Промоција на збирката поезија „Отуѓеност“ во библиотеката „Искра“ во Кочани
Кочани, 2 март 2026 (МИА) - Во ЈОУ Библиотека „Искра“ во Кочани денеска ќе се одржи промоција на новата збирка поезија „Отуѓеност“ од штипскиот автор Методи Бојаџиски. Промотор ќе биде драматургот Трајче Кацаров.
„Отуѓеност“ е современа поетска збирка која ги обработува темите на емоционалната дистанца, оддалеченоста меѓу луѓето и личните преиспитувања во динамиката на современото живеење. Преку интимен и рефлексивен израз, авторот ја доловува состојбата на човекот во време на брзи општествени промени,најавуваат организаторите.
Методи Бојаџиски е роден 1974 година во Штип. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистерските студии ги завршил на American Public University во САД, од областа на меѓународна политика и меѓународни конфликти. „Отуѓеност“ е негова втора стихозбирка, по првото дело „Испланиран немир“, објавено во списанието „Современост“ во 2023 година.
Промоцијата, во просториите на кочанската Библиотека „Искра“, започнува во 17 часот. ис/дма/
Фото: плакат „Искра“