кон возобновеното единство и целовитост на човечката личност во Христа.

По распнувањето на Исус Христос, Богородица заминала да живее со Свети Јован Богослов, кој на некој начин станал нејзин син. Во еден момент заминале за Ефес. Денес постојат тврдења дека токму во Ефес се наоѓа нејзиниот гроб, а не во Ерусалим. Каде е всушност гробот на Мајката Божја?

-Согласно Светото предание на Црквата, Пресвета Богородица престојувала извесно време во градот Ефес заедно со свети Јован Богослов, кому самиот Христос му ја доверил грижата за неа. Сепак, Пресветата Богомајка го дочекала крајот на својот земен живот во Ерусалим, каде последните денови ги поминала во домот на свети Јован Богослов на Сион. Таа самата им завештала на апостолите да ја погребаат во гробницата на нејзините родители, светите праведни Јоаким и Ана и на светиот праведен Јосиф, на Елеонската Гора блиску до Ерусалим. Токму на тоа место денес се наоѓа црквата на Успението на Пресвета Богородица, во чија крипта стои нејзиниот гроб.

За крај ќе може ли да упатите порака за празникот?

Животот на Пресвета Богородица од Христовото Вознесение, па сè до нејзиното Успение е едно големо исчекување – исчекување на повторната средба со нејзиниот возљубен Син и Господ. И историското постоење на Црквата, и животот на секој христијанин – всушност претставуваат одраз на животот на Богомајката. Тогаш, што треба да правиме во животот како христијани, освен да чекаме да се сретнеме со Христа? Чекајќи, пак, не можеме да седиме со скрстени раце, туку следува дејствено да се придвижуваме кон таа средба, да се грижиме да не се отклониме од патот што приведува кон неа, да се обидуваме уште во овој живот да се сретнеме со Господа, да Му благодариме за секој дар што ни доаѓа од Него, за самиот живот, за сите дарови со кои не удостоил, за луѓето што ни ги дарувал, за чудесната природа со која сме опкружени, за сите нешта – како земните, така и небесните.

За многу години!

Фото: Дарко Попов

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан