• понеделник, 23 декември 2024

Влада: Законите повлечени поради технички грешки и повторно вратени во Собранието

Влада: Законите повлечени поради технички грешки и повторно вратени во Собранието
Скопје, 10 февруари 2020 (МИА) - Владата вечерва преку соопштение информира дека Предлог-зкаоните за јавно обвинителство за Советот за јавни обвинители се повлечени заради технички грешки и по направените корекции повторно се вратени во Парламентот.
- Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ги разгледуваше Предлог-законите за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители. Во текот на седницата беа изнесени сугестии од министерката за финансии, Нина Ангеловска, од Секретаријатот за законодавство и од вице-премиерот Бујар Османи. Во Предлог-законот за јавно обвинителство беа внесени корекции кои се однесуваа на финансирањето на Јавното обвинителство и усогласување на стапувањето во сила со примената на законот. Владата донесе заклучок Предлог-законот за јавното обвинителство со тие дополнувања да биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија. За жал, во текстот кој што е пратен беа направени ситни технички грешки кои се однесуваа токму на корекциите кои беа усогласени на седница на Владата и од тие причини испратениот текст на Предлог-законот за јавното обвинителство е повлечен. Владата по направените исправки повторно го достави до Собранието на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението.
Од Владата појаснуваат дека во текстот на законот за Советот за јавни обвинители што бил првично испратен во Собранието била испуштена упатната норма на Законот за употреба на јазиците, а одредбата за двојното гласање за избор на јавни обвинители не била прецизно формулирана.
- Што се однесува до Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители имаше повеќе предлози за негова измена. Во текот на дебатата на седницата на Владата беше прифатено додавањето на упатна норма на Законот за употреба на јазиците и додавање на двојното гласање за изборот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на криминал и корупција, велат од Владата, додавајќи дека од овие технички причини бил повлечен овој закон со цел да се испрати законски текст со содржина каква што била усвоена на владината седница. бт/бак/

Остани поврзан