• четврток, 05 март 2026

Изработка на постојани музејски поставки во музеите на Скопско кале - најголем инвестициски проект на Археолошкиот музеј во 2026

Изработка на постојани музејски поставки во музеите на Скопско кале - најголем инвестициски проект на Археолошкиот музеј во 2026

Скопје, 4 март 2026 (МИА) - Вкупната инвестиција во културното наследство за 2026 година, поддржана од Министерството за култура и туризам, изнесува 13.260.000 денари, од кои најголемиот дел, односно 10.350.000 денари, се наменети директно за музејска дејност и заштита, информира Археолошкиот музеј на Република Македонија за одобрената годишна програма.

Како најголем инвестициски проект за оваа година се издвојува изработката на постојани музејски поставки во музеите на Скопско кале. Со предвиден буџет од 3.140.000 денари, овој значаен потфат ќе резултира со формирање на Музеј на праисторијата и Музеј на османлиското наследство, наведува Археолошкиот музеј во сопштение, кое МИА го пренесува интегрално. 

Нашата мисија е јасно дефинирана преку основните столбови: истражувања преку теренски активности, заштита и презентација преку конзервација, нови поставки и меѓународна соработка, како и одржливост преку унапредување на инфраструктурата. Годинава ќе се работи на вкупно 16 археолошки проекти низ државата. Во центарот на археолошките активности се издвојуваат две капитални истражувања: доистражувањето на римскиот каструм на локалитетот Исар во село Марвинци, Валандово, и систематските истражувања на некрополата од архајскиот период во струшко Корошишта.

Во делот на научниот пристап и иновациите, фокусот е насочен кон локалитетите Голема Пешт, село Здуње, каде што ќе се примени интегриран пристап кон палеоклиматолошки и археолошки истражувања, археолошки и интердисциплинарни истражувања на некрополата Мали Дол, с. Тремник, Неготино, како и кон виртуелната реконструкција на неолитска куќа од Тумба Маџари, проект со кој ќе се овозможи дигитална VR-презентација на неолитска куќа и на артефактот Голема мајка во склоп на постојаната музејска поставка.

Археолошките истражувања ќе се спроведуваат и на бројни други локалитети, меѓу кои неолитската населба Споменик (Атици), кај с. Црничани (Дојран), Ограѓе во с. Орман (Скопје), подводни археолошки и интердисциплинарни истражувања на локалитетот Врбник (Струга), Градиште во Долно Лакочереј (Охрид), римската некропола К'шла, с. Коњух, Големо Градиште - Коњух, Виничко Кале (Виница), Стакина Чешма ( Валандово), наколната населба Пенелопа (Охрид), Градот, с. Горни Дисан (Неготино), Тумба Сред Село, с. Дренок (Пробиштип). Ќе се изврши археолошко рекогносцирање на локалитетите на Македонскиот фронт од Првата светска војна на планината Беласица, тумуларните некрополи долж Вардар и Брегалница и археолошки преглед на теренот на територијата на општините Берово и Кратово.

Што се однесува до проектите за конзервација и заштита на движното културно наследство, ќе се продолжи со заштитата на археолошкиот материјал од локалитетот Расница, с. Корошишта, како и со непосредната заштита на музејски предмети од збирката епиграфика и камена пластика. Нов проект од оваа област е конзервацијата, реставрацијата и изложувањето во постојаната музејска поставка на поден мозаик од Карата Маала, Валандово. Ќе продолжи и проектот за формирање на компаративна археозоолошка збирка.

Националниот археолошки музеј во 2026 година со поддршка од Министерството за култура и туризам ќе работи на два проекта од областа на меѓународната соработка -  интердисциплинарниот проект „Под слоевите на времето - Исар Марвинци, патување низ животот, смртта и наследството на еден древен град“  и изложбата „Пајонските бронзи како симбол на женската моќ“ со вклучено технолошко усовршување и нови методи во презентацијата на археолошкиот материјал.

Годинава ќе се работи и на неколку публикации, како монографијата „Дебој, животот во Лихнид во античко време преку некрополата“ на авторот д-р Перо Арџанлиев, Зброник на Археолошки музеј бр. 16 и Македонски нумизматички гласник 7.

Заштитата на недвижното културно наследтсво ќе се спроведе преку популаризација и тековна заштита на археолошкиот локалитет Тумба Маџари и неолитското село и музеј на отворено на истиот локалитет.

Министерството за култура и туризам преку Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес за 2026 година ќе инвестира и во поправки и тековно одржување на установата, како и во купување машини и опрема во висина од 1.450.000 денари.

Дополнително, Археолошкиот музеј годинава од сопствениот буџет ќе издвои 4.000.000 денари за монографијата „Некрополите Мали Дол“ на д-р Александра Папазовска Санев, за создавање  интерактивна потрага со заплет за посетители на тема „Чуварите на изгубеникот симбол “ (во соработка со Креатива сторителинг), за санација и модернизација на музејско депо, осовреметување и проширување на конзерваторска лабораторија”, како и за проектот „Кратовско-злетовската област низ историјата”, во соработка со ИНИ и Карловиот универзитет.

-Со Годишната програма за 2026 година Археолошкиот музеј презема одговорна улога во зачувувањето на нашето непроценливо културно богатство. Нашата мисија, која ги спојува истражувањата, заштитата, презентацијата и одржливоста, не е само збир на активности, туку и прецизна институционална визија. Преку стратешките приоритети и стабилниот финансиски план, докажуваме како стручниот научен пристап и современите музејски поставки може да создадат трајни вредности, потврдувајќи го статусот на Музејот како вистински чувар на националниот идентитет, изјави директорката на Археолошкиот музеј, м-р Магдалена Манаскова. 

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан