• четврток, 05 март 2026

Општина Делчево доби донација од нови контејнери и канти за отпад

Општина Делчево доби донација од нови контејнери и канти за отпад

Делчево, 4 март 2026 (МИА) - Општина Делчево доби донација од фирмата ЕЛ-КОЛЕКТ, составена од 15 нови контејнери за мешан отпад, како и сет канти за електронски и електричен отпад, вклучувајќи кабли и батерии, соопштија денеска од Општината.

Кантите за електронски отпад како што додадоа веќе се распределени и се поставени во образовните институции во градот, како и во детската градинка, со цел да се овозможи правилно собирање на електронскиот отпад и да се подигне еколошката свест кај најмладите. Новите контејнери за мешан отпад ќе бидат поставени дополнително на локации кои се идентификувани како критични точки во однос на комуналната хигиена, согласно со планот и програмата на општината.

Градоначалникот Иван Гоцевски изрази благодарност до фирмата за донацијата и потенцираше дека секоја ваква поддршка е поттик за продолжување на стратегиската мисија на Делчево – град кој се гордее со својата чиста и еколошки здрава животна средина.

-Овој пат, среќаваме многу пријатели кои ги препознаваат нашите напори и со конкретни средства ни помагаат во остварувањето на нашата стратешка цел – Делчево да биде убаво, чисто и гордост за сите нас. Сакам да потенцирам дека овие садови за отпад не се само инфраструктура – тие се симбол на нашата посветеност кон одржлив развој, подигнување на еколошката свест и создавање навики кои ќе придонесат за почиста иднина - нагласи Гоцевски.

Тој додаде дека оваа донација не само што ја зајакнува инфраструктурата за собирање на отпадот, туку и служи како пример за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор, со што се создава позитивна култура за заштита на животната средина и одговорно однесување на граѓаните.

Општина Делчево продолжува да ја развива стратегијата за еколошки одржлив развој, со цел почиста, поздравa и попријатна средина за сите жители. Поставувањето на новите контејнери и континуираното информирање и едукација на граѓаните за правилно селектирање на отпадот, се дел од долгорочниот план за подобрување на јавната хигиена и намалување на отпадот во јавните простори. вс/вг/

 

Фото: Општина Делчево

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан