• сабота, 06 декември 2025

Општина Делчево и Црвениот крст со нов меморандум за соработка; Одбележан и Светскиот ден на волонтерите

Општина Делчево и Црвениот крст со нов меморандум за соработка; Одбележан и Светскиот ден на волонтерите

Делчево, 5 декември  2025 (МИА) - Општина Делчево и Општинската организација на Црвениот крст денеска потпишаа Меморандум за соработка кој има за цел унапредување на хуманитарните активности, волонтерството, крводарителството и програмите од јавен интерес во заедницата.

Документот го потпишаа градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, и секретарот на Црвениот крст – Делчево, Ивана Ангеловски. Со Меморандумот се предвидува координирано делување на двете институции во областите на здравствено-превентивните програми, првата помош, крводарителството, подготовката и реакцијата при катастрофи, како и промоцијата на хуманите вредности и волонтерството.

Соработката опфаќа активности за промоција и организирање крводарителски акции, развивање програми за прва помош и превенција, здравствено-превентивни кампањи и едукации, дисеминација на Меѓународното хуманитарно право и јакнење на капацитетите на институциите за делување при катастрофи. Двете страни ќе преземат и обврска за заедничка промоција на активностите, формирање работни групи и развивање иницијативи за волонтерство и социјална одговорност.

Градоначалникот Гоцевски изрази благодарност за воспоставената соработка и истакна дека таа претставува значајна поддршка за ранливите категории граѓани, како и поттик за развој на хуманоста и волонтерството во Делчево.

По потпишувањето на документот во рамки на одбележувањето на 5 Декември – Светскиот ден на волонтерите, во Општина Делчево се одржа и свечен настан посветен на волонтерите и крводарителите. Настанот беше организиран како признание за сите кои несебично го даруваат своето време, енергија и хуманост за доброто на заедницата.
Особено внимание беше посветено на крводарителите, при што беа доделени 47 благодарници: една за граѓанин кој дарувал крв 100 пати, две за 50 дарувања, седум за 25 дарувања и 37 благодарници за 10 дарувања крв.

Градоначалникот упати благодарност до сите волонтери и крводарители, истакнувајќи дека „силата на една општина се мери преку подготвеноста да се помогне“, додавајќи дека Делчево може да се пофали со силна и солидарна заедница.
Во рамки на настанот претседателката на Општинската организација на Црвен крст, Билјана георгоиевска упати порака дека хуманоста да продолжи да биде движечка сила, а волонтерите и крводарителите да останат пример за надеж и човечност. вс/лв/


Фото: МИА

Остани поврзан