МИА Општински пул
- МИА Општински пул

19 март 2025
Пробиштип – Во пожарот во дискотека во Кочани меѓу 59 загинати се и тројца граѓани на Пробиштип, двајца средношколци и еден полициски службеник. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов денеска на својот фејсбук профил објави дека на градскиот плоштад „Свети Гаврил Лесновски“ се поставени три книги на жалост, за тројца сограѓани кои трагично ги изгубија животите во кобната несреќа во Кочани.
-Тоше Тодоровски, одговорен и совесен полициски службеник, посветен татко на две малолетни дечиња. Никола Насевски и Матеј Марковски средношколци, прекрасни деца во цутот на младоста, напиша Анастасов.
Посочува дека Пробиштип нема да ги заборави, и секогаш ќе бидете во нашите срца.
-Нека Бог ве насели на местото каде што почиваат праведниците, стои во објавата на фејсбук профилот на Анастасов.
Дебар - Сочувство до семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани изрази Комитетот за национални малцинства на Албанија, а на повредените им посакува побрзо закрепнување.
- Комитетот за национални малцинства изразува длабоко и искрено сочувство до семејствата на жртвите и до сите граѓани во земјата. Ги упатуваме нашите најискрени молитви и најдобри желби за брзо и целосно закрепнување на повредените, стои во објавата.
Комитетот за национални малцинства е владин орган, во кој членуваат претставници на деветте малцинствата признати со Законот за малцинства, а претседател е Константина Бежани, претставничка на грчкото малцинство.
Член на Комитетот е и Марјана Костофски - Фелах, претставник на македонското малцинство.
Скопје - Општина Кисела Вода ќе донира еден милион денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Одлуката била донесена едногласно, на денешната вонредна седница на Советот на Општина Кисела Вода.
Седницата на Советот започнала со едноминутен молк во чест на загинатите во трагедијата.
- Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите, со сите кои загубија свои најблиски, како и со повредените, на кои им посакуваме брзо закрепнување. Ова е незамислива и ненадоместлива загуба за целото општество. Во знак на сочувство и солидарност, Општина Кисела Вода донесе едногласна одлука да донира еден милион денари за семејствата на настраданите. Ова е само мал гест на поддршка, но во овие моменти е многу важно да бидеме обединети, да си помагаме и да се грижиме едни за други. Нека почиваат во мир сите што ги загубија животите, а нивните семејства нека најдат сила да ја пребродат оваа огромна болка, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, соопштија од Општина Кисела Вода.
Куманово - По преземени мерки и активности, а во рамки на најавените контроли во ноќните клубови и кабареа, полициски службеници од СВР Куманово го затекнале кумановецот Т.В.(58), сопственик на кабаре од Куманово, како од неговото паркирано возило пред кабарето изнесува противпожарни апарати и ги внесува во клубот.
Како што соопшти денеска МВР, веднаш потоа полициски службеници извршиле контрола во објектот каде биле пронајдени и одземени пиротехнички средства.
-Лицето било лишено од слобода и во полициска станица, во присуство на адвокат, со него бил извршен службен разговор, а од инспектор за заштита и спасување издадени се прекршочни платни налози и издадено е решение за забрана за работа до отстранување на неправилностите. За настанот бил известен јавен обвинител, соопшти МВР.