• среда, 27 ноември 2024

Во Кочани почнуваат работилници „Театар на сенки“ за обука на деца

Во Кочани почнуваат работилници „Театар на сенки“ за обука на деца
Кочани, 4 мај 2022 (МИА) – Под мотото „Од имагинација до креација“, во текот на мај и јуни во Кочани ќе се реализираат работилници под називот „Театар на сенки“ за обука на деца до 12-годишна возраст. Со најмладите кои ќе учат да создаваат визуелни приказни со театарски кукли и фигури пред светло зад бело платно ќе работат дипломираните актери Нина Максимова, Благојчо Стојанов и Јанка Лефкова. Нивна цел е децата да стекнат нови знаења и вештини на креативен и забавен начин, а преку работа во група и социјализација, да се запознаат со целиот процес на создавање театарска претстава со сенки. - Учесниците на работилниците ќе работат на создавање приказна, односно драмски текст, креирање ликови, работа на визуелен приказ на ликовите преку цртање и моделирање, работа со светло и филтри, изведување театарска претстава со сенки, како и актерска креација на ликовите и нивна интерпретација. Со ова, децата ќе се стекнат со подобра самодоверба, правоговор и вежбање на литературен јазик. Исто така, ќе се работиме на креативно изразување, ослободување од трема, збогатување на личниот вокабулар, когнитивен и физички развој, ослободување на фантазијата и имагинацијата и нивна реализација во креативен производ, истакна актерката Максимова. Учеството на работилниците за најмладите е бесплатно, а бројот на групите ќе биде ограничен заради поефикасно работење и обука. Активностите ќе се реализираат секој викенд во попладневните часови во просториите на Мултикултурниот центар. Реализацијата на обуките „Театар на сенки“ во Кочани е со финансиска поддршка од Министерството за култура. та/ар/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан