• вторник, 17 декември 2024

Цветиновата Декларација за мир и против нуклеарното оружје ја потпишаа повеќе од 2500 граѓани

Цветиновата Декларација за мир и против нуклеарното оружје ја потпишаа повеќе од 2500 граѓани

16 декември 2024 

Повеќе од 2.500 граѓани досега ја потпишаа Декларацијата за мир во светот и против војните и употреба на нуклеарното оружје, предложена од македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин. Овој документ ќе биде доставен до светски носители на јавни и политички функции со порака да сопрат сите воени дејствија во светот и веќе да не се размислува за потенцијалите на нуклеарното оружје како опција за решавање воени конфликти. Декларацијата за мир постојано ќе биде достапна за потпишување во институции и компании преку членовите на Цветиновиот комитет за мир.

Тие ја подготвија оваа Декларација по повод одбележување на 79-годишнината од употребата на нуклеарно оружје во Хирошима (06.08.1945) и Нагасаки (09.08.1945). Како што објаснува Поповски –Цветин, членовите на Цветиновиот комитет за мир ја адресираат Декларацијата до сите држави кои поседуваат нуклеарно оружје, до носители на Нобелова награда за мир, до носители на Нобелова награда за литература, до Нобеловиот комитет за доделување на Нобеловата награда во Норвешка и Шведска, до сите физичари, хемичари, економисти и други научници во програми за нуклеарно вооружување, до Влади и до сите мирољупци и мировни работници со барање сите да се ангажираат во насока на уништување на нуклеарните програми за воени цели и пренамена на средствата кон мировни проекти, идеи и иницијативи.

На Струшките вечери на поезијата 2024 година, Декларацијата за мир во светот и против војните и употреба на нуклеарното оружје ја потпиша и францускиот поет Жан Пјер Симеон, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, кој порача носителите на јавни функции повеќе да читаат поезија.

Живко Поповски – Цветин, како хуманист и кандидат за Нобеловата награда за мир, ги повикува државите да не употребуваат нуклеарно оружје на ниту една точка на земјината топка, да ги уништат сите боеви глави кои разоруваат и уништуваат, да не го повторат теророт, страдањата и траумите од употребата на нуклеарното оружје, да не финансираат развој на нуклеарна програма во воени цели и сите научници да не прифаќаат и да не учествуваат во програми со разорна нуклеарна моќ.

Цветин ја бие битката за мир и просперитет во светот повеќе од четири децении преку неговата препознатлива мисија „Цвеќе на мирот“, подарувајќи повеќе од 70.000 уметнички слики – цвеќе на државници, поети, музичари, хуманитарни, здравствени и просветни работници, екологисти и друго. Досега организирал над 300 изложби во Македонија, Шведска, Полска, Германија, Италија, Канада, САД, Србија, Хрватска и други земји.

 Цветинов комитет за мир

_____________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан