
18 март 2025
Скопје - Склад за гориво имало во близина на дискотеката „Пулс“ каде во неделата рано сабајле во пожар загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Резервоарот за нафта бил на друг објект, а бил откриен од страна на крим техника.
Од Противпожарната бригада на Кочани за МИА потврдија дека во близина на дискотеката има резервоар за нафта, но дека тој бил на друг објект. Оттаму не знаат точно дали и колку нафта имало во резервоарот.
Информацијата ја потврдија и од Обвинителството.
Скопје - Досега за вкупно 16 лица е определен краткотраен притвор од 48 часа во врска со пожарот во дискотеката во Кочани каде загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.
- До овој момент Основното јавно обвинителство Кочани предложи определување мерка краткотраен притвор за 16 лица. Предлозите се прифатени и мерката е определена за сите 16, велат од Државното Јавно Обвинителство.
Меѓу приведените се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради трагедијата во дискотеката во Кочани одлучи да бидат разрешени началници, помошници и командири во Штип и Кочани, потврдија за МИА од МВР.
Разрешение се :
1. Началник на Сектор за внатрешни работи Штип
2. Помошник началник на СВР Штип
3. Началник на Одделение за полиција Штип
4. Началник на Одделение за криминалистичка полиција Штип
5. Началник на Одделение за внатрешни работи Кочани
6. Командир на Полициска станица од општа надлежност Кочани
7. Началник на Надворешна канцеларија за криминалистички работи Кочани.
Повеќе детали за разршувањата, министерот Тошковски ќе соопшти на прес-конференција во МВР закажана во 15:30 часот.
Скопје - Министерството за внатрешни работи денеска информира дека овие денови има зголемено присуство на полициски службеници на територија на цела држава, особено во градот Кочани и околу општинската зграда.
- Зголемениот број на полициски службеници е поради извршување на службени активности и обезбедување на документација од општината, а не заради попречување на граѓаните во нивното загарантирано со Устав право на собирање и одржување на протест, се посочува во соопштението.
Атина - Тројцата повредени, кои во текот на ноќта од Скопје со авион C-27 на грчкото воздухопловство беа префрлени во Атина и хоспитализирани во Општата воена болница 401, според информациите на дописничката на МИА од Атина, се во релативно добра состојба.
Според истите информации, станува збор за млади лица на возраст од 22 до 24 години, кои во пожарот се здобиле со изгореници, во атинската воена болница превентивно се на Одделот за интензивна нега, меѓутоа не се приклучени на апарати.
Софија - Состојбата на 14-те повредени во пожарот во Кочани кои се лекуваат во Бугарија и натаму е сериозна, соопшти бугарското Министерство за здравство на својата Фејсбук страница.
Осумте пациенти хоспитализирани во Универзитетската болница и медицинскиот центар Н.И.Пирогов се на механичка вентилација и остануваат на интензивна нега.
Според информациите од болницата во Варна, тројцата пациенти кои се кај нив се во тешка состојба, двајца се на механичка вентилација, а еден користи назална маска за третман со кислород.
Сериозна, но стабилна, е состојбата на пациентите во Универзитетската болница „Свети Георги“ во Пловдив. Нивното лекување продолжува на интензивна нега, се наведува во информацијата од Министерството за здравство на Бугарија.
Скопје - Здравјето на повредените во пожарот во Кочани да е врвен приоритет, апелираат попладнево од Лекарската комора на Република Северна Македонија, преку соопштение до јавноста.
- Лекарската комора ја поздравува навремената реакција на надлежните институции во нашата земја, како и срдечната помош и поддршка што ја даваат другите држави со згрижување на најтешко болните пациенти повредени во пожарот во Кочани. Овој начин на организација е клучeн зa пациентите да добијат вистинска шанса, со соодветна и високо стручна медицинска помош, да ја надминат тешката здравствена состојба во која се наоѓаат. Поддршката што ја добиваме од другите држави, како со згрижување на пациентите, така и со лекарска експертиза, заедно со посветената работа на нашите доктори, е, најважна во овие моменти за да се спречи да расте бројката на трагично загинати, наведуваат во соопштението.
Скопје - Националниот џез оркестар, откако претходно го одложи концертот на португалската пејачка Мариа Мендеш, пред малку соопшти дека истиот сепак ќе се одржи, но со хуманитарна цел. Средствата од продажбата на билетите ќе бидат донирани за семејствата на настраданите и повредените во Кочани.
Како што е најавено, концертот ќе се одржи на 25 март.
Луксембург - Луксембург спроведе медицински евакуации по пожарот во ноќен клуб во Северна Македонија, јави РТЛ.
Луксембург ја поддржа меѓународната медицинска евакуација на жртвите од пожарот во ноќен клуб во Северна Македонија, координирајќи летови до Унгарија и Хрватска преку својот систем за итна помош.
Најмалку 59 лица загинаа, а над 150 беа повредени во пожарот, што предизвика меѓународен итен одговор. Од 140 хоспитализирани жртви, 51 беа префрлени во болници во странство, вклучително во Грција, Турција, Србија и Бугарија, посчува РТЛ.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски вели дека пропустот за контролирањето дали одредена дискотетека или кабаре ги исполнува условите е направен со измените во Законот во 2007 година според кои правното лице самото тврди дека ги исполнува условите и потоа нема проверки од страна на инспекторатот, односно се постапува по пријава. За надминување на таквите пропусти тој денеска најави измени на Законот за угостителство за што ќе се формира работна група. Соопшти дека од вчера и други органи во рамки на своите институции формирале комисии за да се проверат сите лиценци во државата.
Скопје - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се потпиша во книгата на жалост, отворена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, по повод трагичниот настан во Кочани.
Тој изразил длабоко сочувство до семејствата на загинатите, истакнувајќи ја важноста на солидарноста и заедништвото во овие тешки моменти.
Брисел - Европските пратеници во своите излагања по презентацијата на Нацртот-извештајот од страна известувачот на Комитетот на надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за земјава, Томас Вајц, изразија поддршка за македонската евроинтеграција, но ја нагласија и потребата од усвојување на уставните измени и спроведувањето на реформите потребни за приближување до ЕУ, јави дописникот на МИА од Брисел.
Словенечкиот европратеник Матеј Тонин од Европската народна партија (ЕПП) и известувач за земјава во сенка оцени дека таа постигнала значителен напредок на европскиот пат изминативе години и ја зајакнала својата конкурентност преку спроведените реформи, пред се во дигиталната трансформација, економската политика и транспортот.
Скопје - Министерот за правда Игор Филков се потпиша во книгата на жалост, отворена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, по повод трагичниот настан во Кочани.
-Изразувам длабоко сочувство за трагично загубените млади животи во Кочани. Оваа несреќа нè потресе сите, оставајќи неизмерна болка и тага. На повредените, кои се згрижени во болниците во земјата и надвор од неа, им посакувам брзо и целосно закрепнување. До граѓаните упатувам јасна порака – одговорност ќе има, а правдата ќе биде задоволена! Министерството за правда и јас, како министер, ќе направиме сè што е во наша надлежност за да се осигураме дека вистината ќе излезе на виделина, а одговорните ќе сносат последици! Правда ќе има!, вели министерот Филков.
Скопје - Шлепер денеска се преврте кај граничниот премин „Блаце“. Повредени нема, а сообраќајот се одвива нормално, потврдија за МИА од МВР.
Како што посочуваат од МВР, шлеперот се превртел околу 13 часот.
Атина – Би сакал уште еднаш да кажам дека грчката Владата со солидарност ги поддржува нашите соседи и сме на располагање да помогнеме за сè што е потребно со желба никаде да не се повтори ваква трагедија, истакна заменик-министерот за надворешни работи на Грција Тасос Хаѕивасилиу, откако со министрите Тимчо Муцунски и Арбен Таравари и грчкиот заменик-министер Костас Јулекас ја посетија солунската болница Папаниколау каде што се хоспитализирани тројца повредени, јави дописничката на МИА од Атина.
Тирана – Министрите за одбрана на Албанија, Пиро Венгу, на Хрватска, Иван Анушиќ и на Косово Ејуп Маќедонци, денеска во Тирана, потпишаа трилатерален договор чија цел е „зајакнување на одбранбените капацитети на трите земји, зголемување на соработката во одбранбената индустрија и подобрување на воената соработка преку образование, обука и заеднички вежби“.
Заедничка оценка на министрите е дека „овој договор е поради геополитичките и безбедносните предизвици во Југоисточна Европа, како и поради надворешните влијанија во регионот“.
Берлин - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус (СПД) денеска изјави дека попуштањето на должничката кочница за трошоците за одбрана е неопходно со оглед на глобалната ситуација.
-Нашата безбедност не смее да биде загрозена со буџетски ограничувања. Заканувачката ситуација има предност пред финансиската ситуација, рече министерот за време на дебатата за финансискиот пакет предложен од ЦДУ/ЦСУ, СПД и Зелените во Бундестагот, пренесува германското радио Дојчландфунк.
Будимпешта – Унгарската влада „беше Трамп пред Доналд Трамп“, бидејќи веќе долго време ги отфрла миграциите, родовата пропаганда и војната во Украина, поради што претрпе напади во Европа, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто во Њу Делхи.
Сијарто на панелот на меѓународниот форум Раисина Дијалог 2025 рече дека „конзистентниот и долгорочен“ пристап на владата кон овие прашања довел до политички и финансиски напади.
- Ние сме попопуларни надвор од Европа отколку внатре во неа, рече тој, според соопштението на унгарското МНР.
Женева - Забрзаното израелско населување на окупираните палестински територии е еднакво на воено злосторство, изјави високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Фолкер Турк.
Канцеларијата на Високиот комесар во извештајот рече дека забележал опширно израелско кршење на меѓународното право.
Додека конечната одлука за таквите злосторства зависи од судовите, Меѓународниот кривичен суд во Хаг моментално ги истражува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинските милитантни водачи за можни воени злосторства.
Женева - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш е „шокиран од израелските напади“ врз Појасот Газа, изјави денеска портпаролот на ОН.
„Гутереш испрати итен апел за почитување на прекинот на огнот, повторно воспоставување на хуманитарната помош и безусловно ослободување на преостанатите заложници, изјави портпаролот Роландо Гомес.
Киев - Во пресрет на денешниот телефонски разговор меѓу Путин и Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „Путин сè уште ја одложува оваа војна“.
„Веќе една недела Путин не може да каже 'да' на предлогот за прекин на огнот“, рече Зеленски.
Тој додаде дека американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот е „за спасување животи, дозволувајќи им на дипломатите да работат на обезбедување безбедност и траен мир - предлог што Русија го игнорира“.
Берлин - Потенцијалниот германски канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека планираното зголемување на германските трошоци за одбрана и економскиот раст претставуваат пресвртница за европската безбедност.
„Со години живееме во лажно чувство на сигурност“, рече Мерц во обраќањето пред Бундестагот, додавајќи дека „повоената мировна дивиденда одамна е исцрпена“ и дека на Германија и треба целосна ревизија на нејзините одбранбени способности.
Москва - Русија гледа големи можности за соработка со Соединетите Американски Држави, вклучувајќи го и вселенскиот сектор, и очекува наскоро да одржи разговори со Илон Маск за плановите за летови на Марс, изјави денеска Кирил Дмитриев, специјален претставник на претседателот Владимир Путин за меѓународна економска и инвестициска соработка.
Вашингтон – Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува да го признае Крим, кој Русија го анектираше од Украина во 2014 година, како руска територија во евентуалниот иден мировен договор за ставање крај на војната во Украина, објави веб-страницата Семафор.
Цитирајќи две лица запознаени со ова прашање, Семафор јавува дека американските официјални лица исто така разговарале за можноста Вашингтон да ги повика Обединетите нации да го сторат истото.