• четврток, 05 март 2026

Можни нови иницијативи во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ во Куманово

Можни нови иницијативи во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ во Куманово

Куманово, 4 март 2026 (МИА) - Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, амбасадорот на Кралство Шведска Ола Сулстром и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан денеска извршија увид на активностите во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“.

Во фокусот се два инфраструктурни зафати во образовни установи, како дел од пошироката стратегија за намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот. Проектите опфаќаат целосна реконструкција на фасадата на ООУ „Браќа Миладиновци“ и реконструкција на фасада и замена на прозорци на музичкото училиште „Панче Пешев“. Градоначалникот на Максим Димитриевски истакна дека станува збор за проект вреден околу 340 илјади долари, кофинансиран од Општина Куманово со околу десет милиони денари сопствени средства, како и дополнителни три милиони денари планирани за годинава за противпожарни системи.

- За мене е голема чест што денеска во Куманово ги имаме амбасадорот на Кралството Шведска и претставникот на УНДП. Станува збор за континуитет на соработката што ја започнавме уште во 2004 година во областа на заштита на животната средина, намалување, намалување на загадување во градот заштита на амбиенталниот воздух. Во 2025 година тргнавме со имплементација преку граѓански форми од каде што ги добивме и идеите за проектите за финансирање на два проекти во општина Куманово едниот се однесува на комплетна реконструкција на фасадата во двете училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ и вториот проект е исто така градежни активности на фасадата и промена на прозорците на музичкото училиште „Панче Пешев“ во Куманово – изјави Димитриевски.

Според локалната власт, инвестицијата не е само градежен зафат, туку мерка за зголемување на енергетската ефикасност и намалување на емисиите на штетни честички.

Амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Сулстром, изјави дека прашањето за квалитетот на воздухот е глобален предизвик кој бара јасна политичка волја и конкретни ресурси.

-Станува збор за проект за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на загадувањето. Ова е важно политичко прашање не само во оваа општина туку и во целиот свет. Потребно ни е стратешко, политичко водство, потребни се конкретни ресурси за да се намали загадувањето, за да се зголеми енергетската ефикасност, да се намали здравствениот ризик којшто го предизвикува загадувањето на воздухот, бидејќи ова е многу важно за да имаме јасен пристап за подобар, почист воздух за идните генерации-рече амбасадорот Сулстром.

Тој нагласи дека целта е обезбедување почист воздух за идните генерации, при што образовните институции имаат посебно значење. Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, потенцираше дека проектот е пример за успешно партнерство.

- Зборувавме дека е многу важна задача, најважното е да се намали загадувањето на воздухот, но не само надвор, туку исто така и внатре бидејќи децата поминуваат долго време внатре во училиштето и треба да дишат најдобар воздух, да се намалат здравствените ризици и во училиштето. Втората работа којашто сакам да ја нагласам е соработката со нашите двајца партнери т.е Шведска и општина Куманово. Веќе дискутиравме и со градоначалникот и со амбасадорот дека има можности да се прошири и да се продолжи оваа соработка и во иднина - рече Григоријан.

Градоначалникот и амбасадорите претходно одржале состанок во општината каде разговарале за нови заеднички иницијативи особено во сегментот на заштита на животната средина. Локалната власт најавува продлабочување на партнерството со УНДП и со Кралството Шведска. ам/вг/

Фото МИА

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан