• четврток, 20 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

18 март 2025 

Скопје - Релативно стабилна е состојбата на повредените во дискотеката, но не може да се каже каква ќе биде состојбата понатаму, бидејќи се уште е рано, рече денеска заменик министерот за здравство Јовица Андовски, во изјава за медиумите. 

Во „пластика“ имало хоспитализирано 17 пациенти, на Токсикологија 13, на Торакална 4, Траума 2, Детска хирургија 4, Карил 14, Стара градска 12, градска општа болница „8 Септември“ 18, Штип 3, Пулмологија 2, или вкупно 89 пациенти во земјава.

Скопје - Владата преку соопштение апелира да не се пласираат дезинформации за бројот на загинати во пожарот во Кочани. 

- Ова се моменти на тага и солидарност, кога сите мора да покажеме одговорност и почит кон жртвите. Во јавноста се пласираат шпекулации и дезинформации во врска со бројот на загинатите. Владата со целосна одговорност потврдува дека бројот на жртви е 59. Сите други тврдења за 100 или 120 загинати се неточни и неосновани. Ваквите лажни информации само ја зголемуваат вознемиреноста во јавноста и нанесуваат дополнителна болка на семејствата на жртвите, истакнуваат од Владата.

Атина - Ова беше најтрагичниот момент во историјата на мојот народ, момент што засекогаш ќе остане во колективната меморија, но исто така она што ќе остане во нашата колективна меморија и не треба никогаш да го заборавиме е солидарноста што ја добивме, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од Солун по посетата на повредените од пожарот во Кочани, хоспитализирани во болницата Папаниколау, јави дописничката на МИА од Грција.

Муцунски и министерот за здравство Арбен Таравари утрово се во посета на двете солунски болници, каде што се хоспитализирани петмина повредени, а министрите ги придружуваат заменик-министерот за внатрешни работи на Грција Костас Јулекас надлежен за областите Македонија и Тракија и заменик-министерот за надворешни работи Тасос Хаѕивасилиу.

Атина – Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и министерот за здравство Арбен Таравари утрово се во посета на повредените во пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во две солунски болници, а министрите ги придружуваат заменик-министерот за внатрешни работи на Грција Костас Јулекас надлежен за областите Македонија и Тракија и заменик-министерот за надворешни работи Тасос Хаѕивасилиу, јави дописничката на МИА од Атина.

Државната телевизија ЕРТ објави дека Муцунски ѝ се заблагодарил на Грција и дека повредените се во добри раце, додека пак солунскиот портал „Тестивал“ објави видео и фотографии од пристигнувањето на Муцунски и Таравари пред болницата Папаниколау.

Софија - Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изрази сочувство до роднините на загинатите во пожарот во Кочани и се потпиша во книгата на жалост во Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија.

Радев изјави дека Бугарија е подготвена да прифати на лекување повеќе повредени и оти се чека македонските власти да кажат дали има потреба од преземање на уште десет лица.

Во бугарските болници во моментов се хоспитализирани 14 повредени, кои беа пренесени со воено-транспортен авион „Спартан“ и со амбулантни возила на софиската Итна медицинска помош.

Скопје - Приоритет ни е завршувањето на обдукциите и идентификацијата на луѓето, за да може роднините да си ги подигнат телата, изјави за МИА, Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, во врска со обдукциите на жртвите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, што се случи рано утрото во неделата.

Тој подвлече дека постапката ќе биде завршена, тогаш кога ќе заврши обдукцијата и идентификацијата на сите тела. Затоа што, како што рече, идентификацијата не се извршува само со обдукција, туку и со ДНК анализи. Станува збор за два паралелни процеса.

Скопје - Високите температури минатата недела ја активираа вегетацијата и кај некои култури се појавија цветови. Но, студените утра деновиве може да предизвикаат појава на слаб до умерен мраз и да причинат штети, особено кај коскестите видови, сливата, раните сорти кајсии и бадемот.

Според агрометеоролозите, појавата и јачината на мразот не е секаде еднаква, многу зависи од позицијата на теренот и конфигурацијата на земјиштето.

На земјоделците им се препорачува да преземат содветни мерки за заштита на посевите од измрзнување. 

Скопје - Се поголем број граѓани од странство нудат бесплатно сместување и превоз за семејствата на повредените од пожарот во Кочани. На социјалните мрежи секојдневно има објави со контакт телефони за бесплатно сместување и превоз до болниците во Србија, Грција, Хрватска, Австрија, Бугарија... Денеска на седница на Влада треба да биде донесена и одлука за покривање на трошоците за превоз и сместување за семејствата на повредените кои се хоспитализирани во странство. Повеќе информации може да добијат на телефонот 070 270 370. 

Централизирани информации за помош на семејствата на повредените може да се најдат и на sos-smestaj.com. Сместување за роднините на повредените кои се хоспитализирани во Солун, но и транспорт од сместувањето до болниците обезбедува и Здружението на бизнис жени од Грција кои имаат на располагање околу 20 соби и кревети. Претседателката на Здружението Апостолина Цалтабаси во разговор со дописничката на МИА од Атина посочува дека ова е чин на човечност, хуманост, љубов и пријателство, но и најмалку што можеле да направат.

Загреб - Две лица тешко повредени во пожарот во Кочани пристигнаа во Хрватска и се на лекување на Клиниката за трауматологија на болницата „Сестри на милосрдието“ во Загреб, соопшти денеска хрватската Влада.

Се очекува денеска и утре хеликоптер на хрватската армија да превезе уште четири повредени лица кои ќе бидат згрижени во хрватските болници.

Белград - Собранието на Србија денеска ја продолжи првата редовна пролетна седница, а седницата започна со едноминутно молчење за загинатите во пожарот во дискотека во Кочани, јави МИА од Белград.

На крајот на седницата треба да биде објавена оставката на премиерот Милош Вучевиќ, но не се знае дали тоа ќе се случи денеска.

Брисел – Во Амбасадата на Република Северна Македонија во Белгија до петок ќе биде отворена книга на жалост за жртвите во трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани во неделата. 

- Во врска со трагичниот настан во Кочани во кој животот го загубија голем број, пред се, млади лица, известуваме дека во Амбасадата е отворена книга на жалост во која можете да изразите сочувство и да оставите своја порака, информира македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Тошевски. 

Варшава – Министрите за одбрана на Полска, Естонија, Летонија и Литванија во заедничко соопштение изјавија дека нивните земји ќе ја напуштат Конвенцијата од Отава за забрана на противпешадиски мини со цел да ја подобрат својата безбедност по руската инвазија на Украина.

Повлекувањето од договорот од 1997 година, што министрите им го препорачаа на лидерите на нивните земји, кои имаат заедничка граница со Русија, ќе им овозможи повторно да почнат да акумулираат противпешадиски мини.

Берлин - Германскиот Бундестаг се подготвува за денешната клучна седница на која ќе се гласа за плановите за зголемување на задолжувањето на државата, што потенцијалниот канцелар Фридрих Мерц смета дека е неопходно за зголемување на воениот буџет и за поттикнување на економскиот раст.

Пред гласањето закажано за денеска, Мерц се соочи со бројни критики од опозицијата и членовите на неговата партија, кои сметаат дека високите трошоци, кои достигнуваат до билион евра, не се поврзани со потребните реформи.

Тел Авив – Форумот на семејствата на заложниците, најголемото здружение на роднини на израелските заложници, денеска, по синоќешните напади врз Појасот Газа, упати апел до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „да престане да ги убива“ нивните блиски.

- Семејствата на заложниците сакаат средба со премиерот, министерот за одбрана и шефот на преговарачкиот тим, каде ќе ги уверат како заложниците ќе бидат заштитени од воен притисок и како се планира да бидат вратени. Престанете да ги убивате … веднаш!, се наведува во соопштението на Форумот.

Москва  – Три лица се повредени во синоќешниот украински напад со дронови врз Белгородската област, изјави гувернерот Вјачеслав Гладков.

Тој додаде дека еден од повредените е хоспитализиран.

Претходно, руската армија соопшти дека во текот на ноќта соборила 46 украински дронови над Брјанска, Белгородска, Курска и Орилска област. 

Москва - Русија не губи надеж во можноста за прекин на огнот во Украина, но забележува зголемени напади на украинските вооружени сили на руска територија, изјави помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков.

Тој истакна дека неодамна се случил најмоќниот напад од украински беспилотни летала на руска територија.

Киев - Службата за безбедност на Украина и забрани на романската европратеничка и лидерка на суверенистичката партија „СОС Романија“ Дијана Шошоака да влезе на територијата на Украина во период од три години, информира Службата за безбедност во соопштение објавено на веб-страницата на институцијата, објави романскиот информативен сајт Хотњуз.

Украинската амбасада во Букурешт вчера остро реагираше на писмото од Дијана Шошоака до рускиот претседател Владимир Путин, во кое европратеничката тврди дека Романија треба да ги врати териториите под украинска контрола врз основа на пактот Рибентроп-Молотов од 1939 година. 

Киев - Украина може да постигне праведен и траен мир под водство на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, непосредно пред очекуваниот телефонски разговор меѓу американскиот претседател Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин за договор за ставање крај на конфликтот во Украина.

Сибиха рече дека Киев не е пречка за мировен договор со Русија.

Вашингтон – Претседателот на Турција, Реџеп Тајипо Ердоган се обидува да организира средба со американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на април, објави Блумберг, повикувајќи се на неименувани турски извори.

- Ердоган верува дека поблиските односи меѓу Турција и САД се клучни за стабилноста во регионот, особено затоа што Анкара се обидува да игра поголема улога во посредувањето во конфликтите од Украина до Сирија, навредува Блумберг.

Газа - Најмалку 330 луѓе загинаа синоќа во израелските напади врз Појасот Газа, соопшти Министерството за здравство на Хамас на таа палестинска територија.

„Министерството за здравство регистрираше повеќе од 330 смртни случаи, главно палестински деца и жени, и стотици повредени, од кои десетици се во критична состојба“, рече претставникот на Министерството, Мохамед Закут.

Израел ќе продолжи да се бори во Појасот Газа „додека сите заложници не се вратат дома“, изјави денеска израелскиот министер за одбрана Израел Кац.

Тегусигалпа - Дванаесет лица загинаа во пад на мал патнички авион на островот Роатан во северниот дел на Хондурас, соопштија локалните власти. Во авионот имало вкупно 18 лица – 15 патници и тројца членови на екипажот.

Несреќата се случила при полетување кон градот Ла Сејба, кога авионот, модел „Џетстрим“, свртел надесно, излегол од пистата и паднал во морето.

Меѓу жртвите е и познатиот хондураски музичар Аурелио Мартинес, член на етничката заедница Гарифуна. Француска државјанка (40) е меѓу преживеаните, но е повредена.

Тајпеј - Тајванските власти забележале 59 кинески авиони околу островот во последните 24 часа, соопшти утринава Министерството за одбрана во Тајпеј.

Во истиот период околу Тајван се регистрирани девет бродови и два балона.

Авионите и бродовите беа забележани неколку дена откако тајванскиот претседател Лаи Чинг-те ја нарече Кина „непријателска странска сила“.

Сеул - Министрите за надворешни работи на Кина, Јужна Кореја и Јапонија оваа недела ќе се сретнат во Токио, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.

Јужнокорејскиот министер Чо Тае-Јул, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и јапонскиот колега Иваја Такеши „ќе разговараат за напредокот на трилатералната соработка“ од претходната трилатерална средба на лидерите на трите земји во мај минатата година. Покрај тоа, тие ќе ги споделат своите позиции „за идниот развој на трилатералната соработка, како и за регионалните и меѓународните прашања“.

Остани поврзан