• четврток, 05 март 2026

МОН: Преку јакнење на образованието на Ромите - ги јакнеме и силата на заедницата и нејзината општествена улога

МОН: Преку јакнење на образованието на Ромите - ги јакнеме и силата на заедницата и нејзината општествена улога

Скопје, 4 март 2026 (МИА) - Со јакнење на образованието на Ромите, ја јакнеме силата на заедницата, а со тоа и нејзината општествена улога. Затоа Министерството за образование и наука е силно фокусирано на имплементирање на одредбите од стратегијата за инклузија на Ромите, кои се наша институционална надлежност во насока на обезбедување поквалитетно образование и придонес кон општествена еднаквост и социјална правда.

Ова го истакнала државната секретарка во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска, на презентацијата на нацрт-извештајот за процена на имплементацијата на стратегијата за инклузија на Ромите 2022 - 2030, што денес се одржа во Владата.

Како што информираат од МОН, Ивановска посочила дека во изминатиот период Министерството вложило сериозни напори за зголемување на опфатот на ученици Роми во основното, средното и во високото образование, за повисока стапка на задржување и транзиција од едно образовно ниво во друго и за создавање поинклузивна училишна средина.

- Преку континуирано зголемување на финансиската поддршка во форма на стипендии, стигнавме до бројка од 1.200 стипендии за средношколци и 150 за студенти Роми на годишно ниво. Поддршка е и тоа што средношколците Роми може да се запишат во посакуваната струка, дури и ако имаат до 10 отсто помалку поени од предвидените во конкурсот за упис во средно - рекла Ивановска.

Таа додала и дека туторството е веќе регулирано законски и оти бројот на ромски образовни медијатори во основното образование е зголемен на 50, а првпат годинава ангажирани се и 35 медијатори во средните училишта. сст/вј/

Фото МОН

Остани поврзан