
19 март 2025
Скопје - Во овие тешки и тажни моменти за сите македонски граѓани, и во знак на почит на загинатите жртви, повредените и нивните семејства, Владата преку соопштение ги замолува медиумите да се воздржат од објавување на шпекулации и дезинформации, се со цел да не создаваме дополнителна болка и стрес на јавноста.
Бројот на жртви во пожарот во Кочани е 59, за жал млади луѓе кои на трагичен начин ги изгубија своите животи.
Скопје - Во повеќе градови низ државава синоќа се одржаа собири во спомен на жртвите од трагичниот пожар во дискотека „Пулс“ во Кочани. Граѓаните изразија сочувство и поддршка кон семејствата на загинатите и повредените, барајќи одговорност од институциите. Во меѓувреме истрагата за несреќата продолжува, при што за случајот досега се приведени 18, а задржани 16 лица. Погребите на настраданите се закажани за четврток.
Во Скопје, собирот на граѓани го одбележа 16-минутен молк и ѕвездено небо на плоштадот „Македонија“. Илјадници граѓани се собраа да изразат поддршка во овие најтешки моменти.
Во Паркот на Револуцијата во Кочани се одржаа два собири. Првиот, под мотото „Слобода за нашите херои“, каде се бараше ослободување на притворените лица од обезбедувањето, а вториот собир, предводен од митрополитот брегалнички Иларион, беше посветен на молитва за спокој на душите на загинатите и побрзо оздравување на повредените.
Брисел – Четири лица повредени во трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани во неделата, минатата ноќ се префрлени на лекување во Белгија, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што информира Македонската амбасада во Белгија, повредените се сместени во четири различни болници во градовите Брисел, Антверпен, Лиеж и Шарлероа.
Настраданите беа префрлени во Белгија со специјален авион на Вооружените сили на Романија, со кој истовремено на лекување во Холандија беа пренесени уште четири други лица повредени при пожарот.
Атина – Со авион C – 27 Spartan на грчкото воено воздухопловство, во текот на ноќта од Скопје во Атина беа префрлени уште четворица повредни во пожарот во Кочани, со што во Грција на лекување се вкупно 12 лица, од кои пет во Солун и седум во Атина, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што синоќа објави МИА, станува збор за четири млади лица со изгореници, кои веќе се хоспитализирани во две воени болници во Атина.
Скопје - Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје соопшти дека нема да се организираат големи собири, како што првично беше најавено, а активностите за искажување почит кон загинатите во Кочани ќе се организираат на ниво на факултети.
- Со цел да не се создаваат поголеми гужви во моменти кога медицинската помош и полицијата се најпотребни на други локации, големи собири по кампуси нема да се организираат, како што беше првично планирано. Активностите за искажување на почит и сочувство ќе можат да се организираат на ниво на факултети, по иницијатива на факултетските студентски собранија, а УСС-УКИМ ќе понуди логистичка помош, се наведува во соопштението од УСС-УКИМ.
Скопје - Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бараат објаснување од Министерството за внатрешни работи и од Агенцијата за цивилно воздухопловство зошто забраната за користење на дронови била објавена откако започнал протестот во Скопје и зошто новинари биле повикани на информативен разговор иако Скопје не е опфатен со забраната.
Дебар - Сочувство до семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани изрази Комитетот за национални малцинства на Албанија, а на повредените им посакува побрзо закрепнување.
- Комитетот за национални малцинства изразува длабоко и искрено сочувство до семејствата на жртвите и до сите граѓани во земјата. Ги упатуваме нашите најискрени молитви и најдобри желби за брзо и целосно закрепнување на повредените, стои во објавата.
Скопје - Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан повикува на сплотеност и молитва по ужасната трагедија во Кочани во која животите ги загубија 59 невини млади луѓе, а над стотина се здобија со тешки повреди. Народната сплотеност и единство, нагласува архиепископот Охридски и Македонски, најмногу се огледуваат и се најпотребни во вакви злокобни неприлики.
- Светата Македонска Православна Црква постојано се моли за спасение на невино настраданите, служејќи помени за упокоените и принесувајќи молитви за исцеление на повредените, како и за утешение на нивните семејства и ближни. Во овие дни на траор го повикуваме верниот наш народ заедно да ги сосредоточиме срцата во молитва кон Господа, просејќи од Него да ги прими душите на новопретставените чеда Божји во прегратките Авраамови, а, пак на повредените да им дарува побрзо оздравување. Народната сплотеност и единство најмногу се огледуваат и се најпотребни во вакви злокобни неприлики. Затоа, ги повикуваме сите верни чеда на Мајката Македонска Црква и сите граѓани на Македонија ̶ да го сочуваме мирот во себе и мирот меѓу себе и, прилежно молејќи се, достоинствено да тагуваме. Со Божји благослов, наведува во пораката архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Скопје - Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска откако на минатото рочиште во Основен Кривичен суд Скопје беше сослушан Велибор Манев, еден од обвинетите. Манев изјави дека се познава со сите обвинети, освен со таткото на убиеното девојче. Тој рече дека за грабнувањата ги координирал Љупчо Палевски Палчо и дека сметал оти требало да извршат само грабнувања и се изненадил кога Палчо ги застрелал Вања и Панче.
Скопје - Минус 13 степени се измерени утрово на Попова Шапка, -10 во Крушево и Маврови Анови, -7 Берово, Битола и Претор, -6 во Тетово, -5 во Скопје, Крива Паланка, Прилеп и Охрид, -4 во Струмица, Штип и Виница, -3 во Куманово и Демир Капија, -2 во Велес и Кавадарци, а нула Гевгелија, соопшти УХМР.
Времето денска ќе биде претежно сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15 степени.
Скопје – Во повеќе делови од Скопје денеска ќе има прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода, според известувањата од ЕВН Македонија и ЈП Водовод и Канализација. Без струја ќе бидат делови од Рашче, Кисела Вода и Зелениково, а вода ќе нема на повеќе улици во Центар и Карпош.
Од ЕВН Македонија соопштуваат дека без електрична енергија во периодот од 08:30 до 11:00 часот, ќе останат дел од корисниците на село Рашче на влезот и кај долната Џамија, а во периодот од 11:00 до 15:30 часот, струја ќе нема во село Рашче кај школото и патот за село Копаница (општина Сарај).
Брисел - Главен фокус на мојата работа е намалување на цените на енергијата, обезбедување што е можно поголема независност од руските енергенси и декарбонизацијата, истакна еврокомесарот за енергија и домување Ден Јоргенсен во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), од која дел е и МИА.
- Добрата вест е дека за реализација на сите овие три многу важни приоритети, алатките се исти. Прво и основно, итен премин на повеќе обновливи извори на енергија, брзо спроведување на мерки за енергетска ефикасност и поголема транспарентност на пазарот на гас. Ќе ја разгледаме и можноста за заедничка набавка на гас, вели Јоргенсен.
Брисел - Лидерите не институциите на ЕУ и претставници на европските бизнис асоцијации и синдикати денеска во Брисел ќе одржат Трипартитен социјален самит.
Како што соопшти Советот на ЕУ, учесниците на Самитот ќе разговараат за „враќањето на Европа на вистинскиот пат во услови на предизвикувачка геополитичка средина, како атрактивна, конкурентна и инвестициска локација што штити и создава квалитетни работни места“.
Со Социјалниот самит ќе копретседаваат претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Брисел - Се очекува денеска Европската комисија да претстави пред земјите-членки на ЕУ конкретен план за тоа како, според неа, треба да се одговори на актуелните закани од Русија и други агресивни актери, според нацрт-документ во кој увид имала германската агенција ДПА.
Во нацртот-т.н. Бела книга за иднината на европската одбрана, Комисијата нагласува седум приоритетни области во кои е неопходно да се надминат празнините во воените капацитети. Тие вклучуваат противвоздушна и противракетна одбрана, системи за беспилотни летала и електронско војување.
Истанбул - Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, утринава е приведен, јави телевизијата Си-Ен-Ен Турк.
Претходно денеска, медиумите објавија дека е издадена наредба за негово приведување. Имамоглу, кој е од редовите на опозициската Народнорепубликанска партија (НРП), е мета на полициска истрага поврзана со сомневања за корупција и поврзаност со терористички организации.
Полициски екипи го претресуваат неговиот дом, а пред резиденцијата има засилено полициско присуство, покажуваат снимките на Си-Ен-Ен Турк.
Анкара - Од 1 јули 2025 до 30 јуни 2026 година, Турција по првпат ќе ја преземе командата со десантните сили во рамките на Сојузничките сили за брза реакција на НАТО (ARF), како дел од своите обврски во Алијансата, соопшти турското Министерство за одбрана.
Десантните сили на НАТО и нивниот турски еквивалент ќе учествуваат заедно во воената вежба „Dynamic Mariner/Flotex-25“, која ќе се одржи од 24 март до 4 април, соопшти Министерството.
Лондон - Британскиот премиер Кир Стармер разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, откако САД и Русија се согласија да работат на ограничено примирје за енергетската инфраструктура во Украина.
Британскиот премиер синоќа телефонски разговараше со Зеленски, по разговорите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, чија цел е ставање крај на тригодишната војна.
Вашингтон - По наредба на американскиот претседател Доналд Трамп беа декласифицирани материјалите поврзани со атентатот на американскиот претседател Џон Кенеди во 1963 година.
-Тоа се многу информации, а вие сами ќе донесете одлука, им рече Трамп на новинарите во понеделникот, велејќи дека ќе бидат објавени 80.000 страници.
Трамп потпиша наредба непосредно по преземањето на функцијата во јануари поврзана со ослободувањето, што доведе Федералното истражно биро да открие илјадници нови документи поврзани со атентатот на Кенеди во Далас.
Вашингтон - Американски федерален судија синоќа ги блокираше милијардерот Илон Маск и Одделот за владина ефикасност (DOGE) да направат дополнителни кратења на американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД), велејќи дека нивните напори за затворање на агенцијата за странска помош веројатно го прекршуваат Уставот на САД.
Во привремената пресуда, американскиот окружен судија Теодор Чуанг во Мериленд му нареди на Маск, советник на претседателот Доналд Трамп, и на одделот што тој го раководи, да го вратат пристапот до компјутерските системи на УСАИД на вработените во агенцијата, вклучително и илјадници кои се суспендирани.
Вашингтон - Претставниците на Соединетите Држави и шесте сојузнички земји ветија дека ќе се борат заедно на глобално ниво против земање заложници и неправедно притворање, се вели во заедничката изјава по разговорите во државата Монтана.
-Ние сме обединети во нашето барање за итно и безусловно ослободување на сите заложници, се вели во соопштението.
Американскиот специјален пратеник Адам Болер претседаваше со разговорите во понеделникот и вторникот во Биг Скај, Монтана, со колеги од Австралија, Австрија, Канада, Германија, Израел и Обединетото Кралство.
Вашингтон - Луизијана употреби азотен гас синоќа за да егзекутира маж осуден за убиство на жена во 1996 година, што претставува прв пат државата да го користи овој метод, изјави адвокатот на осудениот.
Џеси Хофман Јуниор (46) е осуден на смрт во државниот затвор во Луизијана, се вели во соопштението на неговата адвокатка Сесилија Капел. Тој беше првиот што беше погубен во државата во последните 15 години, а неговата смрт ја означи петтата употреба на методот на азотен гас во САД, а сите други беа во Алабама.
Вашингтон - Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф изјави за „Фокс њуз“ дека разговорите со Русија во врска со Украина ќе се одржат в недела во Џеда, Саудиска Арабија.
„Ѓаволот е во деталите. Имаме тим кој заминува за Саудиска Арабија, предводен од нашиот советник за национална безбедност и државниот секретар, и мислам дека треба да ги разбереме тие детали“, изјави Виткоф во емисијата „Ханити“ на „Фокс њуз“.
Киев - Претседателот Володимир Зеленски рече дека Русија лансирала повеќе од 40 дронови доцна синоќа за да ја нападне цивилната инфраструктура, што, според него, покажува дека мора да се изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин заради мирот.
-Токму таквите ноќни напади на Русија ги уништуваат нашите енергетски системи, нашата инфраструктура, нормалниот живот на Украинците, рече Зеленски во објавата на Телеграм. „Денес Путин де факто го отфрли предлогот за целосен прекин на огнот, би било правилно светот да одговори со отфрлање на сите обиди на Путин да ја продолжи војната“, додаде тој..
Сана - Најмалку 10 американски напади се извршени во Јемен, вклучително и во провинцијата Саада и Ходеида, објавија рано денеска јеменските Хути.
Соединетите Американски Држави започнаа бран напади врз областите на Јемен контролирани од Хутите кои се блиски со Иран, кои минатата недела рекоа дека ги продолжуваат нападите врз бродовите во Црвеното Море за да ги поддржат Палестинците во Газа.
Мексико Сити - Пратениците во главниот град на Мексико со големо мнозинство гласаа за забрана на насилството во борбите со бикови, што предизвика гнев кај навивачите и радост на активистите за правата на животните.
Законот, одобрен со 61-1 гласови, забранува убивање бикови и употреба на остри предмети кои би можеле да ги повредат животните. Тој, исто така, поставува временски ограничувања за времето кога биковите можат да бидат во арената - сето тоа е дел од иницијативата наречена „борба со бикови без насилство“.
Талахаси - Санита - Сани Вилијамс и Бери - Буч Вилмор официјално се дома. Американските астронаути безбедно се вратија на Земјата, сношти - на 18 март, по продолжениот деветмесечен престој во Вселената. Нивното патување назад доаѓа откако заедничка екипа на НАСА и „Спејс-Икс“ однесе четворица нови астронаути - две жени од Соединетите Американски Држави, и по еден космонаут од Јапонија и Русија, на Меѓународната вселенска станица на 16 март, за да ги заменат двајцата што заминуваа.