Едукативна музејска сликовница за македонските ајдутки, комитки, партизанки
- -Во оваа сликовница ги претставуваме Македонките кои иако условени од религиозни, патријархални, социјални, економски, политички и друг вид стеги, свесно станаа против стереотипите и предрасудите и, почнувајќи од поединечните форми на отпор и прифаќајќи ја борбата за слобода, активно се вклучија во организираното македонско ослободително движење односно Македонската револуционерна организација, кажа Митевска.
Скопје, 4 март 2026 (МИА) – Во пресрет на Денот на жената - 8 Март, Музејот на македонската борба за самостојност денеска ја промовираше едукативната сликовница „Македонките во битка – вистински приказни“ од авторките Ана Вишинова, музејски едукатор, и Даниела Митевска, кустос.
Таа е трета во едицијата музејски едукативни сликовници и е продолжение на претходните две - „Зад големата мисла“ од 2019, посветена на создавањето на Македонската револуционерна организација, и „Пламен и непокор“ од 2022, посветена на Илинденското востание. Овие сликовници се наменети за учениците во основното образование како дополнителен материјал во наставата по предметот историја.
За разлика од претходните две, третата сликовница во едицијата е објавена и со превод на англиски јазик. Посветена е на македонските ајдутки, комитки и партизанки.

Кустос Даниела Митевска, една од авторките на сликовницата, на промоцијата денеска истакна дека е посветена е на жени кои никогаш не биле пасивни набљудувачи на настаните туку активни учесници во процесите и борбата за човекови права и слобода.
-Во оваа сликовница ги претставуваме Македонките кои иако условени од религиозни, патријархални, социјални, економски, политички и друг вид стеги, свесно станаа против стереотипите и предрасудите и, почнувајќи од поединечните форми на отпор и прифаќајќи ја борбата за слобода, активно се вклучија во организираното македонско ослободително движење односно Македонската револуционерна организација, кажа Митевска.
Сликовницата го опфаќа и отпорот на македонската работничка, пролетерка, која го кренала гласот за поголеми права и социјална правда, како и на жените антифашистички борци од времето на Втората светска војна.
Директорката на Музејот на македонската борба за самостојност Анче Илиевска нагласи дека изданието ја прикажува упорноста и пожртвуваноста на жената. Како што рече, покрај образовна и воинствена нота, сликовницата ја претставува хуманоста на жените со нивното учество во голем број мисии за помош на настраданите во востанијата и војните, како и нивната креативност кога ги правеле и декорирале востаничките знамиња и други помошни материјали.

-Прикажани се жените учеснички во Балканските војни, Првата светска војна, НОБ, кои дале исклучителен придонес и поддршка во повеќе аспекти во развојот на ослободителната идеја и мисла. Опфатена е и жената во повоениот период и нејзините залагања за градењето на повоеното општество и целокупната нејзина свест за политичка борба, еманципација и унапредување на општеството, паралелно грижејќи се и за семејството, истакна Илиевска.
Покрај воспотно-образовните квалитети во содржината, сликовницата има и експресивни колоритни илустрации и фотографии што ја надополнуваат нарацијата. На тој начин изданието нуди објективно и разбирливо сознание за улогата и значењето на македонските жени во најзначајните настани и процеси кои Музејот на македонската борба за самостојност ги има презентирано во своите поставки.хс/са/
Фото: МИА