• сабота, 23 ноември 2024

Муцунски-Борџ: Преку заедничка заложба за основните вредности на ОБСЕ, до зајакнување на отпорноста и безбедноста

Муцунски-Борџ: Преку заедничка заложба за основните вредности на ОБСЕ, до зајакнување на отпорноста и безбедноста

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Потребата од заеднички и координиран пристап во справувањето со сериозните предизвици со кои се соочува ОБСЕ, вклучувајќи го конфликтот во Украина, прашањето за финансирање на организацијата, изборот на раководни позиции и долгорочната стабилност на ОБСЕ биле во фокусот на средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за надворешни и европски работи и трговија на Малта и претседавачот на ОБСЕ, Иан Борџ.

Како што соопштуваат од МНРТ, покрај мултилатералната соработка, на средбата се разгледале и билатералните односи помеѓу двете земји и можностите за нивно продлабочување и унапредување.

Во текот на состанокот на ОБСЕ Тројката, министерот Муцунски ја истакналпосветеноста на Северна Македонија како член на Тројката и дал поддршка за активниот ангажман на Малта.

Исто така, била истакната заедничката заложба на ОБСЕ Тројката во одбрана на основните вредности на ОБСЕ – мирот, безбедноста и меѓусебната соработка – како основа за долгорочна стабилност во регионот и пошироко.

Во своето обраќање пред медиумите на прес-конференцијата по средбата, министерот Муцунски изрази надеж дека малтешкото претседателство заедно со идното финско претседателство, дополнително ќе ги зајакне целите на ОБСЕ преку политички дијалог, демократски средства и добро владеење.

- Во овој контекст, се согласивме дека на ОБСЕ како најголемата регионална безбедносна организација, во денешниот сложен геополитички контекст, и треба стратегиска предвидливост и функционална непреченост , посочи министерот Муцунски. 

Министерот за надворешни и европски работи и трговија на Малта и претседавачот на ОБСЕ, Иан Борџ, истакна дека токму мотото на нивното претседателство, зајакнување на отпорноста и безбедноста, се фокусира на обезбедување ОБСЕ да остане функционална организација и да има влијанија таму каде што е најпотребна.

- Гледаме силно усогласување меѓу приоритетите на владата на РСМ и заложбите на ОБСЕ во земјата. Силно ја ценам иницијативата на владата да го формализира стратешкото партнерство со нашата мисија овде. Имаме пет споделени приоритетни области и длабоко ја ценам посветеноста на владата а ги овозможи меморандумите за разбирање меѓу мисијата и Северна Македонија, кои што ќе ѝ помогнат оваа соработка да се одвива побрзо и поделотворно, рече тој.

Во однос на прашањето за состојбата помеѓу земјите членки и дали е разрешен проблемот со буџетот на ОБСЕ, Борг одговои дека има тековни дискусии.

- ОБСЕ е организација со 57 земји учеснички. Ситуацијата е таква каква што е со буџетот. Има една земја учесничка која води воена агресија против друга земја учесничка. Имајќи предвид за да донесете одлука ви е потребно едносгласност, имаме тековни дискусии, преговори и одобрувањето на буџетот се чека веќе неколку години. Се разбира, ова има влијание врз функцоналноста на организацијата, рече тој.

Дополни дека една од причините поради која посветил време да ги посети повеќето од мисиите на ОБСЕ, била да им се заблагодари на претставниците на ОБСЕ и да ги увери дека повеќето од земјите учеснички се посветени на изнаоѓање решение.

- Сѐ уште нема одговор, но нема да се откажеме и со нетрпение очекувам да продолжам да соработувам во рамките на тројката и со идното претседателство на Финска да го разрешиме ова прашање, посочи тој.

Од министерството дополнуваат дека по билатералната средба помеѓу министрите Муцунски и Борџ, се одржала  и состанок на ОБСЕ Тројката, со учество на министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Малта и Финска, Елина Валтонен. ар/нд/

Фото:МНРТ

 

Остани поврзан