Прекината седницата на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР
- Собраниската седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање на која првично беше како единствена точка на дневен ред ставена Информацијата за незаконското именување на директор на АНБ поднесена од пратеници од опозициската СДСМ, по на моменти жестоката процедурална дебата меѓу власта и опозицијата беше прекината без да биде утврден дневниот ред.
Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Собраниската седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање на која првично беше како единствена точка на дневен ред ставена Информацијата за незаконското именување на директор на АНБ поднесена од пратеници од опозициската СДСМ, по на моменти жестоката процедурална дебата меѓу власта и опозицијата беше прекината без да биде утврден дневниот ред.
Пратениците од парламентарното мнозинство во процедурална забелешка укажаа дека седницата била закажана без да биде запазаен Деловникот, односно по барање на една пратеничка група без поддршка на точката од една третина од пратениците, и без да бидат информирани сите пратеници на Собранието. Воедно, побараа да се дополни дневниот ред со две точки како прва и втора точка за посета на АР и на АНБ на 3 декември, односно на 16 декември по изнесените сомневања од страна на премиерот дека бил пруслушуван.
-Дајте да работиме по Деловник и по закон, ставете ги точките 1 и 2 за посета на Агенцијата за разузнавање и на АНБ. Тоа е основа на оваа комисија, во нејзина директна надлежност, и исклучиво оваа Комисија ја има таа надлежност. Сега вие да се вадите со некави техникалии дека вие не може да одите, е сосема ирелевантно. Комисијата има надлежност, не вие како поединец, вие не сте тој кој одлучува за мнозинството, вие само ја водите и усмерувате работата на Комисијата, согласно Деловникот. Затоа ве замолувам уште еднаш да ги ставиме точките на дневен ред што сум ги предложил, за што има согласност и од СДСМ, за нивно ставање. Да се произнесеме по првиот предлог, а потоа ќе се произнесеме и по предлогот на колешката Петровска, да не правиме од оваа Комисија театар. Нема да бегаме од точката, напротив, иако е неделовнички свикана ќе останеме на точката која што е предложена и ќе дебатираме по неа, побара пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска побара точките предложени од Ковачки да бидат ставени како втора и трета точка. Според неа, јасна е играта на парламентарното мнозинство да се блокира дебатата за информацијата поднесена од нивна страна, што како што рече зборува за демократскиот капацитет на парламентарното мнозинство.
-Кога зборуваме за надзор над работата на АНБ и на АР, треба да знаеме дека кон секое отворено прашање во јавноста треба да постапиме со ист аршин. Процедурално да одоговорам на колегите, ова не е барање за свикување седница туку иницијатива, насловена Информацијата за незаконското именување на директорот на АНБ, чија цел е сите прашања дебатирани во јавноста да ги дискутираме на отворена седница. Околу предлогот на колегата за дополнување на дневниот ред и дали е вистина тоа што го кажа премиерот околу незаконското следењето, е вистина или не, можеме да веруваме или не веруваме, но со оглед на значењето на оваа Комисија и од аспект на опозиција апсолутно го поддржувам предлогот да оствариме надзорна посета на двете институции, но тие точки да бидат ставени како втора и трета точка, рече Петровска.
Претседателот на Комисијата пратеникот Скендер Реџепи одби да ги стави двете точки за гласање со образложение дека според Деловникот, може но и не мора да ги стави предложените точки на гласање и оти ниту тој ниту заменик претседателот на оваа Комисија немаат безбедносен сертификан, па затоа не можат да бидат дел од тие посети на двете безбедносни институции.
-Точката е деловнички свикана, состанокот е деловнички свикан, можевте да поднесете барање за која било точка, ќе се дискутираше. Жалам што и директорот е тука сега, меѓутоа овие точки јас не можам да ги внесам, дали е тоа во ред одлучува претседателот на Комисијата, јас од таа причина констатирам дека не може да се има надополнување, може но не мора. Истото важи и за коалицијата на СДСМ и за коалицијата на мнозинството, јас одлучувам како претседател на Комисијата, не е во ред како претседател на Комсијата да не можам да присуствувам на тие посети и овие точки не ги ставам на дневен ред, рече Реџепи.
Реплицираше Ковачки, дека кога пратеник предлага измена и дополна на дневен ред се става на гласање и одлучува мнозинството, и тоа не може да биде работа на хир на претседателот на Комисијата, оти со непочитување на Деловникот ризикува да му биде поднесена интерпелација. По што претседателот на Комисијата Реџепи ја прекина седницата.
На прес-конференциите што уследија по Комисијата, власта и опозицијата повторно ги соочија неивните ставови околу денешната седница на Комисијата.
Славјанка Петровска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ потврдило дека Бојан Христовски е незаконски именуван за директор на АНБ.
-Она што денеска го видовме на седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање е чист доказ дека бегаат од соочување со јавноста по ова прашање. Злоупотребувајќи го мнозинството тие денеска спречија одржување седница и расправа за прашања, чии одговори ги чека цлата јавност и македонска и меѓународна. Ова денешно однесување на власта покажува само едно, тиранија на мнозинството и целосно отсуство на демократски капацитет за владеење на правото. Казна за Република Северна Македонија е вакво праламентарно мнозинство да спроведува реформи на безбедносните служби, рече Петровска.
Таа оцени дека е несфатливо, Комисија, која треба да врши надзор над работата на безбедносните служби да го има парламентарното мнозинство и најави дека во координација со пратеничката група на СДСМ, ќе иницира промена на Деловникот, бидејќи ако сакаме да направиме вистински надзор еднаш засекогаш во оваа држава тогаш треба навистина да се договориме за демократски принципи.
Според неа неприфаќањето на нејзниниот предлог точките на мнозинството да бидат ставени како втора и трета, целта не им била да се направи надзорна посета, во прв план беше да не се одржи денешната седница и од позиција на мнозинство, за жал, вели, успеаја во тоа.
-Можеби политички сега се среќни дека успеале да го поштедат директорот од прашањата, кои имав намера и јас и останатите да ги поставиме, но Македонија денеска не е среќна, затоа што тоа не враќа во едни времиња кога да службите беа злоупотребувани и беа следени луѓе а истото тоа сега ќе продолжи, кажа Петровска и најави дека ќе поддржат секакво конструктивно решение за оваа Комисија да почне да работи.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски пак на прес-конференција во Собранието ги потвтори партиските ставови дека како што рече сите заедно бевме сведоци на еден груб обид, несмасен обид од страна на опозицијата на СДСМ и ДУИ и нивните коалициони партнери за грубото кршење на Уставот, законите, процедурите, во овој случај и Деловникот за работа на Собранието.
-Имено, како што сите видовте на самата седница која што беше отворена, ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери имаа јасна намера да ја поддржат иницијативата иако имаше деловнички пречки за истата, иако не беа исполнети условите коишто налагаат од страна на Деловникот, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржеше иницијативата да се дискутира на оваа точка. Тоа беше недвосмислена намера, тоа јасно го укажавме и јасно го покажавме на самата седница. Она што фрапира е неможноста за една основна потреба за изјаснување согласно деловничките одредби за дополнување на точки на дневен ред. Ниту на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ ниту пак на предлогот на СДСМ, претседателот на Комисијата кој доаѓа од редовите на опозицијата воопшто не дозволи изјаснување на самиот предлог на точките на дневен ред и навистина не ми е јасно зошто колешката има несогласување или нешто не и е јасно. Доколку имаат несогласување со претседателот, доколку имаат револт во однос на работата на Комисијата слободно може да поднесат интерпелација кон претседателот на Комисијата која ние ќе ја поддржиме, рече Јаревски.
За тоа како може да се овозможи Комисијата да стане функционална, Јаревски рече дека претседателот доаѓа по предлог од редовите на опозицијата, тоа е нивно место, и доколку има предлог ќе го разгледаат и ќе го поддржиме.
-Доколку нема ние не можеме со сила да ги натераме како што бевте сведоци денеска. Ја прекинаа седницата не спречија да работиме. Како можеме да го примораме со сила да работи? Исто може да се случи и со наши, не знам, 10-ина нови точки коишто ќе ги дадеме како предлози за работа доколку не ја свика седницата што можеме да направиме, рече Јаревски.
Пратениците на СДСМ го оспоруваат именувањето на директорот на АНБ Бојан Христовски. Сметаат дека Владата не ги почитувала одредбите од законот во кој се пропишани условите за избор на директор на АНБ. Според нив, Христовски нема соодветно стекнато образование, лице кое при реформата не го поминало ветингот заради негова претходна инволвираност во незаконски дејствија на УБК. Дополнително, Христовски, како што се наведува, има лажен сертификат за познавање на странски јазик.
Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека директорот на Агенцијата за национална безбедност ги исполнува условите согласно законот. Во изјава за медиумите дадена на 27 октомври премиерот ја повика Антикорупциската комисија во најбрз рок да се произнесе по овој случај по обвинувањата од опозицијата дека Христовски не ги исполнува условите да биде директор на АНБ. вг/ац/
Фото: МИА