• среда, 18 декември 2024

Ахмети во Приштина, градоначалникот ќе му го врачи клучот на градот

Ахмети во Приштина, градоначалникот ќе му го врачи клучот на градот

Скопје, 17 декември 2024 (МИА) - Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети денеска престојува во посета на Приштина.

Како што јавува косовски „Економија онлајн“, за време на посетата на Косово, на Ахмети ќе му биде врачен клучот на градот од страна на градоначалникот на Приштина, Прпарим Рама.

Дел од медиумите во земјава утринава пренесоа Фејсбук-статус на извесен Исмет Сулејмани, наводно косовски бизнисмен, кој објави фотографија од средба со Али Ахмети во Приштина. Фотографирани се во кафуле.

- Историско кафе со Али Ахмети во Приштина. Утринско кафе во Приштина со лидерот на народот, татковината и албанската нација, мојот пријател Али Ахмети и генералниот секретар на ДУИ, Фатон Ахмети. Исмет Сулејмани. Приштина, 17 декември 2024 година!, напиша Сулејмани под фотографијата објавена на фејсбук-профилот.

Посетата на Ахмети на Косово доаѓа откако викендов од земјава таму замина поранешниот прв вицепремиер, ексминистер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби. Во објава на својот фејсбук-профил од пред два дена, Груби напиша дека бил во приватна посета на Косово и дека не е избеган од државата откако такви неофицијални информации почнаа да кружат на социјалните мрежи во неделата вечерта.

Полициски екипи вчера вршеа претрес во домовите на Груби и на поранешниот директор на Државната лотарија, Прпарим Бајрами. И двајцата не беа пронајдени во своите домови. Груби и Бајрами се сомничат дека во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата. ОЈО Скопје побара Кривичниот суд на двајцата да им одреди мерка притвор. фф/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан