Министерството за култура и туризам на 60. Меѓународен саем на туризам во Берлин
- Република Македонија учествува на јубилејното, 60-то издание на најголемиот меѓународен саем на туризам „ИТБ Берлин“ (ITB Berlin), кој се одржува од денеска до 5 март во Берлин.
Скопје, 3 март 2026 (МИА) - Република Македонија учествува на јубилејното, 60-то издание на најголемиот меѓународен саем на туризам „ИТБ Берлин“ (ITB Berlin), кој се одржува од денеска до 5 март во Берлин.
Македонската делегација, која на саемот ја предводи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, придружуван од националниот координатор за туризам, Акан Махмут, ќе реализира повеќе билатерални средби со цел интензивирање на туристичката соработка, зголемување на туристичкиот промет и заеднички настап на трети пазари.
-На националниот штанд од 93 квадратни метри годинава се претставуваат рекорден број учесници од туристичкиот сектор од земјава, вклучувајќи македонски туроператори за дојдовен туризам, хотелиери и ТАВ-аеродроми Македонија. Учеството на саемот во Берлин е уште една потврда дека како држава продолжуваме со активна промоција на туристичките потенцијали на нашата земја, со фокус на одржлив развој, диверзификација на понудата и стратегиско позиционирање на клучните пазари, соопшти Министерството за култура и туризам.

Во соопштението наведува дека според Државниот завод за статистика, во 2025 година Северна Македонија ја посетиле 91 290 германски туристи, што е зголемување од 141 процент во однос на 2024 година.
-Во истиот период се реализирани 143 138 ноќевања, а тоа е раст од 93 отсто споредено со претходната година. Германските туристи најчесто ги комбинираат културниот туризам, природата, гастрономијата и автентичните локални искуства, особено ги ценат Охрид и Охридскиот Регион, како и ситибрејк во Скопје со посета на кањонот Матка. Тие покажуваат значителен интерес и за вински тури, дегустации на локална храна, рурални искуства и активен туризам, што претставува силна основа за понатамошно позиционирање на земјава како атрактивна и автентична европска дестинација, наведува Министерството за култура и туризам.
За саемот „ИТБ Берлин“ посочува дека од 1966 година е водечка глобална платформа за туризмот, каде што се среќаваат претставници од туристичкиот сектор, туроператори, авиокомпании, хотели и медиуми. Годинава земја партнер на саемот е Ангола. хс/дма/
Фото: Министерство за култура и туризам