Премиера на детската претстава „Принцезите против вештерките во одбрана на Дедо Мраз“
- Членовите на драмското студио „Миладин“ од Струга в сабота премиерно ќе ја изведат детската претставата „Принцезите против вештерките во одбрана на Дедо Мраз".
Струга, 17 декември 2024 (МИА) - Членовите на драмското студио „Миладин“ од Струга в сабота премиерно ќе ја изведат детската претставата „Принцезите против вештерките во одбрана на Дедо Мраз".
Режисер на претставата е Ристе Миладинов, кој за МИА посочи дека на барање на публиката се одлучиле да подготват еуфорична предновогодишна бајка.
- Новогодишни претстави речиси и да нема во Струга, а публиката ги сака, па затоа се одлучивме за нешто весело, еуфорично, каде главниот лик го има Дедо Мраз, истакна Миладинов.
Насловот на претствата, открива, ја раскажува целата приказна.
- Лошите вештерки сакаат да ги измешаат Новогодишните пакетчиња подготвени од Дедо Мраз за умните дечиња, на девојчињата да им даде машки играчки, количиња, топки..., додека момчињата да добијат кукли и фустанчиња. Принцезите од бајките се договараат да му помогнат на добриот дедо и да не им дозволат на вештерките да успеат во лошотијата, раскажува Миладинов.
Со тоа, нагласува, сакаат да испратат порака дека доброто секогаш победува и оти вештерките се немоќни над добрината.
Претставата ќе биде одиграна на големата сцена во центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а влезот е 150 денари. сс/дма/
Фото:Плакат