• вторник, 12 ноември 2024

Трипуновски: Две фирми противправно земале субвенции од илјадници евра, ЈО да отвори истрага

Трипуновски: Две фирми противправно земале субвенции од илјадници евра, ЈО да отвори истрага

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска го обвини поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски дека додека бил прв човек во МЗШВ овозможил две фирми противправно да земат субвенции од илјадници евра.

Според Трипуновски, се работи за АРЕКСПОРТ ДООЕЛ Увоз – Извоз од Струмица кое, како што рече, незаконски земало околу 30 милиони денари субвенции и за ДЗС Илинден кое добило над 19 милиони денари. 

Трипуновски на прес-конференција повика Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага, со напомена дека овие два случаја се дел од вкупно петте на кои моментно се работи.

- Од денеска веќе нема ништо да биде исто. Почнуваме со објавување на сите сомнителни случаи и афери од претходното раководство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Љупчо Николовски како тогашен министер. Народот покрај тоа што виде како работеше Николовски, денеска ќе има и прилика да слушне што се случувало во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изминатите седум години и како одредени правни лица надвор од сите процедури и прописи земале државни пари, рече Трипуновски. 

Како што објасни, МЗШВ од 2019 до 2022 година со АРЕКСПОРТ ДООЕЛ Увоз – Извоз имало склучено 19 договори за вкупна површина од 1 416 хектари.

- По извршениот увид од страна на Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека за 11 договори со површина од 941 хектар не се почитуваат одредбите од Договорот од страна на закупецот и требало да бидат раскинати. При тоа врз основа на овие договори закупецот од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој остварил приход по основ на субвенции од 485 000 евра. Дополнително, закупецот требало преку бизнис план кој што го понудил до Министерството да инвестира над 2 милиони 450 илјади инвестиција на предметното земјиште, а во моментот на контрола од Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека има инвестиција околу 300 000 евра. Исто така, инспекторите констатирале дека закупецот нема платено закупнина за 2022-ра и 2023 година, со што дополнително е направена штета на Буџетот од 60 000 евра, посочи министерот.

Постапено е, додаде, спротивно на член 8 и 8-а од Законот за земјоделско земјиште и воопшто не е евидентирано земјоделското земјиште кое не е обработувано по основ на склучените договори, а не се преземени и никакви мерки за опомена, укажување или раскинување на договорите.

-АРЕКСПОРТ од Струмица користел по Договор земјоделско земјиште, не плаќал закупнина, не го обработувал, а спротивно од Законот користел субвенции од страна на државата со што оштетил директно Буџетот на Република Македонија. Токму поради тоа што МЗШВ во претходните години не реагирало на ваквото кршење на процедурите, се поставува прашањето дали свесно се дозволило ова правно лице да го оштети Буџетот на Македонија за повеќе од два милиона евра?, рече Трипуновски.

Во  однос на вториот случај, обелодени дека ДЗС Илинден со МЗШВ на 05.10.2000 година има склучено Договор за закуп во времетрање од 30 години за површина од 1.604 хектари, додека на 03.07.2005 е потпишан Анекс со кој што површината се намалува на 1.067 хектари, за подоцна, во 2010 година, повторно да се склучи Анекс и да се намали површината на 945 хектари државно земјоделско земјиште.

- Во 2019 година е поведен судски спор за неплатен закуп за 2017, 2018 и 2019 година, а месец септември 2021 година, по извршениот увид во списокот на должници од страна на Државниот инспекторат за земјоделство констатирано е дека закупецот не ги испочитувал обврските кои произлегуваат од Договорот за плаќање на закупнина и користење на државно земјоделско земјиштето, поради што се носи Изјава за еднострано раскинување на Договорот за закуп на земјоделското земјиште, која што е потврдена и со правосилна пресуда од Апелациониот суд - Скопје. Иако Изјавата за еднострано раскинување на Договорот за закуп била издадена на 28.09.2021 година, Министерството не го испочитувало членот 41-а став 5 од Законот за земјоделско земјиште и не доставило примерок од Изјавата за раскинување на Договорот за закуп, по електронски пат до Агенцијата за катастар на недвижности за бришење на прибележувањето на Договорот за закуп кој што го имал правниот субјект, рече Трипуновски.

Според него, поради неизвршување на законските надлежности и обврски од страна на Министерството (спроведување постапка за бришење од Единствениот регистер на земјоделски стопанства), како и поради некоординација со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, се овозможило на закупецот и по раскинување на Договорот за закуп, да може да продолжи да аплицира за субвенции.

-Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството за период од 2021 до 2023, вкупно три години на закупецот му исплатила над 19 милиони денари по основ на субвенции. И по раскинување на Договорот се исплаќале субвенции на овој правен субјект. Со ова се отвора дилемата дали овие пропусти од страна на институциите се шема за испумпување на повеќе пари од државниот буџет? Воедно, спротивно на член 14-а од Закон за земјоделство и рурален развој, ДЗС Илинден не е евидентиран на листите за должници додека имал право да го користи договорот од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Исто така, спротивно на член 15 од истиот Закон МЗШВ не го избришало Договорот за закуп од Единствениот регистер на земјоделски стопанства чија основа е поднесување апликација за субвенции и овозможило закупецот неосновано да се стекне со над 19 милиони денари субвенции, нагласи министерот.

Укажа и дека воедно, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството не направила контрола согласно член 48 од овој Закон и исплатила финансиски средства спротивно на одредбите од член 50, 51, 52 и 61.

-Ова се само два случаја поткрепени со цврсти докази кои потврдуваат дека системот и институциите се целосно разурнати, но и покажува едно недомаќинско и криминално работење од страна на претходното раководство на СДСМ и Николовски. Институциите мора да работат во служба на граѓаните и затоа го повикувам Јавното обвинителство веднаш да постапи и да истражи која била целта и зошто се дозволило овие два правни субјекти да добијат огромна сума на пари, државни пари, иако Министерството и другите надлежни институции требало навремено да реагираат. Овие се цврсти докази и индиции за сторен криминал и за таа цел до Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција ќе биде доставени соодветни пријави за натамошна истрага и целосно расчистување на овие два случаја, истакна Трипуновски според кој, никој не смее и не може да биде над законот.

Најави дека во многу скоро ќе обзнани и други случаи за злоупотреба на субвенции и буџетски средства.

- Овие два примера денеска еклатантно докажуваат дека двата правни субјекта надвор од процедурите бесправно користеле огромна сума пари и затоа сега имаме ситуација, земјоделците да имаат неисплатени субвенции зашто некој друг имал привилегија во делот на делењето, подвлече Трипуновски. мч/бак/

Фото/видео: МИА

Остани поврзан