Со свечена седница и доделување признанија одбележан 3 Март - Денот на Општина Тетово
- -Комисијата за распределба на награди и признанија заврши одлична и многу тешка работа, бидејќи е тешко да се избере меѓу многуте жители на Тетово кои работат за општото добро. Денес, на оваа листа се наоѓаат ветерани во образованието, лица од разни области, лекари, спортисти, луѓе од уметноста и културата, занаетчии, новинари и други профили. Ги повикувам сите наши граѓани секојдневно и посветено да придонесуваат за понапредно општество и за поубав и повреден град, истакна градоначалникот Касами.
Тетово, 3 март 2025 (МИА) – Советот на Општина Тетово денеска со свечена седница го одбележа 3 Март - Денот на Општина Тетово.
По тој повод пригодно обраќање имаше градоначалникот на Тетово Биљал Касами. Потоа признанија им беа доделија на истакнати 39-тина поединци, клубови, организации и правни лица во знак на благодарност за постигнатите резултати во разни области од секојдневниот живот и дадениот особен придонес за афирмацијата на градот Тетово.
-Комисијата за распределба на награди и признанија заврши одлична и многу тешка работа, бидејќи е тешко да се избере меѓу многуте жители на Тетово кои работат за општото добро. Денес, на оваа листа се наоѓаат ветерани во образованието, лица од разни области, лекари, спортисти, луѓе од уметноста и културата, занаетчии, новинари и други профили. Ги повикувам сите наши граѓани секојдневно и посветено да придонесуваат за понапредно општество и за поубав и повреден град, истакна градоначалникот Касами.
Општина Тетово го одбележува 3 март 1992 година, ден кога е конституиран првиот повеќепартиски Совет на Општина Тетово.
-Одбележуваме значаен ден за нашата општина – денот кога за првпат беше формиран повеќепартискиот совет, означувајќи го почетокот на општествените промени и на локално ниво. Со оваа промена беа поставени и темелите на локалната самоуправа со учество не само на политичките субјекти, туку и на граѓаните, кои директно учествуваат во функционирањето на локалната самоуправа. Денот на Општината претставува празник на заедништвото, на демократските вредности, транспарентноста, отчетноста и вклученоста на сите општествени чинители во креирањето политики во интерес на граѓаните, истакна Касами.
Денешниот датум 3 март, официјално започна да се одбележува од 2003 година. Оваа одлука беше донесена од тогашниот Совет на Општина Тетово, со што овој датум го замени претходниот празник, 19 ноември - Денот на ослободувањето на Тетово од фашистичката окупација. ас/вг/
фото МИА