Мицкоски: Овој тим на СДСМ е осуден на пропаст, залудни им се советниците од Србија
- Ние играме многу тивко, анализираме, мериме пред да пресечеме и не правиме естрада од ништо. Едноставно ги движиме работите напред, тоа е нашата стратегија. Не сакаме премногу естрада и галама, туку се да биде одмерено и да не се случува хистерија со која ќе станеме здодевни кај граѓаните и претенциозни. Тоа не ни е желбата. Тоа не е добро. Затоа се трудиме на овој начин да ги водиме политиките, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Скопје, 25 март 2026 (МИА) - Ние играме многу тивко, анализираме, мериме пред да пресечеме и не правиме естрада од ништо. Едноставно ги движиме работите напред, тоа е нашата стратегија. Не сакаме премногу естрада и галама, туку се да биде одмерено и да не се случува хистерија со која ќе станеме здодевни кај граѓаните и претенциозни. Тоа не ни е желбата. Тоа не е добро. Затоа се трудиме на овој начин да ги водиме политиките, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Во синоќешното гостување на „Заспиј ако можеш“, Мицкоски рече дека актуелниот тим на СДСМ е осуден на пропаст.
-Залудни им се и оние советници од Србија под менторство на поранешниот советник на Заев кои од партијата направија прокси во делот на нашиот, се уште легитимен политички противник, а тоа е се уште во моментот СДСМ, односно коалицијата што таа ја предводи. Јас жалам што во некогаш државотворната СДСМ, денеска гледам една група луѓе што ја има целосно приватизирано со една реторика, со една стратешка порака која апсолутно не доликува на ваков тип политичка партија која што одбрала да ја поими политиката како принцип во кој ќе измислуваат и тогаш ќе ја испраќаат таа порака во јавноста, „растури ги пердувите, тие секако не можат да ги соберат сите пердуви, па дел од луѓето ќе ни поверуваат во тие лаги“, итн. Но, тоа е на краток рок. На среден и на долг рок, осудени се на пропаст и овој тим од Србија што е дојден овде под менторство на еден поранешен советник во кабинетот на поранешниот претседател на СДСМ и премиер, и луѓето кои тој ги донесе се луѓе кои не носат нешто револуционерно. Не се луѓе кои носат нешто што може СДСМ да ја врати на оние позиции во кои што беше препознаена можеби некогаш во минатото, истакна Мицкоски.
Според него, некој во СДСМ е веројатно барем малку свесен за тоа што се случува во партијата.
-Јас не знам дали е свесен СДСМ во целата ситуација дека игра улога на прокси, но мислам дека некој таму барем малку е свесен за тоа што се случува и мислам дека ќе преовладее некаков разум. Но тоа е нивна работа, нагласи премиерот Мицкоски. мч/вј/
фото: МИА архива