• сабота, 23 ноември 2024

Средба Гаши-Борг: Пратениците можат да придонесат за разрешување на предизвиците со кои се соочува ОБСЕ

Средба Гаши-Борг: Пратениците можат да придонесат за разрешување на предизвиците со кои се соочува ОБСЕ

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со Јан Борг, претседавач на ОБСЕ, заменик-претседател на Владата и министер за надворешни и европски работи и трговија на Малта, во рамките на неговата работна посета на земјава.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Гаши оценил дека средбата претставува уште една потврда на значењето што малтешкото претседавање со ОБСЕ го придава на парламентите и парламентарната дипломатија.

Тој нагласил дека Собранието активно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, кое врши улога на витална врска меѓу владиниот дел на ОБСЕ и пратениците кои се директно избрани од граѓаните, информирајќи дека членовите на Делегацијата во ПС на ОБСЕ ги набљудувале изборите во САД, што се одржаа на 5 ноември годинава.

Гаши меѓудругото истакнал дека како земја домаќин на првата теренска мисија на ОБСЕ, која сè уште е активна, Северна Македонија може од прва рака да посведочи за придобивките од теренското присуство на ОБСЕ. Тој се осврнал и на претседавањето на земјава со ОБСЕ во 2023 година, што го оценил како круна на нашата соработка со Организацијата.

Претседавачот со ОБСЕ, Јан Борг, информирал за активностите на малтешкото претседателство со Организација, при што се осврна на напорите за постигнување консензус за буџетот и за избор на генерален секретар, претставник за слобода на медиумите, висок комесар за национални малцинства и директор на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОБСЕ/ОДИХР).

Тој оценил дека Парламентарното собрание на ОБСЕ е една од најзначајните институции на Организацијата, а пратениците, со своето влијание врз претставниците на владите, можат да придонесат за разрешување на предизвиците со кои се соочува ОБСЕ.

Министерот Борг, исто така, се осврнал на европската интеграција на земјава и нагласил дека Малта отсекогаш ја поддржува политиката на проширување на ЕУ.

Шефот на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ, Моника Зајкова, нагласи дека претседавањето со најголемата регионална организација забезбедност и соработка во турбулентни времиња претставува чест и предизвик и му посака на министерот Борг успешно завршување на претседателството со ОБСЕ. Таа оцени дека пратениците можат да одиграат значајна улога во генерирањето политичка доверба и промовирањето на улогата на ОБСЕ. нд/вј/

Фото: Собрание

Остани поврзан