Меџити: Поставен камен-темелник на базенот во ОУ „7 март“, втор од трите предвидени на територија на Општина Чаир
- На поставувањето на камен-темелникот на базенот, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, потсети дека едниот базен во ОУ „Исмаил Ќемали“ треба да биде завршен за две-три недели, додека за третиот базен на територија на Општина Чаир, во рамки на кампусот на Универзитет „Мајка Тереза“, веќе е потпишано одобрението.
Скопје, 4 март 2026 (МИА) – Општина Чаир почна со градба на вториот од трите предвидени базени на нејзина територија. Во Основното училиште „7 март“ денеска започна изградбата на затворен базен со должина од 25 метри и ширина од 8,8 метри, со променлива длабочина за учење и тренинг – проект во вредност од еден милион евра.

На поставувањето на камен-темелникот на базенот, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, потсети дека едниот базен во ОУ „Исмаил Ќемали“ треба да биде завршен за две-три недели, додека за третиот базен на територија на Општина Чаир, во рамки на кампусот на Универзитет „Мајка Тереза“, веќе е потпишано одобрението.
-Оваа инвестиција создава соодветни услови секој ученик да го научи пливањето и да ги развива своите спортски способности во безбедни услови. Се отвора можност за организирање на локални натпревари за унапредување на пливачкиот спорт на повисоко ниво, а предвиден е и развој на синхронизирано пливање, нуркање и создавање нов кадар на тренери и спасувачи во вода - изјави Меџити.
Објектот ќе располага со соблекувални, одвоено гардероби, тушеви, санитарни простории, простории за тренери и судии, како и простории за спортска опрема.

Изградбата, како што е најавено, ќе се реализира со челична конструкција и армиран бетон согласно современите стандарди и безбедност и енергетска ефикасност, додека осветлувањето и термо-техничките системи се проектирани со современи решенија за одржливо функционирање.
Базенот се интегрира во постојниот простор на ОУ „7 март“, при што се задржуваат постоечкиот пристап и паркинг. аа/вј/
Фото: МИА