Гоцевски: Продолжува реконструкцијата на Спомен-домот на Разловечкото востание
- Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски изврши увид во градежните активности, проект од национално историско и културно значење
Делчево, 4 март 2026 (МИА) - Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, денеска заедно со директорот на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево, Златко Начовски, претставници од НКЦ Скопје и изведувачот на градежните активности, изврши увид во тековната реконструкција и целосна обнова на Спомен-домот на Разловечкото востание во село Разловци.
-Станува збор за капитален проект од исклучително историско и културно значење, кој не само што е важен за Разловци и Делчево, туку претставува дел од националното наследство на Македонија. Спомен-домот е симбол на борбата, достоинството и стремежот кон слобода, а целта на проектот е негово зачувување и унапредување за идните генерации, истакна Гоцевски.
Гоцевски истакна дека она што го видел на терен му дава дополнителна сигурност дека работите се одвиваат во вистинска насока.
-Зборот на премиерот Христијан Мицкоски и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се претвора во конкретни дела. Веќе се забележува задоволство кај жителите на Разловци, кои со нетрпение очекуваат објектот да добие достоинствен и функционален лик. Посветено, одговорно и со почит кон нашето историско наследство продолжуваме да работиме на овој проект, додаде Гоцевски.
Проектот вклучува целосна реконструкција на фасадата, уредување на ентериерот и модернизација на сите функционални простории, со цел спомен-домот да стане пристапен, безбеден и достапен за посетителите. Со оваа обнова се зацврстува културниот и историскиот идентитет на регионот, како и свеста за значењето на Разловечкото востание, кое е клучен дел од борбата за слобода на македонскиот народ. вс/сст/
Фото: МИА