Тројцата обвинети полицајци од Кочани не се чувствуваат виновни во предметот поврзан со „Пулс“
- Тројцата обвинети полициски службеници од Кочани денеска пред судот изјавија дека не се чувствуваат виновни по обвинението што произлегува од постапувањето по контролите поврзани со дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што на 16 март минатата година во пожар загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Скопје, 3 март 2026 (МИА) - Тројцата обвинети полициски службеници од Кочани денеска пред Основниот кривичен суд во Скопје изјавија дека не се чувствуваат виновни по обвинението што произлегува од постапувањето при контроли поврзани со дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што на 16 март минатата година во пожар животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.
Со читање на обвинителниот акт од страна на обвинителката Ивана Трајчева од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) почна судскиот процес против тројцата полициски службеници од Полициската станица Кочани, обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањето во предмет поврзан со извршени контроли во угостителскиот објект „Пулс“.
Како што посочи Трајчева, на обвинетите им се става на товар дека при извршување акциски контроли во угостителскиот објект „Пулс“ не постапиле во согласност со пропишаните правила утврдени во анекс-плановите за акциска контрола и во записниците навеле неактивно правно и одговорно лице, кое, како што појасни, не било активно во клубот во моментот на контролата.
- Тие правила се точно наведени во анекс-планот за акциска контрола и затоа Обвинителството го предлага токму анекс-планот како доказ во оваа постапка. Во тој анекс-план е прецизирано што треба да преземат полициските службеници, како и кои податоци треба да се обезбедат од одговорното лице во правното лице каде што е констатиран прекршок, врз основа на соодветна документација, со цел тие да бидат внесени во записниците за констатирани прекршоци - посочи Трајчева.
Во конкретниот случај, додаде таа, не била побарана материјална документација, туку службениците во записниците внеле податоци „онака како што им било кажано“. Со тоа, според Обвинителството, прекршочната казна, наместо на активното правно лице „Пулс“, била насочена кон неактивното правно лице „Класик“ и кон лице што фактички не било одговорно.
Посебно беше истакнато дејството на третообвинетиот, кое се однесува на потпишувањето и поднесувањето на барањата за поведување прекршочна постапка.
Обвинителката наведе дека иако третообвинетиот имал можност да ги провери податоците, сепак потпишал барања со неточни информации и ги поднел до судот во Кочани, каде што постапките сè уште се во тек и одлуки не се донесени. Со евентуално донесување одлуки врз основа на таквите податоци, имотна корист би стекнале активното правно лице и неговото вистинско одговорно лице, кои на тој начин би избегнале санкција.
Во конкретниот случај, истакна Трајчева, наместо казната да биде изречена за „Пулс“, таа била насочена кон „Класик“ ДООЕЛ Кочани.
Според обвинението, во периодот од 7 октомври 2023 до 7 февруари 2024 година обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров, како службени лица, не ги извршиле своите службени должности, односно не постапиле во целост по анекс-плановите за акциска контрола од 5 октомври и 24 ноември 2023 година при изготвување записници за извршена контрола.
Во записниците, како што наведе Трајчева, биле констатирани прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, но биле внесени неточни податоци за правното лице кабаре „Пулс“ во Кочани.
Според обвинителниот акт, третообвинетиот Александар Темелков, при одобрување на барањата за поведување прекршочна постапка од 1 и 7 февруари 2024 година не ја проверил целокупната документација приложена кон нив иако бил должен тоа да го стори, туку ги потпишал и ги поднел до судот во Кочани. Барањата биле изготвени против неактивното правно лице „Класик“ ДООЕЛ Кочани и физичко лице посочено како одговорно во „Пулс“, иако, според обвинението, тие не биле активни субјекти во моментот на постапувањето.
Со ваквите дејства, нагласи Трајчева, тројцата обвинети прибавиле имотна корист за „ММММ кафе“ ДООЕЛ Кочани, подружница кабаре „Пулс“, како и за одговорното лице, на начин прецизно опишан во обвинителниот предлог.
Според Обвинителството, доколку била донесена одлука врз основа на таквите барања, казната би се однесувала на неактивно правно лице и лице што фактички не било одговорно, со што активното правно лице и вистинското одговорно лице би избегнале санкција.
По завршувањето на рочиштето, обвинителката Трајчева, одговарајќи на новинарско прашање во врска со правната квалификација на делото, потврди дека станува збор за дело за кое максималната запретена казна изнесува до три години затвор во согласност со измените на Кривичниот законик.
Судењето продолжува на 18 март со испитување сведоци предложени од Обвинителството. ра/са/
Фото: МИА архива