Во четврток во Корча научна конференција „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“
- Македонското друштво „Сонце“ од Корча, во соработка со Универзитетот „Фан С. Ноли“ од истиот град и мрежата за промоција на јазичната различност од Брисел, организираат научна конференција на тема: „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.
Дебар, 17 декември 2024 (МИА) - Македонското друштво „Сонце“ од Корча, во соработка со Универзитетот „Фан С. Ноли“ од истиот град и мрежата за промоција на јазичната различност од Брисел, организираат научна конференција на тема: „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.
Научнaта конференција ќе се одржи на 19 декември (четврток), со почеток во 10:30 часот, во просториите на библиотеката „Битолски конгрес“ при Педагошкиот факултет во Корча.
-На конференцијата со свои излагања ќе учествуваат универзитетски професори и научници од Корча, Тирана и Македонија, како и активисти од македонската заедница во Албанија. Во рамките на настанот ќе биде поставена изложба на фотографии и документи кои го отсликуваат образованието на македонски јазик во Албанија, како и книги на македонски јазик напишани од Македонци во Албанија, информираше за МИА, Васил Стерјовски, претседател на Македонското друштво „Сонце“.
Според Стерјовски, кој е и професор на Универзитетот „Фан С. Ноли“, целта на конференцијата е да се одбележи значајниот јубилеј на македонското образование во Албанија, да се почитуваат и запаметат сите оние кои дале значаен придонес за развојот на образованието на мајчин јазик и да се истакне потребата за понатамошен развој на образовниот процес на Македонците во Албанија.
-Настанот е од големо значење за промоција и зачувување на македонскиот јазик и културен идентитет во Албанија. Во декември 1944 година, Македонците во областите на Мала Преспа, Голо Брдо и селото Врбник во Деволската област започнаа настава на македонскиот јазик во образовниот процес во Албанија. Во Голо Брдо во 1948 година наставата на мајчин македонски јазик е укината. И покрај нашите, во континуитет, барања, до албанските власти, да се врати наставата на мајчин македонски јазик во оваа област, сè уште остануваат не реализирани, посочува тој.
Научна конференција на тема: „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“, беше одржана пред пет години во Тирана. вт/дма/
Фото: Плакат