Во присуство на министерот Перински претставен проектот „Зелено за добро“
- Денеска во Струмица, во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, на прес конференција беше претставен проектот „Зелено за добро“ од Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција. На промоцијата присутвуваше министерот за локална самоуправа, Златко Перински и градоначалници од овој регион
Струмица, 4 март 2026 (МИА) - Во Струмица денска во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, беше претставен проектот „Зелено за добро“ од Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција. На промоцијата присутвуваше министерот за локална самоуправа, Златко Перински и градоначалници од овој регион.
Министерот истакна дека за релативно краток период се зборува за проект кој директно придонесува за заштита на животната средина-тема што е од исклучителна важност, особено во зимските месеци кога предизвиците со квалитетот на воздухот се најизразени.

- Проектот „Зелено за добро“ има за цел намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот преку чиста енергија и одржлива мобилност, промоција на обновливи извори на енергија и паметно управување со енергијата, развој на зелена урбана инфраструктура и зајакнување на прекуграничната соработка. Вредноста на проектот за македонските партнери изнесува 673.228 евра, при што Министерството за локална самоуправа обезбедува национално кофинансирање од 134.646 евра, рече во обраќањето Перински.
Нагласи дека потребите на граѓаните од двете страни на границата се слични и дека токму ваквите партнерства овозможуваат подготовка и реализација на заеднички проекти кои одговараат на реалните предизвици на терен.
- На првиот повик на Програмата Интеррег VI-A ИПА за прекугранична соработка со Грција беа одобрени вкупно 19 проекти. Во Македонија има 36 корисници кои учествуваат во нивната реализација, со вкупен буџет од 8.661.751 евра, од кои 6.929.401 евра се финансирани од Европската Унија, додека пак 1.732.350 евра се национално кофинансирање, посочи министерот.
Тој го спомна и стратешкиот проект „BorPres2“ имплементиран во рамки на оваа програма, поврзан со граничниот премин Маркова Нога, оценувајќи го како иницијатива од исклучително значење за подобрување на поврзаноста, мобилноста и економската соработка меѓу двете држави.
Според в.д. директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Јован Коцев, нивната мисија е да ги поврзуваат општините преку заедничко делување.

- Од регионална перспектива значењето на „Зелено за добро“ не се мери само преку инфраструктурата што ќе се постави, туку преку знаењето, искуството и институционалниот капацитет што ќе го изградиме. Тоа е инвестиција во нашата подготвеност за следните развојни чекори. Денешниот настан потсетува дека проектите поддржани од ЕУ се заедничка одговорност и бараат професионалнот, транспаретност и партнерски пристап, рече Коцев.
Претседателот на Советот на градоначалници на Југоисточниот плански регион и градоначалник на Струмица, Петар Јанков, истакна дека Општината секогаш поддржува такви проекти за заштита на животната средина, намалување на загадувањето, зелени урбани средини и подобрување на мобилноста на граѓаните кои користат превоз кој не користат превозни средства што испуштаат штетни гасови.
Инаку, со проектот се планира да се постават повеќе полначи за електрични автомобили во регионот и Грција, набавка на електричен мини автобус, како и поставување на фотоволтаици на повеќе локации во двете земји.рт/са/
Фото: МИА