• сабота, 22 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Општински пул

МИА Општински пул

19  март 2025

Штип – Штип утре ќе се прости од петмината загинати во пожарот во дискотеката во Кочани. Во пожарот загинаа Дамјан Таневски, Филип Ивановски, Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов. 

Граѓаните ќе можат да се простат со Дамјан Таневски и Филип Ивановски во Соборниот храм „Свети Никола“, со Филип Стевановски и Александар Коларов во црквата „Успение на Превета Богородица“ во штипско Ново Село, а со Александар Ефремов во црквата „Света Троица“ кај градската капела во Штип.

Од Јавното претпријатие „Стипиоин“-Штип во писмено соопштение информираа дека покрај редовните линии и термини кои веќе функционираат на предвидените стојалишта и локации, ќе бидат воведени дополнителни линии на јавниот автобуски превоз, кој ќе биде бесплатен за сите граѓани.

Дополнителната линија Три Чешми - Чардаклија - Дом на култура - Градски гробишта ќе се одвива според следните термини на поаѓање: Кампус 4 – 08:30 ; Три Чешми – 08:35 ; Чардаклија – 08:45 ; Балканска – 08:47 ; нас. Македонка – 08:50 ; Железничка 08:52 ; ЕМУЦ – 08:55 ; Дом на култура – 09:05 ; Ново село – 09:10 ; Градски гробишта – 09:15.

Дополнителен број на возила во 11 часот ќе има со поаѓање од автобуското стојалиште пред Домот на културата и автобуското стојалиште во Ново Село (кај Јаворот) до Градските гробишта. Враќањето од Градските гробишта е во 13:30 часот од истата локација со оставање на патниците и од автобуското стојалиште пред ДСУ „Искра“.

- Редовните линии кои се истакнати во возниот ред на ЈП „Стипион“ ќе се одвиваат во предвидените термини. Се замолуваат граѓаните на разбирање и толеранција во однос на можните доцнења на редовните временските термини поради очекуваниот сообраќаен метеж во централното градско подрачје, велат од ЈП „Стипиоин“.

Кочани – Во двете средни општински училишта во Кочани денеска напладне се одржаа комеморативни собири за учениците кои настрадаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

Во длабока тишина, ученици, професори, вработени во СОУ „Гошо Викентиев“ и претставници од Општина Кочани се потпишаа во книгата на жалоста и запалија свеќи за нивните прерано починати врсници Димитар Иванов и Леонид Велков.

Собир на тишината се одржа и во СОУ „Љупчо Сантов“ каде соученици, роднини и пријатели им оддадоа почит на загинатите ученички Сара Јорданова, Надица Наунова и Сара Алексова, а се потпишаа во книгата на спомени и на ѕидни паноа. Дваесетина ученици од ова училиште кои се здобија со потешки повреди во несреќата се на лекување во странство.

Во кратките комеморативни обраќања професорите Ненад Ѓорѓиев Вржалски и Магдалена Антовска ја истакнаа неизмерната болка и тага од загубата на учениците кои засекогаш ќе останат во сеќавањата, а изразија верба и поддршка дека повредените ученици ќе закрепнат и повторно ќе се вратат во училишните клупи.

Директорите на двете средни училишта информираа дека со поддршка од психолози се одржани обуки за наставничкиот кадар, а во наредниот период ќе се организираат работилници за психолошка поддршка на учениците. 

Струга - Со три минутен молк под мотото „Сите да се избориме ние да не сме следните жртви на системот - Ти си следен“ струшките средношколци со транспаренти и силни пораки со мирен марш им оддадоа почит на жртвите од пожарот во Кочани.

Маршот тргна од пред центарот за култура „Браќа Миладиновци“ се движеше по кејот на реката Црн Дрим, низ струшката Чаршија и заврши повторно пред Центарот за култура.

- Денес сме собрани да ја искажеме нашата тага и да ги споделиме нашите мисли, очекувања и незадоволство. Се одлучивме на мирен марш бидејќи еден ден може да е секој еден од нас. Ние сме младоста на оваа држава, ние сме државата, истакна средношколката Анастасија Илоска.

Ги замоли присутните собирот да помине без никакви инциденти, посочувајќи дека учениците ќе се вратат во училиштата по завршување на настанот.

Ученичката Теона Блажеска смета дека младите треба да се силни и храбри да ја спречат корупцијата за да не страдаат.

- Она што се случи во Кочани беше страшено. Бевме потресени сите. Да се прекине корупцијата и да има правда за сите, вели Блажеска.

И средношколката Ема Ристиќеска изрази почит за загинатите во Кочани, изразувајќи револт, за, според неа, системот и корупцијата кои одземаа многу млади и невини животи.

Делчево - Советот на Општина Делчево денеска на вонредна седница донел одлука за доделување парична помош од општинскиот Буџет за семејствата на настраданите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани. 

Седницата започна со едноминутно молчење за загинатите во несреќата во дискотеката во Кочани.

 -Во овие денови на жалост, тага и болка, во мое лично име и во името на сите советници од Советот на Општина Делчево, изразувам длабоко и искрено сочувство за жртвите од катастрофалниот пожар кој однесе 59 млади животи, а над 190 лица се борат за живот. Оваа незапаметена трагедија во нашата историја, овој траор кој го преживуваме заедно, не обврзува, најпрво како луѓе, но, и како Општина во целина, да реагираме, и на секаков можен начин, да помогнеме, во ненадоместливата загуба на семејствата. Изгубивме деца, изгубивме ученици, студенти. Изгубивме спортисти, музичари. Изгубивме професионалци. Изгубивме и наш сограѓанин, кој несебично, се бореше до последен здив за да им помогне на оние кои беа во невоља, истакна претседателот на Советот на Општина Делчево, Гоце Попов пред советниците.

Нека оваа нивна жртва, и прескапо платена цена, како што додаде, се вреже длабоко во колективната меморија и свест на сите граѓани и секогаш да не потсетува, дека последиците од неморалните постапки и дејства може да бидат разорни и непоправливи.

Делчево - На мирен собир, во рамки на академски час, учениците и вработените во Средното општинско училиште ,,Методи Митевски - Брицо" Делчево им оддадоа почит на загинатите во несреќата во дискотеката во Кочани.

Ученичката Сара Ангелова пред присутните ученици истакна дека не е време да се биде генерал, туку е потсетник дека никој не знае што ќе се случи утре.

-Денешниот академски час за покажување сочувствителни и тажни чувства го започнуваме со порака дека не е време да бидеме генерали. Нема да должам освен да кажам дека сум свесна дека нашите мисли се испреплавени со разни чувства на тага, болга, гнев… Вечерта на несреќата додека многумина ги пееле песните на својот омилен бенд, за само миг се претвориле во лелеци на последни зборови.  Ова е потсетник дека не знаеме што ќе се случи утре, не знаеме која ќе биде нашата приказна, а ова не сигурно не беше приказна, ова беше трагедија, истакна Ангелова.

Скопје - Општина Илинден ќе донира 500.000 денари за настраданите во пожарот во Кочани. По трагичниот пожар што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, при што загинаа најмалку 59 лица, а над 190 се повредени, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изрази длабоко сочувство и солидарност за погодените семејства и предложи до Советот на општината, Општина Илинден да донира 500.000 денари од општинскиот буџет за помош на настраданите семејства.

Во знак на поддршка, Општината одлучи да ги донира овие финансиски средства во Фондот за солидарност на Црвениот крст на Република Македонија, со цел да се обезбеди директна помош на погодените семејства.

Скопје - Во Општина Центар денеска била одржана вонредна седница по барање на градоначалникот Горан Герасимовски, на која советниците едногласно донеле одлука за доделување парична помош во висина од еден милион денари за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани.

Седницата, соопштија од Општина Центар, започнала со едноминутен молк во знак на почит кон загинатите.

Герасимовски потенцирал дека во овие моменти на голема болка, не постојат зборови што може да ја намалат тагата, но постои нешто, рекол, што може сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно. 

Скопје - Општина Кисела Вода ќе донира еден милион денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Одлуката била донесена едногласно, на денешната вонредна седница на Советот на Општина Кисела Вода.

Седницата на Советот започнала со едноминутен молк во чест на загинатите во трагедијата.

- Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите, со сите кои загубија свои најблиски, како и со повредените, на кои им посакуваме брзо закрепнување. Ова е незамислива и ненадоместлива загуба за целото општество. Во знак на сочувство и солидарност, Општина Кисела Вода донесе едногласна одлука да донира еден милион денари за семејствата на настраданите. Ова е само мал гест на поддршка, но во овие моменти е многу важно да бидеме обединети, да си помагаме и да се грижиме едни за други. Нека почиваат во мир сите што ги загубија животите, а нивните семејства нека најдат сила да ја пребродат оваа огромна болка, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, соопштија од Општина Кисела Вода.

Скопје - На предлог на градоначалникот Дарко Костовски, Советот на општина Бутел одржа вонредна седница. Советот ја започна денешната седница со едноминутно молчење, во знак на почит кон загинатите во трагичниот пожар во Кочани. Советниците едногласно донесоа одлука за доделување на 1.000.000 денари финансиска помош на семејствата на настраданите во тешката несреќа во Кочани.

-Македонија е завиено во црно и секој од нас чувствува длабока тага и болка за трагично згаснатите 59 млади животи. Моите молитви се со семејствата на починатите и со повредените да заздрават што е можно побрзо. Немам зборови со кои можам да ја опишам оваа голема трагедија, но во овие мигови потребна ни е солидарност, сплотеност и секако одговорност. Кочани 16.03.2025 – Никогаш и никаде да не се повтори!,  истакна градоначалник Дарко Костовски.

Тетово – Дваесетина работници од работната единица Паркови и зеленило при Јавното комунално претпријатие „Тетово“ денес останаа во кругот на нивните простории и не излегоа на терен да работат во знак на револт што не им се исплатени три плати и придонеси за вкупно 14 месеци.

Според овие работници вкупно 190 вработени во ЈКП „Тетово“ се соочуваат со истата ситуација, а освен нив се и одделенијата за православни гробишта, службата за чистење на улиците со метли и администрација.

- Не ни е исплатена плата за декември 2023 година, јануари 2025 и февруари 2025 година. Не ни се платени придонеси од декември 2023 заклучно со ноември 2024 година, како и за јануари 2025 и февруари 2025 година, информираат работниците.

Остани поврзан