• четврток, 05 март 2026

Законот за работно ангажирање на лица претставен во Тетово преку информативна сесија „Фер ангажман“

Законот за работно ангажирање на лица претставен во Тетово преку информативна сесија „Фер ангажман“

Тетово, 4 март 2026 (МИА) - Во Тетово денес се одржа информативна сесија насловена „Фер ангажман“ посветена на примената на Законот за работно ангажирање на лица.

Законот кој беше усвоен во мај 2025, а почна со примена во јануари 2026 година овозможува веќе вработени луѓе или пензионери да се ангажираат за привремени, сезонски или повремени работи во одредени сектори како земјоделство, угостителство и туризам, лични и домашни услуги, градежништво.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека фер ангажман значи дека работникот добива легален приход, уплатени придонеси за пензиско инвалидско осигурување и здравствена заштита во случај на повреда при работа.

- Невработените лица не ги губат своите права, ниту корисниците на социјалната заштита, минималниот надоместок по час е врзан за минимална плата и не може да биде понизок од законскиот минимум. Истовремено поставивме јасно ограничување за да спречиме злоупотреби. Ова не е замена за редовно вработување, туку инструмент за сезонски повремени потреби со јасно дефинирани рокови лимити и инспекциски надзор. Нашата цел е едноставна повеќе формална економија, повеќе заштитни работници и посилни бизниси, изјави министерот Дурмиши.

Тој наведе примери за Тетово, оценувајќи дека угостителството е еден од клучните сектори каде може да има ангажирање на сезонски и повремен кадар како келнери, готвачи, шанкери доставувачи и друг персонал со јасно утврдени правила.

- Објектите може истовремено да ангажираат до 10 лица и до 10 проценти од вкупниот број вработени преку целосно електронска постапка. Во земјоделството овозможуваме сезонско ангажирање до 180 дена годишно што е особено важно за Полошкиот Регион во дејностите на домаќинството се создава можност за легално ангажирање за чување на деца, грижа за стари лица и одржување, истакна министерот.

Според градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, овој закон како значајна структурна реформа, јасно ги регулира работните односи и директно влијае за развојот на локално ниво.

- Законот носи поедноставен и пофункционален пристап преку електронскиот систем за е-работа, но неговата суштина е подлабока. Тој прецизно ги утврдува правата и обврските на страните, ги регулира даночните аспекти и придонесите за социјално осигурување и, најважно, гарантира зачувување на стекнатите права како што се пензискиот стаж, статусот на студент и социјалната заштита. Со тоа се создава правна сигурност за работникот и предвидливост за работодавачот. За град како Тетово, со разновидна економија, сезонските и привремените ангажмани се секојдневна реалност. Затоа, правилната примена на овој закон значи намалување на неформалната економија, зголемување на фер конкуренцијата и воспоставување еднакви стандарди за сите, рече Касами.

Присутните на информативната сесија имаа можност да слушнат за конкретната примена на законот, процедурите за електронска регистрација и одјава, одговори на прашања поврзани со правата и обврските. ас/вј/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан