• сабота, 06 декември 2025

,,Порака Наша" одбележа 19 години постоење

,,Порака Наша

Куманово 5 декември 2025 (МИА) - Здружението Регионален центар за лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“ од Куманово, денеска одбележа 19 години од функционирањето. Локалната власт, донаторите, бизнис-заедницата, граѓаните-поединци, претставниците од училиштата и учениците го честитаа празникот и на корисниците и на тимот, кој веќе деветнаесет години придонесува за зајакнување на свесноста за процесот на инклузија, како и за развивање на самоодржливи и активни чинители во локалната заедница.

- Денесka со голема гордост ја одбележуваме уште една година исполнета со раст, заедништво и напредок во Здружението ,,Порака Наша". Нашата главна мисија останува иста, професионална рехабилитација и реинтеграција, како и стекнување вештини за независно живеење на лицата со интелектуална попреченост, преку учење и развивање на работни способности кои им овозможуваат поголема самостојност, достоинство и активно учество во заедницата. Во рамките на секојдневните активности, нашите корисници стекнуваат конкретни знаења и работни навики: од сублимација на производи, шиење на машина, па сè до новите активности што наскоро ги воведуваме – изработка на украсни миризливи свеќи. Секој нивен чекор напред е резултат на посветеност, труд и желба да бидат рамноправни учесници во општеството, изјави Фросина Симоновска Антевска од „Порака Наша“.

ЗРЦЛИП „Порака Наша“ од Куманово е социјално-хуманитарна, невладина, непрофитна граѓанска-родителска организација која ги застапува правата и интересите на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.

- Мојата лична приказна во центарот започна како волонтер. Денес, како вработена, сведочам на огромниот напредок не само на организацијата, туку пред сè на секој корисник поединечно. Да се види како стекнуваат сигурност, работни навики, меѓусебна доверба и вера во сопствените способности – тоа е нашата секојдневна мотивација. Во оваа прилика сакаме дополнително да го поттикнеме бизнис-секторот кон поголема поддршка и вклучување: преку партнерства, промоција на нашите производи и, најважно, отворање работни можности за лицата со попреченост. Нивното вклучување на пазарот на труд не е само чин на општествена одговорност, туку инвестиција во заедница која верува во еднаквост, разновидност и шанса за сите, кажаа Јелена Стаменковиќ од „Порака Наша“.

Од 2023 година здружението е лиценциран давател на социјалната услуга центар за рехабилитација и реинтеграција. Овој центар претставува специјализирана услуга за поддршка на возрасни лица со умерена и тешка интелектуална попреченост над 18-годишна возраст, каде преку примена на иновативни помагала и индивидуални програми се развиваат вештини за самостојно живеење. Истовремено, нивните семејства добиваат соодветна стручна поддршка, совети и оспособување за полесно справување со секојдневните предизвици.

-Развивањето на вештините за независно живеење значајно придонесува за подобро и полесно интегрирање на лицата со интелектуална попреченост во локалната заедница. Корисниците на „Порака наша“ се веќе препознатливи во градот – активно учествуваат во различни општествени настани, проекти и иницијативи, што силно влијае врз подигнување на јавната свест во Куманово дека секој човек треба да има можност да биде рамноправно вклучен во локалната заедница и нејзиното функционирање. Им се заблагодаруваме на сите кои нè поддржуваат, веруваат во нашата работа и го препознаваат потенцијалот на нашите корисници. И се надеваме дека уште многу години заедно ќе градиме поинклузивно општество,  изјави Мартина Костовска од Порака Наша.

Особено значајна компонента во работата на Центарот е професионалната рехабилитација, која овозможува корисниците да стекнат практични и работни вештини прилагодени на нивните способности. Преку организирани работилници, обучувања и поддршка во реални работни услови, лицата развиваат рутини, одговорности и компетенции што ја зголемуваат нивната подготвеност за вклучување во заштитени или поддржани работни места. Ова не само што ја зајакнува нивната самодоверба и функционална независност, туку и придонесува кон нивно поголемо учество во економскиот и општествениот живот на заедницата.ам/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан